1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што добива Македонија од новиот трговски договор со САД?

13 февруари 2026

Македонија и САД постигнаа рамковен договор за реципрочна трговија со укинување царини, нови извозни можности и продлабочена економска соработка.

https://p.dw.com/p/58eyT
царини САД
Македонија целосно ќе ги укине царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД. САД ќе задржат 15% тарифи за дел од македонските производиФотографија: Bronte Wittpenn/San Francisco Chronicle/AP/picture alliance/dpa

САД и Македонија постигнаа рамковен договор за фер и реципрочна трговија, со кој се отвораат нови можности за македонските извозници и се продлабочува билатералната економска соработка меѓу двете држави.

Според договорната рамка, Македонија целосно ќе ги укине царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД. Во исто време, Соединетите Американски Држави ќе задржат 15% тарифи за дел од македонските производи, но ќе разгледаат можност одредени категории да добијат царинска стапка од нула проценти.

Со првичната одлука на САД, во април минатата година американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за воведување реципрочни тарифи од 33% кон Македонија. Новиот договор ги заменува овие мерки со пониски и пофлексибилни тарифни правила.

Претседателот на САД, Доналд Трамп 2 април 2025
Со првичната одлука на САД, во април минатата година американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за воведување реципрочни тарифи од 33% кон МакедонијаФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Мицкоски: Договорот го зајакнува стратешкото партнерство со САД

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека договорот е јасен показател за продлабочување на стратешкото партнерство со САД.

„По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Оваа изјава претставува силен сигнал за поддршката што ја уживаме од САД и го трасира патот кон сеопфатен договор со тарифи не повисоки од 15%, а за некои производи и 0%“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека ваквите чекори ја зајакнуваат позицијата на Македонија како доверлив партнер: „Градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме меѓународната позиција. Ова е политика на конкретни резултати — чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.

Муцунски: Значаен исчекор за македонската економија

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски договорот го оцени како важен исчекор во трговската и економската соработка со САД, нагласувајќи дека македонските компании ќе имаат директни придобивки.

„Усогласивме заедничка изјава и рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар. Искрена благодарност до сите институции и тимот на македонската амбасада во Вашингтон“, изјави Муцунски.

Клучните одредби од рамковниот договор

Заедничката изјава објавена од Белата куќа опфаќа повеќе стратешки области и содржи следниве клучни точки:

Царини и трговски правила

  • Македонија целосно ги укинува царинските давачки за американски индустриски и земјоделски стоки.
  • САД ги задржуваат 15% тарифите, но ќе идентификуваат производи што може да добијат нула реципрочна стапка.
  • Двете држави ќе разгледуваат дополнителни прилагодувања на тарифите по финализирање на договорот.

Нетарифни бариери и земјоделие

  • САД и Македонија ќе работат на надминување на нетарифните бариери што влијаат врз билатералната трговија.
  • Ќе се одржуваат редовни консултации за олеснување на увозот на американски земјоделски производи.

Економска и национална безбедност

  • Договорот предвидува активности за заштита на синџирите на снабдување, борба против избегнување царини и координација во контролата на извозот.

Енергетика и инфраструктура

  • Се истакнува значењето на новиот гасен интерконектор со Грција, кој ќе овозможи купување американски течен природен гас (ЛНГ).
  • Македонија ќе започне со набавка на ЛНГ по завршување на проектот.

Животна средина, дигитална економија и услуги

  • Македонија се обврзува да одржува високи еколошки стандарди.
  • Двете земји ќе поддржат отворена дигитална економија, без данок на дигитални услуги.
  • Ќе се унапредуваат правилата за интелектуална сопственост и трудови стандарди.

Во соопштението од Белата куќа се наведува дека двете држави ќе продолжат да работат на финализирање на договорот, подготовка за негово потпишување и спроведување на потребните домашни процедури за стапување во сила.