1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Иран ги нападна Израел и Кувајт– Трамп се заканува

ЖА / агенции
3 април 2026

Израелската армија пријави нов бран ракетни напади од Иран, пожар зафати рафинерија во Кувајт по напад со дрон; Трамп најави нови удари врз иранската инфраструктура.

https://p.dw.com/p/5BcOE
Ирански ракетен напад во Петах Тиква, Израел
Кратер предизвикан од ирански ракетен напад во Петах Тиква, ИзраелФотографија: Ammar Awad/REUTERS

Израелската армија соопшти дека од територијата на Иран е изведена нова серија ракетни напади, по што биле активирани сите системи за воздушна одбрана. Според утринското соопштение во петок, биле идентификувани ракети „испукани од Иран кон територијата на Израел“, а израелската ПВО работела на нивно пресретнување.

Израелската служба за итна помош Маген Давид Адом јави дека една непресретната ракета паднала во централниот дел на земјата, при што биле оштетени куќи, улица и повеќе возила, но без повредени лица. Според военото радио, фрагменти оштетиле железничка станица во Тел Авив.

Претходно, Иранската револуционерна гарда објави дека  со ракети биле нападнати подрачја во Тел Авив,  како и пристанишниот град Еилат.

Дронски напад предизвика голем пожар во рафинерија во Кувајт

Паралелно со нападите врз Израел, во Кувајт избувна пожар по дронски напад врз рафинерија на државната нафтена компанија. Според државната агенција КУНА, повеќе делови од постројките на Kuwait Petroleum Corporation биле зафатени од оган, а спасувачките екипи дејствувале на лице место.

Трамп: „Следни на удар се мостовите и електраните“

Истовремено продолжуваат и американско-израелските бомбардирања врз цели во Иран. По нападот врз најголемиот мост во Иран, американскиот претседател Доналд Трамп упати нова серија закани дека ќе биде уништена дополнителна инфраструктура во земјата. На неговата интернет платформа Трут соушал, Трамп напиша дека американската армија „уште не ни почнала да го уништува она што останало во Иран“, додавајќи дека следни се „мостовите, па електраните“.

Тој претходно тврдеше дека  поголемиот дел од клучните воени цели во Иран се оштетени  или уништени во првиот месец од војната.

„Раководството на новиот режим во Иран знае што треба да направи – и мора да биде брзо“, порача Трамп, алудирајќи на неговиот услов Техеран да прифати договор за прекин на огнот со Вашингтон.

Во претходните напади беше погоден мостот Б1 во Караџ, по што Трамп објави видео на кое се гледа делумно уривање на структурата и густ чад. „Најголемиот мост во Иран се урива и никогаш повеќе нема да биде употреблив“, напиша тој.

Според иранската државна телевизија, при нападот загинале осум лица, а 95 биле повредени.

САД  и  Израел  на 28 февруари започнаа воздушни  напади врз Иран,  а Техеран одговори со континуирани ракетни и дронски напади врз Израел, неколку држави од Заливот и американски цели во регионот.