1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Новиот врховен лидер на Иран наводно ранет

ЕМФ / афп
11 март 2026

Новоназначениот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, наводно е повреден во израелски напад. Се шпекулира дека се наоѓа на безбедна локација.

https://p.dw.com/p/5ABxx
Иран Техеран 2026 | Портрет на новиот врховен лидер на Иран, Мoџтаба Хамeнеи
Моџтаба Хаменеи сè уште не се појавил јавноФотографија: Sha Dati/Xinhua/IMAGO

Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, сè уште не се појавил јавно, а местото каде што се наоѓа и неговата здравствена состојба се предмет на шпекулации.

„Слушнав дека има повреди на нозете, раката и дланката“, изјави денеска (11.03) иранскиот амбасадор во Кипар, Алиреза Саларијан, за британскиот весник „Гардијан“. Синот на иранскиот претседател, Јусеф Пезешкијан, изјави дека Хаменеи е „добро“, и покрај наводните повреди.

Моџтаба Хаменеи во неделата (8.03) беше назначен за наследник на својот татко Али Хаменеи и стана политички и верски врховен лидер на Иран. Али Хаменеи беше убиен на 28 февруари, на првиот ден од американско-израелската војна против Иран, при израелски воздушен напад врз Техеран. Според иранските власти, во нападот биле убиени и мајката и сопругата на Моџтаба.

Моџтаба Хаменеи бил повреден во нападот, изјави иранскиот амбасадор во Кипар за „Гардијан“. Саларијан верува дека Хаменеи се наоѓа во болница и не е во состојба да одржи говор.

Синот на иранскиот претседател и советник во владата на онлајн-платформата Телеграм напиша: „Ги прашав пријателите кои имаат врски. Ми рекоа дека, фала му на Бога, е добро.“

На иранската државна телевизија Хаменеи беше опишан како „ранет ветеран од Рамазанската војна“, бидејќи американско-израелската војна против Иран започна за време на муслиманскиот пост Рамазан.

Според „Њујорк тајмс“, кој се повикува на тројца ирански функционери, Хаменеи „претрпел повреди на нозете, е при свест и се наоѓа на строго обезбедена локација со ограничена комуникација“. Двајца претставници на израелската армија изјавиле за весникот дека и израелските разузнавачки служби веруваат дека Хаменеи има повреди на нозете.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац, по убиството на Али Хаменеи, се закани дека секој негов наследник исто така ќе стане „цел“. Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше изборот на Моџтаба Хаменеи за нов врховен лидер и нагласи дека „не е задоволен“ од назначувањето. Претходно тој бараше да биде вклучен во изборот на новиот врховен лидер во Иран.

Емил Хокајем од Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон изјави дека очекува Хаменеи „долго време да остане некаде во бункер“, бидејќи видел што им се случило на неговиот татко, сопругата и мајката. „Да биде убиен што е можно порано сигурно е приоритет за Израел“, вели Хокајем.

САД и Израел ја започнаа војната против Иран на 28 февруари. Оттогаш Иран напаѓа цели во Израел, американски објекти во регионот на Персискиот Залив и инфраструктура во неколку земји од Заливот.