1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Америка

Германско-американски односи: Постојано подеми и падови

7 мај 2026

Најновиот спор меѓу германскиот канцелар Мерц и американскиот претседател Трамп околу војната со Иран би можел да има сериозни последици. Притоа, двајцата изградија добри односи - и покрај нивните разлики во мислењата.

https://p.dw.com/p/5DLgQ
САД, Вашингтон 2026 | Канцеларот Фридрих Мерц во посета на американскиот претседател Доналд Трамп
Канцеларот Мерц веќе не наидува на „отворени уши“ кај американскиот претседател Трамп - добрата атмосфера, како за време на посетата на канцеларот на Белата куќа непосредно по почетокот на војната со Иран е минатоФотографија: Guido Bergmann/BPA/dts Nachrichtenagentur/IMAGO

Фридрих Мерц постојано нагласуваше дека има добар личен однос со Доналд Трамп – како еден од ретките европски државници. Во рок од една година колку што е на канцеларската функција, Мерц го посети Трамп трипати во Белата куќа. Средбите поминаа во срдечна атмосфера, иако подоцна внатрешнополитичките критичари на Мерц тврдеа дека канцеларот му се додворувал на претседателот. Во секој случај, изгледаше дека трансатлантските односи се стабилизирани во турбулентни времиња.

И тогаш дојдоа критичките забелешки од Мерц дека САД немаат јасна стратегија во војната со Иран и дека Иран ги понижил САД. Тоа предизвика вистински излив на гнев кај Трамп. Тој возврати на својата платформа Трут Соушл, велејќи дека Мерц „не знае за што зборува“. „Не е ни чудо што на Германија ѝ оди толку лошо“, додаде тој.

Воени и економски последици

Набргу потоа, Трамп најави дека во рок од една година од Германија ќе бидат повлечени 5000 американски војници. Подоцна изјави дека САД ќе го намалат бројот „значително повеќе“.

Исто така, крстосувачките ракети „Томахавк“, кои беа ветени од претходникот на Трамп, Џо Бајден, за одбрана од можен руски напад, засега нема да бидат распоредени во Германија. Експертите ова го оценуваат како посериозно од повлекувањето на трупите. „Тука се создава важна празнина во способностите во однос на одвраќањето на Русија, која може да се пополни со европско оружје дури подоцна“, изјави експертот Карло Масала од Универзитетот на Бундесверот во Минхен за весникот „Велт ам зонтаг“.

Германија, Графенвер 2022 | Американски тенкови на мултинационална артилериска вежба
Колку американски војници ќе останат во Германија? Воениот полигон Графенвер во Баварија за време на мултинационална артилериска вежба во јули 2022 годинаФотографија: Daniel Löb/dpa/picture alliance

Освен тоа, беше најавено и зголемување на царините за увоз на автомобили од ЕУ од 15 на 25 проценти. Економистот Клеменс Фуест во изјава за весникот „Билд“ веќе предупреди од нова рецесија: „Зголемувањето на царините ја погодува германската автомобилска индустрија во и онака тешка ситуација.“

Мерц во емисијата на „Карен Миосга“ на АРД го минимизираше најавеното намалување на трупите од страна на Трамп. Тој рече дека тоа не е ништо ново и негираше поврзаност со неговиот конфликт со Трамп: „Нема никаква поврзаност.“

Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика за ДВ укажува дека Трамп за време на своето прво претседателствување се закануваше со уште поголемо намалување: „Во летото 2020 се зборуваше за 12.000 американски војници што требаше да бидат повлечени од Германија, исто така како ‘казна’. По победата на Џо Бајден на изборите, тоа не се случи.“ И сега не е сигурно дали Трамп ќе ја спроведе својата најава, но таа во секој случај не е изненадување. „Во тој поглед, раздорот не е толку сериозен.“

Мерц во Вашингтон - само краткотраен подем

Трансатлантските односи доживеаја неколку подеми и уште повеќе падови од почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп.

Мерц сè уште не беше канцелар кога Трамп во февруари 2025 го понижи украинскиот претседател Володимир Зеленски пред светската јавност. Тогаш Мерц изјави: „Најдоцна од изјавите на Трамп е јасно дека на овој дел од Американците судбината на Европа им е во голема мера неважна.“ Тој додаде дека негов врвен приоритет е да ѝ помогне на Европа „чекор по чекор да постигне независност од САД“.

САД, Вашингтон 2025 | Американскиот претседател Трамп го прими украинскиот претседател Зеленски во Белата куќа
Мерц сè уште не беше канцелар кога Трамп во февруари 2025 го понижи украинскиот претседател Володимир Зеленски пред светската јавностФотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Во текот на годината односите продолжија да се влошуваат. Американските увозни царини за европските производи особено ја погодуваат германската економија со нејзиниот висок извозен удел.

Сепак, и покрај сите конфликти – или токму поради нив – Мерц на почетокот на јуни 2025 отпатува во Вашингтон во прва официјална посета. Средбата помина подобро од очекуваното, веројатно и затоа што Мерц можеше да каже дека Германија веќе троши многу повеќе за одбрана, како што бараше Трамп.

Уште повеќе конфликти

Од крајот на 2025 и почетокот на 2026 година настаните се забрзаа: во новата национална безбедносна стратегија од крајот на 2025-тата, американската администрација ја предупреди Европа од „цивилизациско уништување“ поради миграцијата. Западната хемисфера беше прогласена за сфера на влијание на САД.

На почетокот на годината следеше напад од американски специјални единици врз Венецуела со киднапирање на претседателот Николас Мадуро. Германскиот канцелар реагираше претпазливо и ја нарече правната состојба „комплицирана“, иако акцијата јасно го крши меѓународното право.

Набргу потоа дојде заканата на Трамп дека островот Гренланд, кој припаѓа на Данска, ако треба ќе го преземе со сила. Единствениот европски став дека тоа е целосно неприфатливо – особено кога станува збор за НАТО-партнер – очигледно имаше ефект: Трамп ја напушти темата и веќе не се навраќа на неа.

Франција, Париз 2026 | Самит за Ормускиот Теснец со Стармер, Макрон, Мерц и Мелони
Барање за поголема независност од САД: (Од лево) канцеларот Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и италијанската премиерка Џорџа Мелони на состанок во Париз на 17 април во врска со ситуацијата околу Ормускиот ТеснецФотографија: Simon Dawson/Avalon.red/IMAGO

Уште една посета на канцеларот кај Трамп во март 2026, кратко по почетокот на војната со Иран, повторно помина позитивно. Тогаш Мерц дури и пред заминувањето изјави дека не сака да го „поучува“ Трамп за прашања од меѓународното право. Тоа беше добро прифатено. Трамп го нарече канцеларот „пријател“ и „одличен лидер“. И тука имаше критики од Европа дека Мерц се додворува ка Трамп на сметка на другите: Мерц јавно се согласи со Трамп дека Шпанија троши премалку за одбрана.

Мерц сака да ги смири тензиите, но дали го сака тоа и Трамп?

Стратегијата на канцеларот кон Трамп долго време изгледаше како внимателна: повремено умерена критика, но главно обид да се задржи Трамп на страната на Германија и Европа. Воената зависност од Вашингтон е преголема, особено во поддршката за Украина.

По најновиот спор, Мерц нагласи дека нема да се откаже од работата на трансатлантските односи. „Нема да се откажам ниту од соработката со Доналд Трамп“, рече тој во емисијата „Карен Миосга“. Оваа година ќе има уште неколку можности за лични разговори, на пример во јуни на самитот на Г7 во Франција, или во јули, на самитот на НАТО во Турција. Прашањето е само дали и Трамп сака да продолжи со соработката со Фридрих Мерц.

Хенинг Хоф е прилично оптимист. Од една страна, важи дека „сопствените напори на Мерц за добар однос со Трамп тој делумно самиот ги поткопа“. Но канцеларот може да побара директен разговор со американскиот претседател, да ги смири тензиите и да понуди решенија „како Германија по завршувањето на војната би можела да помогне во стабилизирање на ситуацијата во Персискиот Залив и во обновување на слободата на пловидба“.

Испраќањето на германскиот миноловец „Фулда“, кој веќе тргна кон Медитеранот, е еден таков предлог. Инаку: „Дури и ако не кај Трамп, кај многу републикански конгресмени сè уште постои свеста дека силното американско воено присуство во Германија и Европа е предност и за самите САД. Без него, на подолг рок, САД повеќе не би биле светска сила.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Кристоф Хаселбах, новинар на ДВ
Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика