1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БРТ: Од критики до клучен проект за Скопје

25 март 2026

БРТ проектот за Скопје доби зелено светло од Владата по шест години застој. ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше, а сега го реализира со 70 милиони евра од ЕБОР и 100 нови автобуси.

https://p.dw.com/p/5B4QA
БРТ автобус во Јоханесбург, Јужна Африка. август 2009
По 6 години блокади Владата реши да инвестира во БРТ систем во Скопје. фото: БРТ автобус во Јоханесбург, Јужна АфрикаФотографија: picture alliance/dpa/K. Ludbrook

„БРТ превозот е скап и неефикасен и ќе создаде сообраќаен хаос. Идејата на Петре Шилегов не соодветствува со реалноста и е уште еден маркетиншки трик“. Вака, во 2021 година, ВМРО‑ДПМНЕ, која тогаш беше во опозиција, го критикуваше проектот што го најави тогашниот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов. Ваквата реторика провејуваше со години, а проектот, кој повеќепати се најде на дневен ред на Советот на Град Скопје, не успеа да добие зелено светло за да го олесни транспортот во главниот град.

„Идејата на Шилегов дека ќе го сочува зеленилото при изградба на таканаречениот БРТ превоз не соодветствува со реалноста и е уште еден маркетиншки трик, бидејќи два метри под моменталните дрвја оди главната водоводна цевка за Скопје, а при откорнување на дрвјата може да дојде до нејзино оштетување и пукање“, реагираа од ВМРО‑ДПМНЕ во 2021 година, по прес‑конференцијата на тогашниот скопски градоначалник, кој ги образложи плановите за изградба на нов модерен јавен превоз. 

Стопирањето на проектот и кредитот од ЕБОР 

Проектот кој беше амбициозно најавен, наредните години се соочи со низа жестоки критики и блокади.  Тој беше стопиран во мандатот (2021-2025) на поранешната скопска градоначалничка, Данела Арсовска и блокиран од дел од советниците. За овој проект, Владата предводена од СДСМ обезбеди кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 70 милиони евра.

До 2025 година проектот беше повторно актуелизиран поради локалните избори, кога БРТ повторно стана меѓу најспоменуваните инфраструктурни решенија и од власта и од опозицијата.

Мицкоски најави модификација на БРТ 

„Ќе го решиме проблемот со јавниот превоз во градот Скопје“, порача претседателот на ВМРО‑ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 29 септември 2025 година.

Тогаш тој рече дека не се откажува од системот БРТ, но дека концептот ќе биде модифициран.

„Имаме еден проект од минатото за брзиот транспортен систем, познат како БРТ. Од него не се откажуваме, но ќе биде модифициран. Трасата што треба да го поврзе источниот со западниот дел на градот и да заврши во Ѓорче Петров, сметаме дека треба да продолжи најмалку до Сарај. Истовремено ќе се развива и линијата север–југ, која треба да го поврзе Бутел со Кисела Вода и Драчево“.

Мицкоски лани најави дека првите теренски активности може да почнат во 2026 или 2027 година.

Ѓорѓиевски: БРТ станува реалност по пет години застој 

Проектот кој со години беше критикуван, денес е меѓу најпосакуваните. Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за време на кампањата истакна дека ќе го продолжи БРТ проектот. Во февруари годинава рече дека нема да ја менува ниту трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, туку само трасата од Бутел до Кисела Вода ќе биде продолжена кон Драчево.

„Што да правиме, да го прекинеме ли проектот? За него државата има земено кредит. Јас лично никогаш не сум го критикувал овој проект, туку имав забелешка дека треба да се продолжи до Драчево за да се опфати и тој дел од градот и тоа ќе го направиме“, изјави Ѓорѓиевски на 6 февруари годинава.  

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. февруари 2026
„Јас лично никогаш не сум го критикувал овој проект, туку имав забелешка дека треба да се продолжи до Драчево“, рече годинава градоначалникот на Скопје Орце ЃорѓиевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претходното раководство на Градот предводено од Петре Шилегов работеше околу три години на проектот заедно со експерти од ЕБОР. Со средства од 75.000 евра беше изработена студија со учество на домашни и странски сообраќајни експерти. 

Во јули 2021 година проектот беше презентиран на јавноста: возилататребаше да се движат по посебна лента во средишните жардинерии, одвоени со зелен појас. Станиците требаше да бидат од затворен тип со претплатна наплата, по принцип на метро. Идејата беше да се патува од Ново Лисиче до Ѓорче Петров за 30 минути.

БРТ доби зелено светло од Владата

По околу шест години застој, Владата во вторникот (24.03) го одобри Договорот за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Скопје“.

„БРТ е современ јавен превоз што функционира како метро на тркала, со посебни ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција“, вели скопскиот градоначалник. 

Проектот предвидува:

  • две линии: Исток–Запад и Север–Југ
  • набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ возила
  • паметни станици
  • патнички информативен систем
  • интеграција со сообраќајниот центар на Град Скопје

Средствата од заемот на ЕБОР - 70 милиони евра,  ќе се префрлат како неповратни средства за проектот. Владата најави и набавка на 100 еколошки автобуси, но засега нема јасен датум за нивното пристигнување.