1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Америка

Остри критики за САД - репресија на фудбалскиот Мундијал

Чарлс Пенфолд
30 март 2026

Активисти за човекови права предупредуваат од ризиците со кои би можеле да се соочат навивачите на годинешното СП во фудбал. Тие дури тврдат дека во САД владее „вонредна состојба во однос на човековите права“.

https://p.dw.com/p/5BN7Q
Трите маскоти на земјите домаќини на Светското првенство во фудбал во 2026 година (Канада, Мексико и САД)
ФИФА вети дека „сите ќе бидат добредојдени во Канада, Мексико и во САД“Фотографија: William Volcov/Brazil Photo Press/IMAGO

Во извештајот објавен денеска (30 март) од страна на организацијата за човекови права Амнести Интернешнл, се предупредува дека светското првенство во фудбал, чии домаќини летово се САД, Канада и Мексико, со себе носи „значајни ризици за навивачите, играчите, новинарите, работниците и локалните заедници“. Во извештајот насловен „Човештвото мора да победи: одбрана на правата и сузбивање на репресијата на Светското првенство во фудбал во 2026 година“, особено остри критики се упатени на сметка на САД, кои ќе бидат домаќини на огромното мнозинство натпревари (78 од вкупно 104). Ситуацијата во САД се опишува како „вонредна состојба поради човековите права“ и укажува на како што се наведува „препознатливиот модел на авторитарни практики“ во земјата.

Протестен марш на кој во преден план луѓе држат транспарент со сликата на Рене Гуд едно од двете лица убиени во рациите на ИЦЕ во Минеаполис
Рене Никол е едно од двете лица убиени во рациите на ИЦЕ во МинеаполисФотографија: Scott Olson/Getty Images

„Вооружени агенти провалуваат врати, притвораат деца и депортираат стотици илјади луѓе“, стои во делот од извештајот во кој се наведуваат постапките на имиграциските агенти на службата ИЦЕ распоредени во некои сојузни американски држави - особено во Минесота, каде што двајца американски државјани беа убиени во јануари годинава. Се цитира и весникот „Њујорк тајмс“, кој проценува дека минатата година повеќе од половина милион луѓе биле депортирани од САД. Во извештајот долг 36 страници, се додава дека „ЛГБТ и квир навивачките групи укажуваат оти не е безбедно да се биде видливо присутен“ и дека на „навивачи од четири земји кои се квалификувале им е забранет влез во земјата“. Според официјалната американска веб-страница, congress.gov, на граѓаните од Хаити и Иран им е целосно забранет влез во САД, додека на лицата од Брегот на Слоновата Коска и Сенегал им е делумно ограничено патувањето. Притоа се поставува прашањето дали Иран воопшто ќе учествува на турнирот, заради војната меѓу израелско-американската војна против Техеран.

Иранското знаме прикажано на голем екран за време на извлекувањето на групите за Светското фудбалско првенство во 2026 година
Дури и ако Иран одлучи да учествува на Светското првенство, на неговите навивачи нема да им биде дозволено да влезат во САДФотографија: Deccio Serrano/NurPhoto/picture alliance

Во извештајот се критикуваат и другите две земји домаќини, Канада и Мексико, каде ќе се играат по 13 натпревари. Организацијата Амнести Интернешнл наведува дека властите во Мексико мобилизирале 100 илјади припадници на безбедносните сили, вклучително и од армијата, како одговор на високото ниво на насилство во земјата. Исто така, се забележува дека женска група која бара расветлување на судбината на повеќе од 133 илјади лица кои се водат како исчезнати, планира мирен протест пред местото на отворање на Светското првенство на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити. Што се однесува до Канада, извештајот укажува на можноста бездомници да бидат дополнително маргинализирани, особено во градовите домаќини Ванкувер и Торонто. Потоа се наведува дека Канада, како и САД и Мексико, вовела ограничувања на слободата на мирен собир. Активистите во таа смисла укажуваат на „бранови демонстрации во знак на поддршка на човековите права на Палестинците, како и на студентски кампови кои бараат Израел да престане со геноцидот“, кои канадската полиција „неоправдано ги растерала или расчистила“. „Има опасност светското првенство во 2026 година да донесе повеќе репресија отколку фудбал. Секој што протестира или изразува критика може да очекува репресија на Светското првенство“, вели Јулија Духров, генерален секретар на германскиот огранок на Амнести Интернешнл. „Доколку продолжат рациите од страна на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ), масовните апсења и забраните за влез, овој турнир ќе стане симбол за државно заплашување“, вели таа. 

Многу прашања кои во извештајот се критикуваат, не се сосем нови – уште во декември минатата година во очи жрепката за Светското првенство во Вашингтон, нив ги покрена Алијансата за спорт и права, чиј што член е и Амнести интернешнл,. Во соопштението дадено тогаш, групата повика на „конкретна заштита за работниците, спортистите, навивачите, новинарите и децата“ на Светското првенство за фудбал во 2026 година. Сега и Духров се огласи со сличен апел. „ФИФА и земјите домаќини сега мора да претстават обврзувачки механизми за заштита што ќе им овозможат на сите учесници во Светското првенство да уживаат без страв или исклучување“, вели шефицата на германскиот огранок. ФИФА сè уште не одговори конкретно на извештајот, но светската фудбалска федерација во Член 3 од нејзиниот Статут наведува дека е „посветена на почитување на сите меѓународно признати човекови права и ќе се стреми да ја промовира заштитата на овие права“. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во 2025 година вети дека „сите ќе бидат добредојдени во Канада, Мексико и САД на Светското првенство во фудбал следната година“.