1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеАвстрија

Отров за стаорци во храна за бебиња - што се знае досега?

Тагесшау | ЕМФ
21 април 2026

Во шест теглички со бебешка храна на ХИП, уценувачи измешале отров за стаорци. Пет се веќе пронајдени, а по една тегличка сѐ уште се трага. Што е познато за случајот? Кој е засегнат?

https://p.dw.com/p/5Ca7a
Австрија Ајзенштат 2026 | Hipp повлекува бебешка храна по манипулација со тегли со храна за бебиња
Сторителот или сторителите измешале отров за стаорци во шест теглички од 190 грама со пире од морков и компирФотографија: Tobias Steinmaurer/APA/picturedesk.com/picture alliance

„ХИП е жртва на уцена“ - со оваа порака производителот на бебешка храна вчера (20.04) излезе во јавност и потврди сомнеж што со денови предизвикува вознемиреност.

Според ХИП, уценувачот или уценувачите „испратиле порака до едно неперсонализирано збирно поштенско сандаче“, каде што на почетокот не била забележана. Според австриски медиуми, пораката била испратена уште пред три недели. Уценувачите наводно барале два милиони евра – до почетокот на април. Но, во компанијата HiPP, пораката била откриена дури две недели по истекот на овој рок, односно минатиот четврток.

„Навистина сум многу шокирана“

Сторителот или сторителите измешале отров за стаорци во шест теглички од 190 грама со пире од морков и компир и ги пуштиле во промет. Со тоа очигледно се заканиле во долго незабележаната порака. Досега се пронајдени пет теглички - во Чешка, Словачка и Австрија.

Сторителите свесно прифатиле сериозни ризици за доенчињата, изјави австриската министерка за здравство Корина Шуман. „Навистина сум многу шокирана што некој очигледно е подготвен од криминални мотиви да загрози здравје на бебиња“, рече Шуман за ОРФ.

Откако според прелиминарно токсиколошко мислење во една запленета тегличка бил утврден отров за стаорци, сега следи подетална анализа. Ќе се испитува дозата – и колку опасен би бил отровот при консумирање, изјави портпаролка на обвинителството во Бургенланд (Градиште).

Чешка Будвајс 2026 | Храна за бебиња Hipp на полиците во супермаркетите
Засегнатите теглички биле пронајдени во градови што не се далеку еден од другФотографија: Stanislav Hodina/AP Photo/picture alliance

Налепница на дното на тегличката

Министерката Шуман ги советува сите потрошувачи внимателно да ги прегледаат тегличките на ХИП. Треба да се провери „дали вакуумското затворање функционира“. И мирисот може да биде показател. „Ако има сомнеж или несигурност, ве молиме не двоумете се да побарате помош“, рече Шуман.

Сите манипулирани теглички имале бела налепница со црвен круг на дното и биле отворени пред продажба. Пет од шесте манипулирани теглички досега се пронајдени. Насоки за тоа најверојатно имало во уценувачката порака.

Засегнати Чешка, Словачка и Австрија

Засегнатите теглички биле пронајдени во градови што не се далеку еден од друг. Две теглички биле пронајдени во продавница во јужночешкиот град Брно, две во западнословачкиот град Дунајска Стреда и една во Ајзенштат во Бургенланд (Градиште), Австрија.

Пфафенхофен, Германија 2007 | Станица за полнење храна за бебиња во Hipp
Во Германија не се пронајдени теглички со отровФотографија: Michael Westermann/IMAGO

Од таму недостасува втората тегличка, што значи дека сè уште е во промет и по неа интензивно се трага, изјави портпаролот на покраинската полициска дирекција во Бургенланд, Хелмут Марбан. „Ги информиравме и унгарските власти, бидејќи во Бургенланд работат многу унгарски државјани кои исто така би можеле да купуваат. Паралелно контактиравме и градинки, болници и домови за стари лица.“

Во Германија не се пронајдени теглички со отров.

[No title]

Истраги во повеќе држави

Сега полициите во Германија, Австрија, Чешка и Словачка спроведуваат истрага. Како понатаму ќе постапува компанијата ХИП во овој случај на уцена и како точно полицијата ѝ помага на компанијата, од истражни причини не се објавува.

Случајот стана познат за време на викендот, кога австриската Агенција за здравје и безбедност на храна (АГЕС) информираше за сомнителен обид за уцена, но подоцна ја отстрани таа информација од соопштението.

Во минатото, познати компании често биле мета на уценувачки обиди со затруена храна.