По пожарот во Кочани: тивка битка со стрес и депресија
30 март 2026
Третина од преживеаните и повредените од пожарот во Кочани се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско стресно нарушување (ПТСР). Ова го покажува истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија, спроведено кај 50 лица повредени во трагичниот пожар во Кочани. Испитаниците биле вклучени во третман на лузни со PDL (pulsed dye laser) на Универзитетската клиника за дерматологија.
Проф. д-р Славица Арсова, директорка на Универзитетската клиника за психијатрија, на научна конференција на Клиниката за дерматологија рече дека преживеаните и повредени лица од пожари се соочуваат со сериозни психолошки последици.
Истражувањето: Кои се психолошките последици?
Според истражувањето, една третина од испитаниците имаат анксиозност, 27,5% покажуваат симптоми на ПТСР, а 21,6% се соочуваат со депресија.
Истражувањето е спроведено од јануари до март 2026 година и ќе продолжи за да се добијат научно потврдени податоци за долгорочните психолошки последици од една од најтешките трагедии во поновата македонска историја.
Пожарот во клубот „Пулс“, како масовна несреќа предизвикана од човечки фактор, според стручната литература често води до значително повисок психијатриски морбидитет отколку природните катастрофи, наведува Арсова.
Улогата на семејството и стигмата околу стручната помош
Дополнително, 72% од испитаниците изгубиле блиска личност, што се покажува како значаен ризик-фактор за појава на стрес. Во исто време, дури 96% го посочиле семејството како главна поддршка,што ја нагласува неговата важност во процесот на закрепнување.
„Забележливо е дека најголем дел од поддршката се бара во семејството, што е позитивно бидејќи оваа врска кај нас и понатаму е силна. Но, истовремено, сѐ уште постои стигма кога станува збор за барање стручна психолошка помош“, вели Арсова.
Како да се справат со траумата?
Еден од клучните наоди се однесува на механизмите за справување со траумата. Истражувањето покажува дека избегнувачки стратегии, како повлекување, емоционално дистанцирање и негирање, се директно поврзани со повисоки нивоа на психолошки нарушувања и може да доведат до продлабочување на симптомите.
Жените, според резултатите, претставуваат особено ранлива категорија, со повисоки нивоа на анксиозност, депресија и посттрауматски стрес.
Во истражувањето биле вклучени 72% мажи и 28% жени, најголем дел на возраст од 18 до 29 години.
Универзитетската клиника за психијатрија најавува дека ќе продолжи со систематско следење и научно истражување на последиците од трагичниот настан во Кочани, со цел навремено препознавање на ранливите групи, намалување на стигмата и обезбедување соодветна стручна поддршка за сите засегнати граѓани.