1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата за техничката влада: СДСМ против, Левица за укинување

9 јануари 2026

СДСМ се спротивставува на идејата за укинување на техничката влада, додека останатите партии бараат реформи и дијалог.

https://p.dw.com/p/56aQX
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче 13.02.2025
СДСМ се спротивставува на идејата за укинување на техничката владФотографија: Petr Stojanovski/DW

Политичката дебата за укинување на техничката влада ја разгорува сцената во Македонија. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повторно категорично ја одби поканата на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба на 14 јануари. На прес-конференција во Скопје, Филипче ги образложи аргументите зошто техничката влада не смее да се укине.

„Нема средба за техничката влада. Тоа е последната линија за одбрана од целосна злоупотреба на волјата на граѓаните во изборниот процес. Не смее да се укине техничката влада која е единствена гаранција за фер и демократски избори“, изјави Филипче.

Лидерот на СДСМ на брифинг со медиумите нагласи дека на Мицкоски му се брза и дека се бара алиби за распишување избори. Филипче посочи дека техничката влада може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме“.

ЗНАМ реагира на одбивањето на СДСМ

Од Движењето „За наша Македонија“ (ЗНАМ), дел од владината коалиција, реагираа на одлуката на СДСМ да не учествува на лидерската средба. Според нив, бегството од дијалог е признание за политичка слабост и страв од граѓаните.

„Иницијативата за лидерска средба е можност сите релевантни политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните. Наместо тоа, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада како последен штит“, велат од ЗНАМ.

Левица бара реформи наместо техничка влада

Партијата Левица е за укинување на техничката влада, но со услови. „Техничката влада е фасада на фер избори, зад која продолжуваат нееднаквост и цензура. Укинувањето е прифатливо само со вистински демократски реформи“, велат од партијата. Како клучни предуслови ги наведуваат воведување една изборна единица и еднаков медиумски пристап за сите политички субјекти.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве најави лидерска средба пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Темите ќе бидат реформските закони и укинувањето на техничката влада. „Очекувам сите лидери да ја прифатат поканата. Дневниот ред може да се прошири“, изјави Мицкоски.