1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерска средба: Левица „за“, СДСМ „против“, ДУИ на крстопат

13 јануари 2026

В среда лидерска средба кај премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката влада и реформски закони. Левица потврди присуство, СДСМ одбива, ДУИ одлучува.

https://p.dw.com/p/56jif
Премиерот Христијан Мицкоски 23.06.2025
Мицкоски ги покани, партиите се на потег: кој ќе дојде на лидерската средба?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на лидерската средба што премиерот Христијан Мицкоски ја закажа за среда, 14 јануари, во Клубот на пратеници во Скопје, Левица засега е единствената партија од опозицискиот блок која потврди дека ќе седне на заедничка маса со владејачките партии.

СДСМ децидно ја одби поканата на Мицкоски, а ДУИ сѐ уште размислува и најави дека ќе донесе одлука на седницата на Генералниот совет.

Левица потврди присуство на средбата

Левица официјално потврди дека ќе учествува на лидерската средба. Партијата најави дека ќе разговара за реформските закони и за укинување на техничката влада, но со јасни услови: воведување една изборна единица и обезбедување еднаков медиумски пристап за сите политички субјекти.

СДСМ категорично против, ДУИ размислува

СДСМ отворено се спротивстави на укинувањето на техничката влада. Лидерот Венко Филипче изјави дека нема да седне на иста маса со „криминалци“ и дека техничката влада е гаранција за фер избори. Во однос на реформската агенда, Филипче нагласи дека дискусијата ќе се води во парламентот, каде што СДСМ ќе ги поддржи сите реформски закони.

ДУИ, пак, најави дека ќе одлучи на седницата на Генералниот совет. Партијата бара „Бадентер“ при избор на Влада и во Уставниот суд. Лидерот Али Ахмети свика седница на Претседателството на Генералниот совет, на која се дискутираше за актуелните политички случувања и внатрепартиското организирање.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче,3 април 2025
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче одби повторно да седне на заедничка маса со Мицкоски Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДОМ, како вонпарламентарна партија, ја поздрави можноста за дијалог околу реформските закони и бара промена на изборниот модел – една изборна единица, отворени листи и без праг. Дополнително, партијата инсистира на родова еднаквост: 50% од кандидатите на изборните листи да бидат жени. Според ДОМ, овие промени ќе обезбедат пофер политичко претставување и поголема доверба на граѓаните во системот.

Барањата на партиите

  • Левица: една изборна единица и еднаков медиумски пристап
  • ДУИ: Бадентер при избор на Влада и во Уставниот суд
  • ДОМ: промена на изборниот модел, една изборна единица и 50% жени на листите

Главна тема на лидерската средба, според најавите, ќе биде укинување на техничката влада која се формира 100 дена пред избори. За укинување е потребно мнозинство од 61 пратеник.

Собранискиот претседател Африм Гаши изјави дека на земја од НАТО не ѝ личи техничка влада да ги организира изборите, додавајќи дека е против предвремени парламентарни избори.