1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Стотици илјади граѓани на протести против владата

Јацек Лепјарц
5 јуни 2023

Деснопопулистичката влада на Полска го заострува курсот пред парламентарните избори наесен со цел да остане на власт. Стотици илјади приврзаници на опозицијата вчера излегоа на протести во Варшава.

https://p.dw.com/p/4SC1m
Полска демонстрации опозиција Варшава
Варшава: Стотици илјади демонстрираа против владата на ПиС (04.06.2023)Фотографија: Jakub Porzycki/AA/picture alliance

Полска со години не е земја каде се одржуваат масовни демонстрации. Организаторите најчесто може да се сметаат за задоволни ако успеат да соберат неколку десетици илјади луѓе на улица. Вчера (4.06.2023) таква воздржаност веќе немаше. Повеќе стотици илјади луѓе, опремени со полски и со знамиња на ЕУ, околу пладне протестираа во Варшава против политиката на деснопопулистичката влада. Градоначалникот Рафал Тжасковски зборува за еден милион учесници на протестите. Интернет платформата Онет изброја „најмалку 300 илјади” демонстранти.

Туск: „Доаѓаме за победа“

На финалниот собир на плоштадот во Варшава, лидерот на опозицијата и поранешен премиер Доналд Туск ги охрабри приврзаниците. „Заедно со вас ќе се борам за слободна Полска", вети шефот на најголемата опозициска граѓанска платформа ПО. „Доаѓаме за победа”, нагласи либералниот политичар и додаде: „Сѐ е во ваши раце”!

Истовремено, тој предупреди од Партијата на правото и правдата (ПиС) која владее уште од 2015 со земјата. „Полска со години е во рацете на луѓе кои ни ја земаат слободата“, рече Туск. „Демократијата во Полска нема да умре затоа што гласно протестираме против тоа“, рече тој. Пред гласната толпа Туск даде свечен завет дека „одиме на избори за да победиме, за да се пресметаме, за да ја исправиме човековата неправда и на крајот меѓусебно да ги помириме Полјаците. Во тоа ви се колнам. Ова може да го наречете заветот на Туск“. Неговиот говор постојано беше прекинуван од скандирање „Овде е Полска, овде е Полска!”.

Либералниот политичар се презентираше демонстративно во патриотски дух. „Полска е во нашите срца”, повтори Туск повеќепати.

Владината пропаганда, но и некои десничарски политичари, со години се обидуваат да го дискредитираат Тукс како „германски соработник” или му припишуваат сомнителни врски со рускиот претседател Владимир Путин.

Полска демонстрации Доналд Туск Лех Валенса
Голем марш на опозицијата во Варшава (4 јуни 2023): Поранешниот премиер Доналд Туск (лево) и поранешниот претседател и лидер на синдикатот Лех Валенса маршираат во првиот редФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Туск со Тжасковски и Валенса

Маршот започна во близина на плоштадот Лазиенки и се движеше низ најотмените улици на Варшава сѐ до финалната дестинација. Туск и Тжасковски чекореа во првиот ред заедно со легендарниот работнички лидер Лех Валенса, кој во 1980 година беше предводник на штрајкот во бродоградилиштето во Гдањск и по демократскиот пресврт стана претседател на Полска. „Количката за Качински е подготвена“, рече Валенса пред почетокот на протестниот марш. Владеачката ПиС го обвинува работничкиот лидер дека во 1970-тите соработувал со комунистичката милиција.

Туск уште пред неколку недели го најави протестот против владата. Четврти јуни во Полска е симболичен датум, затоа што во 1989 година на овој ден се одржаа првите делумно слободни избори кои беа вовед во пропаста на комунистичкиот систем во Полска.

Полска демонстрации опозиција Варшава
Демонстрациите во Варшава се насочени против владата на ПиС и лидерот на деснoпопулистичкаta партија Јарослав КачинскиФотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/IMAGO

Владата го заострува курсот

Последните мерки на деснопопулистичката влада вознемирија многу Полјаци и му дадоа уште поголем поттик на протестот. Кон крајот на мај, владиното мнозинство во парламентот донесе одлука за основање на „Државна комисија за истражување на руско влијание врз безбедносната политика на Република Полска во периодот 2007-2022“. Спорниот закон широкото мнозинство во јавноста го смета за противуставен и насочен против Туск. Владеачката ПиС го товари Туск дека во времето како премиер (2007-2014) ја направил Полска зависна од увоз на руски енергенси.

Специјалната комисија во првобитната форма имаше надлежност лицата кои ќе ги најде за виновни, да ги исклучи и до 10 години од вршење на какви било функции поврзани со распределба на јавни средства. Опозицијата зборуваше за „Лекс Туск“ и протестираше. Американската влада и Европската комисија изразија загриженост. По бранот незадоволство во јавноста, претседателот Анджеј Дуда направи обид да го ублажи законот. Минатиот петок (2.06.2023) тој во парламентот поднесе предлог за измени, во кој не се содржани административни санкции, а предвиден е и правен лек за обвинетите.

Но, неговиот предлог дојде предоцна за да го намали интересот на јавноста за протестниот марш. Ниту од ПиС досега нема реакција на предлогот од Претседателот.

Полска демонстрации опозиција Варшава
Масовни демонстрации на либералната опозиција во Варшава со знамиња на Полска и ЕУ (4.06.2023)Фотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/IMAGO

Опозицијата здружена

Растечкиот притисок од ПиС покажа изненадувачки ефект. Дел од опозицијата, меѓу кој и партијата Полска 2050 од десниот центар, како и партијата на селаните ПСЛ, одлучија да учествуваат на маршот, иако првично беа скептични во однос на протестот бидејќи стравуваа од доминација на Туск.

Остра осуда за маршот дојде од портпаролот на владата, Пјотр Милер. „Претседателот на граѓанската платформа и еден поранешен претседател на државата се обидуваат да урнат влада која ја прекина политиката на отворање кон Русија“, рече Милер.

Демонстрации имаше и во други делови на Полска, како и во странство.

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.