Самит на ЕУ: Војната против Иран доминира на состанокот
19 март 2026
На овој самит главната тема всушност требаше да биде конкурентноста на Унијата. Како старата тетка Европа да се направи подготвена за иднината? Но, каква е ползата од помалку бирократија, ако истовремено цените на енергентите одат во небо затоа што на 5.000 километри оддалеченост беснее војна?
И така е поставена темата за денешната (19.03) средба на шефовите на држави или влади во Брисел. Потресот од иранската војна се чувствува и во Брисел. Германскиот канцелар Фридрих Мерц во својата владина изјава пред самитот побара брзо завршување на оваа војна.
Но, како? Кој воопшто има пристап до американскиот претседател, откако тој се чувствува напуштен од Европејците? Недостатокот на поддршка за неговата војна против Иран го нарече шокантен, додавајќи дека „ќе се запомни“.
ЕУ ги чувствува последиците од иранската војна
Европските лидери се во дилема: од една страна сакаат војната што поскоро да заврши, а од друга – што помалку да бидат вклучени во неа.
Затоа првата средба на лидерите на ЕУ по почетокот на војната со Иран предизвикува големо внимание. Дали сите ќе зборуваат со еден глас и ќе повикаат на воздржаност? Или ќе има земји кои ќе сакаат да учествуваат во отворањето на Ормускиот Теснец?
Последиците ги погодуваат речиси сите членки на ЕУ, па дискусијата повторно се враќа на економијата. Што може да се направи против високите цени на енергијата? Дали треба да се воведе данок на екстра-профит за нафтените компании? И колкава е опасноста од нов бран бегалци од регионот? Сите овие теми ќе бидат дел од разговорите на самитот.
Украина чека финансиска помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се вклучи преку видеоврска и ќе ги потсети лидерите дека нападите врз неговата земја не престануваат. За да го организира секојдневието и одбраната, Украина итно има потреба од пари.
ЕУ веќе одобри 90 милијарди евра како кредит. Но Унгарија неочекувано ја блокира исплатата. Пред проруски настроениот Виктор Орбан претстојат избори – да се убеди да ја промени позицијата нема да биде лесно.
Добри вести од економијата
Европската Унија е притисната помеѓу две војни. Тешко е во такви услови да се пронајдат позитивни вести. Но тие – изненадувачки – доаѓаат од економијата. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, навремено предложи поедноставени правила за основање компании во ЕУ.
Секој претприемач може да основа фирма за 48 часа, од каде било во ЕУ и за помалку од 100 евра, објасни таа во Брисел. Податоците ќе се внесат еднаш и ќе важат за сите земји членки.
И покрај бројните теми во двостраната покана за самитот, домаќинот, претседавачот со Советот, Антонио Кошта, храбро претпоставува дека самитот ќе може да го заврши за еден ден. Ако тоа навистина успее, ноќта ќе биде многу долга.
Авторка: Сабрина Фриц, АРД