Нов обид - ќе има ли анкетна комисија за Кочани?
17 ноември 2025
Во пресрет на почетокот на судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, расте притисокот за одржување на надзорна расправа и формирање анкетна комисија за трагедијата во Кочани.
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на социјалните мрежи порача дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе ниту еден аргумент да го одлага одржувањето на надзорна расправа, имајќи предвид дека обвинителниот акт е поднесен пред повеќе од еден месец.
„Власта е на потег... Надзорна расправа за трагедијата во Кочани мора да се одржи, а тоа го ветуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во сите нивни изјави и медиумски настапи пред неколку месеци, тврдеа дека расправа ќе има штом се поднесе обвинителниот акт (наводно за да не се попречува истрагата)“, велат од Левица.
Мицкоски: Прашањето е за пратениците
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на семејствата за анкетна комисија, изјави:
„Што се однесува за поддршката за анкетна комисија, тоа прашање мислам дека добро е да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста многу скоро ќе има кога ќе почне процесот во суд“.
На прашањето за еднократна парична поддршка за семејствата на загинатите, по примерот на трагедијата во модуларната болница во Тетово, премиерот додаде: „Апсолутно немам никаква дилема дека ние како Влада правевме, правиме и ќе правиме се што е потребно за да се помогне, да се ублажи болката која што е неизмерна“.
Обвинувања за одлагање и молк од власта
Мојсоска потсетува дека „кога ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ја саботираше иницијативата за надзорна расправа поднесена од Левица“, пратеници од партијата порачуваа дека истрагата не е завршена, поради што треба да се почека прво да биде формиран обвинителниот акт. „И пратеничката Драгана Бојковска во изјава за ИРЛ тврдеше дека сами ќе иницираат расправа штом заврши истрагата. Поминаа повеќе од месец дена од поднесувањето на обвинителниот акт, а пратениците од власта молчат“, вели Мојсоска.
Според Левица, власта веќе нема изговор да не поддржи надзорна расправа и формирање анкетна комисија за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија.
Семејствата бараат вистина и одговорност
Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК, кој загина во пожарот во „Пулс“, викендов пред Собранието ги повика пратениците да помогнат во потрагата по вистината. Таа, во име на семејствата на загинатите, побара надзорна расправа и анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Таа нагласи дека анкетната комисија е неопходна за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на евентуална политичка или службена одговорност и подготовка на мерки за да се спречат вакви трагедии во иднина.
Судењето започнува на 19 ноември
Судењето за кочанската трагедија ќе започне на 19 ноември. Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички лица и 3 правни лица, меѓу кои се сопственици, проектанти, инспектори и поранешни државни функционери.