1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизборни инциденти фрлија сенка на кампањата

8 октомври 2025

Партиите го осудија пукањето во Куманово, каде беше ранет кандидатот за советник на ДУИ во Липково, Зекрија Шаини и ги повикаа граѓаните на смиреност.

https://p.dw.com/p/51eVb
Полиција на гласачко место во Македонија
Предизборни инциденти фрлија сенка на кампањатаФотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Вербалните препукнувања меѓу партиите во предизборниот период, кулминираа и со физички пресметки и инциденти коишто фрлија сенка на кампањата за локалните избориво Македонија. Партиите го осудија пукањето во Куманово, каде беше ранет кандидатот за советник на ДУИ во Липково, Зекрија Шаини  и ги повикаа граѓаните на смиреност. 

ДУИ во знак на солидарност со нивниот повреден кандидат и носител на листата во Општина Липково, одлучи да ги прекине сите денешни активности. Тие побараа институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот. 

„Варварски чин на насилство“ 

„Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега“, велат од ДУИ.

Тие наведуваат дека остро го осудуваат „овој варварски чин на насилство“ и бараат МВР и  Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат.

„Им упатуваме апел на сите наши поддржувачи, симпатизери и граѓани воопшто да останат смирени, да не подлегнуваат на провокации и да ја покажат зрелоста што отсекогаш ја карактеризира нашето движење“, велат од партијата.

Инцидентот во Куманово го осудија и од Коалицијата Вреди. Тие побараа надлежните институции целосно да го расветлат случајот.  „Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот. Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните“, велат од Вреди. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Партиите бараат расветлување на случајот и одговорност од министерот Панче ТошковскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Најсериозен инцидент во пресрет на изборите

Инцидентот се случи во вторникот попладне (7.10), кога непознати лица пукале во носителот на советничката листа во Општина Липково, Зекрија Шаини. Тој е пренесен во болница и е надвор од животна опасност. Од Основното јавно обвинителство информираа дека се трага по напаѓачот. 

Последниот вооружен инцидент во Куманово е најсериозен инцидент во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните, оцени опозициската СДСМ.Според нив, се случува тотален распад на безбедносниот систем и фијаско на министерот Панче Тошковски.

СДСМ бара од надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. „Бараме и политичка одговорност од Панче Тошковски. Ова што се случува во континуитет е за секаква осуда и недозволиво. Македонските улици се претворија во Див Запад. Престрелките се секојдневие, граѓаните не се чувствуваат безбедни“, велат од партијата.

Министерот Тошковски преку објава на социјалните мрежи им порача дека нема да поднесе оставка. 

„Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика“, вели Тошковски.