1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот Куклица: Туристичка атракција или нелегален бизнис

9 јуни 2026

Узурпација на „Камени кукли“ во Куклица – незаконска наплата на карти, пријави до МВР и судски пресуди против осомничени лица.

https://p.dw.com/p/5F3Ok
Узурпација на „Камени кукли“ во Куклица
Узурпација на „Камени кукли“ во КуклицаФотографија: DW

Еден од најпознатите македонски природни локалитети – „Камени кукли“ кај Куклица, се најде во центарот на сериозен скандал откако беа објавени сведоштва за незаконска наплата на карти, узурпација и заплашување на посетители од страна на неколку лица. Додека туристите плаќале влез верувајќи дека станува збор за приватен имот, институциите потврдуваат дека случајот веќе е предмет на постапки, со поднесени кривични пријави и судски процеси.

Во март 2026 година е донесена првостепена судска пресуда со која се наложува локалитетот да биде вратен во владение, да се предаде објектот на Музејот на Кратово, да се отстрани дрвена куќичка која е незаконски поставена и да се ослободи просторот. Сепак, пресудата е обжалена и постапката е во тек пред второстепен суд.

Општината очекува по правосилноста да следува извршување со поддршка на МВР. Во меѓувреме, граѓаните бараат „ослободување“ на локалитетот и одговорност за оние коишто со години бесправно го узурпирале и наплаќале, иако влезот до споменикот на култура „Камени кукли“ во селото Куклица треба да е слободен. 

Општина Кратово: локалитетот е узурпиран со години

Случајот се провлекува со години наназад. Од општина Кратово за него алармираа уште во 2015 година, наведувајќи дека локалитетот со камените кукли е узурпиран од несовесни лица. Поради тоа, во 2024 година се поднесени кривични пријави и се покренати судски процеси против татко и ќерка, како и против здружението ,,Извор“ за ,,узурпација на недвижности“. 

„Овие две лица неосновано и присилно наплаќаат влезници на посетителите, а на оние кои не сакаат да платат дрско и недолично им се закануваат на разни начини, вклучително и со куче Шарпланинец, на кој начин вршат и загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите и граѓаните“, информираа тогаш од општината. 

Деновиве случајот повторно се актуелизираше во јавноста, откако беа објавени сведоштва од посетители на социјалните мрежи кои велат дека биле спречени да влезат бидејќи не платиле дневница. Посетителот тврди дека странски државјани, меѓу кои и туристи од Косово, плаќале по 10 евра од лице, додека при претходни посети им биле наплатувани и до 20 евра. На туристите им било кажувано дека „Камени кукли“ се приватна сопственост, поради што поверувале и платиле.

Локалитетот „Камени кукли“
Локалитетот „Камени кукли“ претставува уникатна природна појава – карпести формации на десната страна од долината на Крива Река, на надморска височина од 415 до 420 метриФотографија: DW

Станува збор за невладина организација од Кратово за заштита на животната средина и културното наследство. И покрај неколкуте обиди не успеавме да стапиме во контакт со здружението, со цел да добиеме одговор врз која основа е вршена наплата за посета на познатиот локалитет во Кратово. 

Локалитетот „Камени кукли“ претставува уникатна природна појава – карпести формации на десната страна од долината на Крива Река, на надморска височина од 415 до 420 метри. Евидентирани се околу 120 помали и 15 поголеми камени столбови, кои се заштитени како природна реткост. Обликувани од ерозија, се верува дека камените статуи во селото Куклица, кај Кратово, се стари 10 милиони години.

Камени формации сведочат за моќта на природата. Зад овие т.н. „куклици“ се вели дека се крие легенда за неисполнета љубов и клетва.

Легендата за кратовските „Куклици“

На потег МВР и обвинителството

Од СВР Куманово потврдуваат дека случајот е пријавен и дека е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово. Дополнително, во истрагата ќе бидат вклучени и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи (УЈП), Трудовиот инспекторат, Министерството за култура и Општина Кратово. 

Од кумановската полиција за ДВ велат дека проблемот со узурпација на локалитетот трае од 2024 година. „Поднесен е обвинителен акт против две лица и здружението ‘Извор’ за кривично дело узурпација на недвижности. Изречен е и казнен налог за закани кон туристи, а има и нови пријави за спречување службено лице“, информираат од МВР. 

Апел до граѓаните и институциите

Од Општина Кратово апелираат до граѓаните дека влезот на локалитетот „Камени кукли“ е слободен и не смее да се наплаќа. Истовремено, ги повикуваат посетителите да пријавуваат какви било злоупотреби во МВР, УЈП и инспекциските служби.

И покрај бројните пријави, проблемот сè уште е актуелен, а граѓаните продолжуваат да алармираат за попречен пристап до еден од најзначајните природни локалитети во земјата.