Продолжено примирје: Можни сценарија за конфликтот САД-Иран
22 април 2026
Сценарио 1: Приближување и понатамошни преговори
САД секогаш одново ги зголемуваат надежите во јавноста дека се на дофат на договор со Иран и дека режимот во Техеран сака договор. Од американска перспектива, за ова ќе треба да се исполнат 15 барања, од кои на две особено се инсистира: Иран мора да се откаже од збогатениот ураниум и да се откаже од понатамошно збогатување. Покрај тоа, Иран мора да го отвори Ормускиот Теснец и да не наплаќа транзитни такси.
Од друга страна, Иран на почетокот на април презентираше план од десет точки, кој се фокусира на неколку барања. САД и Израел трајно да се обврзат да не извршуваат нови напади врз Иран. Прекинот на огнот да важи и за Либан, а со тоа и за милицијата Хезболах која е сојузничка на Иран. Замрзнатите ирански средства ќе бидат одмрзнати, а санкциите против земјата ќе бидат укинати.
Двете страни мора да можат да го претстават договорот како успех по клучните прашања. Меѓутоа, особено преговорите за нуклеарната програма на Иран, се покажаа како исклучително сложени во минатото. Весникот Волстрит џурнал и телевизијата Си-Ен-Ен објавија дека во последно време се дискутирало за периодот во кој Иран би се откажал од збогатување на ураниум - САД побараа 20 години, додека Иран понуди пет. Може да следат дополнителни сложени прашања: што се случува со веќе збогатениот ураниум, што е со центрифугите за збогатување и како ќе се контролира спроведувањето на договорот?
Исто така, ќе биде важно американскиот претседател Доналд Трамп да го прикаже договорот како подобар „договор“ од претходниот нуклеарен договор со Иран, кој тој го раскина во 2018 година. Техеран, од друга страна, може да го смета поседувањето атомска бомба како подобра заштита од идни напади, но преку оваа војна истовремено искуси колкав притисок може да изврши само со контролирање на Ормускиот Теснец.
Сценарио 2: Застојот продолжува, Ормускиот Теснец останува блокиран
Можно е сегашната ситуација да продолжи уште некое време: САД и Иран продолжуваат да се закануваат меѓусебно, без притоа да го кршат прекинот на огнот што е во сила од 8 април. Двонеделното примирје требаше да истече денеска и по повеќе контрадикторни изјави, американскиот претседател Трамп вчера (21 април, 2026) унилатерално го продолжи на неопределено време. Во објава на неговата социјална мрежа Трут Соушл Трамп рече дека примирјето ќе остане во сила сè додека Иран не поднесе предлог и не завршат разговорите.
Тој напиша дека одлуката е донесена на барање на Пакистан, за да им се даде време на иранските лидери да се согласат за она што го нарече унифициран предлог. Претседателот го направи овој потег откако Белата куќа претходно го одложи очекуваното патување на потпретседателот Џ. Д. Венс во Исламабад за втората рунда разговори, бидејќи Техеран, барем засега, се колеба околу натамошните преговори.
Ако ваквата ситуација продолжи, Ормускиот Теснец веројатно ќе остане блокиран од двете страни. Иран во моментов не дозволува бродовите да поминуваат низ теснецот помеѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив - со драматични последици за светската економија, бидејќи земјите од Заливот не се во можност да транспортираат нафта и гас по море од почетокот на војната.
Недостатокот на гориво дополнително би се влошил во ова сценарио; веќе сега се зборува за недостаток на керозин и во Европа. Ова му дава на Иран моќна алатка за притисок врз Трамп. И во САД, инфлацијата се зголеми поради војната - и тој тренд веројатно би продолжил во случај на продолжена блокада.
Но, и Трамп има дополнително средство за притисок кое го немаше пред првата рунда преговори во Пакистан: со блокирање на Ормускиот Теснец, американската војска го спречува Иран да ја продава својата нафта - со соодветни последици за веќе ослабената иранска економија. Експертот за Блискиот Исток, Ханс-Јакоб Шиндлер од Меѓународниот центар за борба против тероризмот, на ЦДФ ја опиша американската блокада на Ормускиот Теснец како „исклучително силно финансиско средство за притисок“, особено откако Американците со запленување на ирански брод покажаа дека сериозно ја сфаќаат заканата.
Сценарио 3: Преговорите пропаѓаат – војната продолжува
Во случај разликите и недовербата меѓу САД и Иран да се покажат како непремостливи, Трамп веќе се закани со драстични последици – од уништување на сите ирански електрани и мостови, па сѐ до пропаст на „цела една цивилизација“.
Колку далеку ќе одат САД и Израел по неуспехот на преговорите, останува да се види. Може да се претпостави дека САД, покрај нови воздушни напади, ќе продолжат и со блокада на иранските пристаништа, со цел најсилното средство за притисок на Иран во оваа војна да го свртат против режимот во Техеран.
Иран, најверојатно, би се обидел преку затворање на Ормускиот Теснец дополнително да го зголеми економскиот притисок врз САД, западните земји и државите од Заливот. Во досегашните борби тој ги напаѓаше производствените капацитети за нафта и за гас во соседните заливски држави, за да ги казни поради нивното сојузништво со САД и на тој начин дополнително да ја зголеми цената на војната на глобално ниво.
Колку ракети и дронови Иран сѐ уште поседува, не е познато. Весникот Њујорк Тајмс во неделата (19 април, 2026) објави дека американски официјални претставници процениле дека залихите на дронови се на ниво од 40 проценти, на ракетни лансери 60 проценти, а на ракети 70 проценти. Покрај тоа, според Институтот за проучување на војната, Револуционерната гарда врши притисок врз сојузничките групи во регионот, во случај повторно да избие војната, да започнат нови напади врз Израел, земјите од Заливот и САД.