1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести пред централата на ЦДУ поради изјавите на Мерц

Тагесшау | ЕМФ
22 октомври 2025

Изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц за „сликата на градот“ предизвикаа критики и протести пред централата на ЦДУ во Берлин.

https://p.dw.com/p/52OXo
„Без Мерц во сликата за градот“, пишува на транспарент што го држи демонстрант на Паризер Плац во Берлин. Демонстрациите, под мотото „Кренете го заштитниот ѕид! Ние сме сликата за градот“, се одржаа по изјавата дадена од канцеларот Мерц во врска со миграциската политика.
На демонстрациите во Берлин учествуваа повеќе илјади луѓе (фото: „Без Мерц во сликата за градот“, пишува на еден од транспарентите)Фотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Повеќе илјади луѓе се собраа пред седиштето на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Берлин за да ги изразат своите критики кон изјавите на канцеларот Фридрих Мерц за миграцијата. Алијансата „Заедно против десницата“ повика на протест под мотото „Феминистички собирг: Ние сме ќерките“. Според берлинската полиција, на демонстрациите имало околу 2.000 луѓе, додека организаторите зборуваат за 7.500 учесници.

Канцеларот Мерц на почетокот на минатата недела изјави дека сојузната влада ги коригира неуспесите во миграциската политика од минатото и постигнува напредок. „Но, секако, сè уште го имаме овој проблем во сликата за градот и затоа сојузниот министер за внатрешни работи сега е во процес на овозможување и спроведување враќања (на мигранти, н.з.) во многу голем обем“.

Мерц вели дека прашањето „не игра никаква улога“

Во понеделникот (20.10), Мерц ги отфрли критиките за неговата изјава. „Немам што да повлечам“, рече Мерц. Секој што ќе ги праша своите ќерки веројатно ќе добие „прилично јасен и недвосмислен одговор“ за тоа што можеби мислел тој со своите коментари, вели канцеларот.

За време на неговата официјална инаугуративна посета на владата на покраината Баден-Виртемберг, Мерц повторно проговори за истото. Како одговор на прашање, тој рече: „Ако ми простите, ова прашање не играше никаква улога денес и нема да игра никаква улога ниту во остатокот од денот“. За тоа што мислел „со тој збор“, Мерц вели дека кажал минатата недела во Потсдам и го повторил „вчера на прес-конференција“, па оттука е „разјаснето“.

„Неприфатливи, дискриминаторски и сеопфатно расистички“

Авторката и климатска активистка Луиза Нојбауер на демонстрациите во Берлин вчера рече дека е „навикната да ја штити еколошката клима од Фридрих Мерц, а ќе ја заштитам и социјалната клима од Фридрих Мерц“. Нојбауер го обвини Мерц за изјави „кои не се ништо друго освен неприфатливи, дискриминаторски и сеопфатно расистички“.

Таа претходно на Инстаграм напиша: „Во оваа земја нѐ има плус-минус 40 милиони ќерки. Имаме искрен интерес нашата безбедност да биде решена. Она што апсолутно не го сакаме е да бидеме искористени како изговор или оправдување за изјави кои, на крајот, беа едноставно дискриминаторски, расистички и сеопфатно навредливи“.

Дреге очекува извинување

Покрај Нојбауер, пред централата на ЦДУ зборуваа и новинарката Каролин Емке („Против омразата“), Хиба Каузер, членка на извршниот одбор на Јусос (Млади социјалисти), и поранешната копретседателка на Зелените, Рикарда Ланг. Таа рече дека жените „не се смоквин лист за десничарските наративи“. На транспарентите во Берлин, на пример, пишуваше: „Расизмот е проблем во сликата за градот“, „Ќерки за шарена слика за градот“ и „Ние немаме проблем со сликата за градот, туку проблем со расизмот“. Исто така, имаше извици „Ние, ние, ние сме сликата за градот“ и „Ние, ние, ние сме ќерките“.

Во демонстрациите учествуваше и лидерката на парламентарната група на Зелените, Катарина Дреге, која за агенцијата АФП изјави дека Мерц го поделил општеството со својата изјава: „Очекував Фридрих Мерц да се извини за својата изјава. Ако тој каже дека миграцијата ја нарушува сликата за градот, тогаш тој навредува милиони луѓе во Германија кои имаат мигрантско потекло и кои се чувствуваат опфатени (со таа изјава, н.з.)“. Наместо тоа, Мерц треба „да ги зближи луѓето, да гради мостови и да им каже на сите во оваа земја: 'Вие припаѓате тука'“, рече Дреге.