1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Крај на протестите или само пауза?

Ивица Петровиќ
3 јануари 2024

Благите протести ја поттикнаа српската опозиција да чува енергија. Но, за што? Нема голем притисок од странство врз власта на Вучиќ, институциите не работат, а опозицијата е во дилема дали да влезе во парламентот.

https://p.dw.com/p/4aovY
Постизборните протести во Србија понекогаш беа добро посетени
Постизборните протести во Србија понекогаш беа добро посетениФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Опозициските партии кои ја оспоруваат регуларноста на изборите во Србија ги прекинаа секојдневните протести и најавуваат само повремени поголеми собири - по Божиќ.

Празничните денови, но и релативно слабиот одзив на протестите и покрај тешките обвинувања и штрајкови со глад, ја принудија опозицијата да се обиде да ја зачува енергијата на незадоволство на граѓаните.

Остана нејасно која ќе биде причината за новите собири, но Мирослав Алексиќ, лидерот на листата „Србија против насилство“, рече дека опозицијата „ќе има одговор доколку власта месецов се обиде да ги конституира републичкиот и белградскиот парламент“.

Властите оставаат можност да се повторат белградските избори доколку нема мнозинство, а републичките и покраинските избори се претставени како беспрекорни со многу малку официјални приговори.

Претседателот Александар Вучиќ изјавува дека „нема да има меѓународна истрага кога станува збор за изборите“ и оти „не му е грижа што ќе кажат за тоа странските медиуми и странските влади и дека тие Гонзалеси и тие чуда можете да ѝ ги закачите на мачката за опаш“.

Ова е алузија на доаѓањето на поранешниот шпански премиер Фелипе Гонзалес и мисијата на ОБСЕ во Србија, откако режимот на Слободан Милошевиќ не сакаше да ги прифати резултатите од локалните избори во 1996 година.

Слаб уличен притисок

Благата поддршка на улица покажува дека граѓаните се заморени од протести, истакнува за ДВ историчарот и поранешен амбасадор Милан Ст. Протиќ. „Тие не беа доволно масивни за да извршат притисок врз овој режим. Мислам дека опозицијата е пред тешка одлука дали ќе влезе во системот и ќе ги прифати мандатите или ќе бара алтернативен притисок врз режимот. Се плашам дека енергијата што се појави по тие мајски ужаси нема повторно да се разбуди“, смета Протиќ.

Малку поинакви протести против „изборната кражба“ во Србија

Кога станува збор за правната борба низ институциите, тешко е да се очекува некаков успех. „Тоа е сизифовска работа, затоа што режимот не дава ни 5 пари за тоа колку се прекршени демократските правила за време и пред изборите. Очигледно е дека овој режим се лизга во отворена автократија“, забележува Протиќ. „Опозицијата во овие услови и да беше подобра од постојната ќе имаше сериозни проблеми. Залудна е борбата со демократски средства против недемократски режим“, смета нашиот соговорник.

Институциите се бескорисни

Протестите можеби можеа да ја засилат политичката криза со која се соочуваме, вели за ДВ политичкиот консултант Душан Љ. Миленковиќ, но додава дека кризата постои и без протести.

„Мислам дека притисокот на втората најсилна група, која освои речиси милион гласови, е единствениот и најголемиот притисок што во моментов постои врз режимот. Мислам дека овој притисок е сериозен, и оти е тоа новина на политичката сцена“, нагласува Миленковиќ.

Надеж не полага ниту во институциите. Тој вели дека сите се потресени поради политичкиот интерес на партијата на власт. „Секоја одлука што хипотетички би била донесена во корист на опозицијата ќе има извор во политичката волја на Александар Вучиќ, а не во тоа која било институција да си ја завршила работата“, вели Миленковиќ.

Расте надворешниот притисок врз Вучиќ?

Опозицијата веќе се обрати до европските институции и бара ЕУ да не ги признае изборите и да покрене меѓународна истрага. ЕУ се огласи дека го чека конечниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ. Засега нема индикации како воопшто би изгледал тој меѓународен ангажман.

Милан Ст. Протиќ, пак, е убеден дека „сите евидентирани неправилности сепак ќе доведат до зголемен притисок однадвор врз Александар Вучиќ, кој нема многу простор за маневрирање“, но дека прашање е како ќе се претстави опозицијата.

„Тактиката на опозицијата околу клучните прашања не ѝ носи поддршка однадвор, а без таа поддршка нема да се случат промени во Србија. Затоа се создаде впечаток дека режимот е далеку покооперативен и покорисен од опозицијата за тие прашања“, посочува Протиќ.

Претседателот на Србија, Вучиќ ја отфрла можноста за меѓународна истрага за изборите
Претседателот на Србија, Вучиќ ја отфрла можноста за меѓународна истрага за изборитеФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Миленковиќ потсетува дека властите веќе сугерираат дека би можеле да се повторат изборите во Белград, бидејќи наводно немаат мнозинство. Но, тој се прашува дали само некаква странска мисија би можела да ги подобри условите.

„Прво, на странците би им требало многу време да ги разберат начините на кои овде се врши изборниот инженеринг и изборната кражба“, посочува Миленковиќ.

Два лоши избора

Опозицијата е во неблагодарна позиција и кога станува збор за судбината на протестите и понатамошните чекори, вели Милан Ст. Протиќ, анализирајќи ги потенцијалните чекори:

„Да влезе во институциите или да не влезе - и двата избора се лоши. Ако влезе, ќе ги изневери очекувањата на народот, а ако не влезе, ќе остане надвор од системот. Тоа секогаш е дилема: дали сакате по секоја цена да учествувате во политичкиот живот или сакате суштински да ја промените Србија“, нагласува Протиќ.

Опозицијата бара нови избори во Белград, но што се однесува до републичките и покраинските избори, има само благо инсистирање изборите да се повторат на сите нивоа. Душан Миленковиќ „не гледа никакви индикации дека нешто ќе се направи“.

„Однесувањето на опозицијата дури ми кажува дека тие се подготвени да ги прифатат републичките мандати доколку победат на нови белградски избори“, заклучува Миленковиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи