1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платформа на СДСМ: Кеш во џеб, правда и удар врз луксузот

8 јуни 2026

Новата програма на СДСМ носи мерки за плати, станбени кредити, работнички права и економски раст.

https://p.dw.com/p/5Ezoz
Конгрес на СДСМ, 09.06.2024
„Твоја држава – твоја шанса“ е новата платформа на СДСМФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Твоја држава – твоја шанса“ е новата платформа на СДСМ, промовирана од претседателот Венко Филипче, која партијата ја позиционира како „социјален договор за 21-от век“. Наместо класичен политички документ, платформата претставува обид за системски пресврт во управувањето со државата, со силен фокус на економија, млади, правда и борба против корупција.

Во центарот на програмата е идејата дека државата треба да стане активен партнер на граѓаните, а не пасивен администратор. СДСМ предлага напуштање на моделот на партиски привилегии и клиентелизам, заменувајќи го со меритократија, дигитална правда и економска сигурност. Паралелно, се нагласува важноста на европските интеграции, но и заштитата на националниот идентитет.

Радикална меритократија и борба против корупција

Еден од централните сегменти на платформата е справувањето со корупцијата и партиското влијание во институциите. СДСМ предлага воспоставување систем во кој знаењето и интегритетот ќе бидат главни критериуми за напредување.

Клучните мерки вклучуваат:

  • Ветинг на функционери – темелна проверка на имотот и потеклото на капиталот на сите избрани и именувани лица од 1991 година до денес
  • Реформа на судството – проверка на интегритетот на судии и обвинители, како предуслов за враќање на довербата
  • Анонимно вработување во администрацијата – софтверско решение што ги елиминира личните податоци во почетните фази на селекција
  • Професионализација на дипломатијата – со минимум 80% кариерни амбасадори

Овие политики имаат за цел да создадат функционална правна држава, во која правдата не е селективна, туку еднаква за сите.

Економија, плати и нов модел на раст

Во делот на економијата, платформата нуди премин кон модел што го наградува трудот и продуктивноста, наместо привилегиите.

Се предвидуваат даночни олеснувања за млади, како на пример целосно укинување на персонален данок за лица до 30 години. Потоа регионална поддршка – даночни бенефиции за работници во помалку развиени области, намалување на ДДВ-то за основни производи, со цел заштита на стандардот и инвестиции во извозно ориентирани компании преку Развојната банка. 

Дополнително, платформата предвидува и оданочување на луксузот и големото наследство, со што би се обезбедиле средства за социјални мерки и раст на платите. Целта е долгорочно стабилна економија која создава нови работни места и ги задржува младите во државата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, 13.02.2025
Новата програма на СДСМ носи мерки за плати, станбени кредити, работнички права и економски растФотографија: Petr Stojanovski/DW

Млади и домување: стратегија за останување

СДСМ ги препознава младите како клучен ресурс за развој на земјата, поради што се нудат олеснувања за оние до 35 години со цел да се спречи иселувањето, како на пример: 

  • „Прв дом без данок“ и станбени кредити со фиксна камата од само 1% за првите 10 години
  • Целосно укинување на персоналниот данок за сите млади до 30 години
  • Грантови од 10.000 евра за млади кои ќе решат да се вратат од странство и да започнат бизнис во Македонија

Овие мерки се насочени кон создавање реални услови за економска независност, како и чувство на сигурност кај младите генерации.

Работнички права и дигитална правда

Платформата воведува нов пристап кон работничките права, особено во контекст на дигиталната економија и новите модели на вработување. Предложени се четиридневна работна недела преку пилот-програми, право на исклучување (офлајн живот по 16 часот) и статус на дигитален работник, со автоматско акумулирање на придонеси.  Ова претставува обид за модернизација на трудовото законодавство и заштита на работната сила во услови на технолошки промени.

СДСМ ветува енергетска автономија преку масовна соларизација – соларни панели на секоја државна зграда и високи субвенции за секој дом. Паралелно, се промовира и концепт на „психолошка сигурност“, каде психотерапијата би станала бесплатна услуга на товар на Фондот, а во училиштата би се вовела „емоционална писменост“ како предмет.

Идентитет, дигитална слобода и ЕУ интеграции

На надворешен план, се инсистира на професионална дипломатија со квота од 80% кариерни амбасадори. Во однос на националниот идентитет, платформата е децидна дека „јазикот е црвената линија“ и дека македонскиот идентитет е веќе меѓународно заштитен и потврден преку вклучувањето во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.

СДСМ ја потврдува својата ориентација кон ЕУ, потенцирајќи дека европските интеграции одат рака под рака со зачувување на националните вредности.