1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Украина: Виткоф патува во Берлин на средба со Зеленски

АРД | агенции | СН
13 декември 2025

Германскиот главен град би можел да стане клучно место за разговорите за ставање крај на војната во Украина. Доаѓа украинскиот претседател Зеленски, а САД го испраќаат својот специјален претставник, Виткоф.

https://p.dw.com/p/55HQz
Украинскиот претседател Володимир Зеленски меѓу украински војници во Кобјанск во регионот Харков
Европејците и Украинците бараат од САД осигурување на безбедносни гаранции пред Украина да преговара за какви било територијални отстапки.Фотографија: President of Ukraine/apaimages/IMAGO

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ќе отпатува во Берлин на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските шефови на држави или на влади за мировно решение за војната во Украина. Ова го потврди портпарол на Белата куќа за неколку американски медиуми.

И зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, доаѓа во Берлин. И Виткоф и Кушнер неодамна, по налог на администрацијата во Вашингтон, преговараа со украински и руски претставници за условите за прекин на огнот во Украина.

Цел: „Понуда за преговори со Русија“

Целта на консултациите е да се изработи заеднички став за мировен договор со Русија. За Русија треба да се креира понуда за преговори, изјави претставник на кабинетот на францускиот претседател.

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф (десно) и зетот на Трамп, Џаред Кушнер во преден план. Зад нив стои  рускиот претседателски пратеник Кирил Димитриев.
Виткоф (десно) и Кушнер (лево) неодамна, по налог на администрацијата во Вашингтон, преговараат со украински и руски претставници за условите за прекин на огнот во УкраинаФотографија: Alexander Kazakov/Sputnik/Pool/REUTERS

Фактот дека САД испраќаат дури двајца претставници во Германија може да се протолкува како знак на оптимизам од страна на американската влада, јавува дописникот на германската телевизија AРД, Самуел Јакиш, од Вашингтон. Во четвртокот, Белата куќа порача дека ќе учествуваат на состанокот само ако има доволно суштински напредок кон прекин на огнот.

Се очекуваат и Макрон и Стармер

Францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и канцеларот Фридрих Мерц, исто така, треба да учествуваат на состанокот во Берлин. Се очекува присуство и на високи претставници на Европската Унија и НАТО.

Германската влада веќе потврди дека Мерц во понеделник ќе го прими украинскиот претседател на економски разговори и „размена на мислења за состојбата на мировните преговори во Украина“. Вечерта, „бројни европски шефови на држави и влади, како и лидери на ЕУ и НАТО ќе се приклучат на разговорите“. 

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон пред влезот во Даунинг стрит 10 - резиденцијата на премиерот на Велика Британија.
По Лондон на разговори во Берлин: Зеленски, Стармер, Мерц и МакронФотографија: Adrian Dennis/Pool/AFP/Getty Images

Американскиот план предвидува отстапки за Украина

Пред околу три недели, САД презентираа план за прекин на руската агресија во Украина, кој во својата оригинална форма во голема мера ги исполнуваше воените цели на Русија. На инсистирање на Украина и нејзините европски сојузници, документот беше ревидиран во клучните точки. САД сè уште очекуваат Украина да направи значителни територијални отстапки кон Русија. Досега, Москва не покажа никаква подготвеност да отстапи од своите првични воени цели или да се согласи на дипломатски преговори за завршување на војната.