Реформи во ДУИ: Пат кон граѓански терен или „како досега“?
5 ноември 2025
Дали навистина ќе следи темелна реформа во партијата или се ќе заврши со козметичка, како досега? Прашањето оди на адреса на ДУИ, која на неодамнешната седница на Централното претседателство донесе одлука за формирање Организациски одбор за партискиот Конгрес кој треба да се одржи до 20-ти декември. Ваквите подготовки ги вжештуваат прогнозите за тоа кои лица би останале надвор од најтесниот круг на одлучување, но партиски извори велат да не се избрзува со прогнозите. Потврдуваат дека „се слуша“ оти ќе следи смена на долгогодишни кадри, преструктурирање во ограноците и нови имиња, но и дека тогаш ќе се види дали новите имиња навистина ќе бидат нови или марионетски екстензии на досегашните.
Првите поместувања почнаа симболично. Пратеникот на ДУИ Блерим Беџети се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на Европскиот фронт, а истото го направи заменик координаторката Арбана Пашоли. Функцијата координаторка ќе ја преземе пратеничката Рина Ајдари, а заменик координаторка ќе биде Дијана Тоска.
Поддржувачите на партијата во јавни коментари очекуваат реформи кои партијата ќе ја зацврстат „на пиедесталот“.
„Не дали ќе има (реформи - н.з.) туку ќе мора“, „Иако според гласовите на советничките листи никогаш не заминала оттаму, ДУИ многу брзо ќе се зацврсти на пиедесталот со нови лица и обновени сили“, се вели во дел од коментарите.
Јасни политички и морални вредности
Со јавна изјава се огласи Секретаријатот за еднакви можности на ДУИ од огранокот во Тетово, што беше протолкувана како импулс за претстојните промени.
„Неодамнешните настани отворија широка дебата во општеството и ја покренаа потребата од длабоко размислување во рамките на партиските структури. ДУИ е изградена врз јасни политички и морални вредности - интегритет, правда, еднаквост и посветеност кон граѓаните - вредности што мора да бидат зачувани и претставени со достоинство од сите наши членови и претставници. Како жени вклучени во политичкиот и општествениот живот, ја нагласуваме важноста на транспарентноста, одговорноста и јавната етика на секое ниво на донесување одлуки. Бараме од раководството на партијата да преземе јасни чекори за да се осигура дека овие принципи го водат секое дејствување и јавна изјава“, наведуваат од тетовскиот огранок на Секретаријатот за еднакви можности на ДУИ.
Од изјавата е јасно дека поддршката за партискиот претседател е безрезервна.
„Остануваме посветени на идеалот, визијата и мисијата на ДУИ, предводена од претседателот г-дин Али Ахмети, верувајќи дека само преку единство, внатрешни реформи и зајакнување на граѓанската доверба, можеме да го продолжиме нашиот пат кон пофер и посветла иднина за сите“, порачаа од Секретаријатот.
Во дел од медиумите на албански јазик оваа изјава се третира како реакција на објавени аудио снимки во кои се вклучени имињата на двајца долгогодишни кадри на ДУИ, кои го шокирале јавното мислење.
Кога метафората е навреда - политиката е завршена
Она што во двете децении додека ДУИ беше на власт ѝ се замеруваше на партијата, е дека не научила да дејствува и да се развива како модерна политичка структура. Во еден период изгледаше дека ќе направи исчекор во таа насока, најавувајќи го тежиштето во нејзиното дејствување како „зелена партија“, но наспроти тоа уште посилно заигра на етничкиот, а не на граѓанскиот терен. Дополнително, реториката на водството на ДУИ пред локалните избори, донесе и многу критики заради навредите кон опонентот кои беа доживеани како навреда генерално за Албанците, за што критика упати и поранешниот член на косовскиот Уставен суд, Кадри Криезиу.
„Кога еден албански политичар ги нарекува Албанците 'кучиња' или 'платеници', тој веќе не зборува за противниците. Тој зборува за себе, за губењето на својот компас и недостигот на какви било идеи. Кога немате што да понудите, измислувате метафори. А кога метафората е навреда, тогаш политиката е завршена (...) Кој го спушта својот јазик толку ниско, не може да ја подигне политиката повисоко“, оцени Криезиу.
За суштински промени
Познавач на состојбите во ДУИ смета дека Ахмети го пропуштил периодот да направи одредени промени уште во периодот кога т.н. Огнена група го барала тоа.
„Не знам дали тоа ќе спречеше таа епизода на крајот да заврши со формирање на ВЛЕН, но факт е дека тогаш не најде сила да им се заблагодари и да се збогува со одредени лица кои во јавноста одамна беа нарекувани ‘вечни’ или ‘фиксни кадри’, но во смисла - компромитирани и истрошени. Дури и кога имало промени, тоа повеќе било во министерските редови отколку во првата партиска постава. За оние кои и покрај критиките остануваа во игра, тоа се правдаше со фразата дека ‘ДУИ прави комбинација на искуство и млада енергија’. Но вистината е дека дури и тие што останаа без партиски функции и повеќе не седеа на главната маса во ДУИ, неформално и натаму останаа покрај Ахмети, со што таквите ‘промени‘ губеа смисла. Денес ДУИ скапо го плаќа данокот за тоа, но не е доцна да сврти друга страница. И не треба да се потцени можноста за нејзино брзо ревитализирање“, вели соговорникот.
Од клиничка - во биолошка смрт
Ахмети, кој најави длабинска анализа на изборните резултати и обновување на партиските редови, засега одвнатре не е засегнат околу извесноста дали ќе остане на лидерската позиција, со што поизвесно е дека ќе биде анализирана одговорноста на првите луѓе во ограноците. Ако се имаат предвид критиките на опонентите, ДУИ ќе треба да ја анализира долгогодишната ароганција и злоупотреба на граѓанската доверба, но и „придонесот“ на другите лостови во НАИ за губењето на градоначалнички места.
„Села и Таравари, како двајца лекари, му помогнаа на ДУИ да излезе од клиничка смрт за да го испратат во биолошка смрт“, коментира Мустафа Даути, заменик-директор на Царинската управа.
На неговиот профил на Фејсбук оцени дека победата на ВЛЕН е двојна, бидејќи не станува збор само изборна победа, туку и за епохална промена, што е јасен доказ дека Албанците во земјата го избрале патот на одговорност, транспарентност и нова визија за управување.
„Десетте освоени општини се 10 печати на легитимитет, кои го потврдуваат присуството на ВЛЕН како централна и неизбежна сила во албанската политика во Македонија. Втората победа на Албанците е казната што ја доби ДУИ, партија која со години држеше апсолутна власт, но ја злоупотребуваше. Ароганцијата, недостигот на самокритика и злоупотребата на довербата на граѓаните се претворија во бумеранг. Албанскиот народ даде јасна порака дека власта не е сопственост, туку одговорност“, напиша Даути.