Репортери без граници ја рангираше Македонија на 42 место
2 мај 2025
Северна Македонија падна шест места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на Репортери без граници (РБГ). За разлика од минатата година кога беше на 36 место, оваа година е на 42 позиција.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широко раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во образложението.
Во однос на минатата година,Македoнија има пад во 3 од 5 индикатори. Најголем пад има во политичкиот, социјалниот индикатор и во економскиот показател, а незначителен пораст во однос на правната рамка и безбедноста.
Каква е состојбата во регионот?
Македонија е последна во групата земји каде ситуацијата е „задоволителна“. Од регионот, Словенија е најдобро рангирана според индексот за слобода на медиумите, рангирајќи се на 33-то место на светската листа на РСФ (за девет позиции погоре). Црна Гора којашто се искачи погоре за 3 места (37).
Сите други се во групите со „проблематична“ или „тешка“ состојба.
Србија бележи раст на индексот за две места (96/98), но земјата е на претпоследно место по слободата на медиумите во цела Европа - зад неа е само Косово коешто е на 99 место. Црна Гора напредуваше за три места и е на 37 позиција, Албанија е 80-та (зголемен за 19 места), додека Босна и Херцеговина е на 86 место (пад од пет места). Хрватска е на 60-та позиција (пад од 12 места).
Кога станува збор за главните актери на светската сцена, според индексот на слободата на медиумите, САД се наоѓаат на 57-мо место (пад од две места), Руската Федерација е на 171-во место (пад од девет места), а Кина е на 178-мо место (пад од шест места).
Во извештајот за 2025 година, Норвешка, Естонија, Холандија, Шведска и Финска се на врвот на светската листа на индексот за слобода на печатот, на којшто се наоѓаат 180 држави.
Германија испадна од првите десет на глобалната ранг-листа за слобода на печатот. Според извештајот, Германија паднала од 10-то на 11-то место. Според РСФ, причината за оваа проценка е, меѓу другото, „сè понепријателската работна средина“ за медиумските професионалци во оваа земја, особено поради нападите од десничарските екстремисти.