Демографски ризици: Пензискиот систем под сè поголем товар
9 април 2026
Реформи за обезбедување одржлив пензиски систем и соодветна грижа за старите лица се неминовни. Буџетските трансфери за исплата на пензии во 2024 година достигнаа околу 690 милиони евра, а проекциите за 2025 година укажуваат дека овој износ дополнително ќе се зголеми. Истовремено, Националната стратегија за стари лица е истечена пред повеќе од пет години, а услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од еден отсто од населението над 65 години. Овие показатели укажуваат на сериозни системски слабости и ризик од зголемување на социјалната исклученост и фискалните притисоци во наредните децении.
Ова се посочува во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој согласно годишната програма за работа за 2025 година изврши ревизија на успешност на темата „Стареење на населението“. Ревизијата е реализирана во рамки на меѓународна ревизија и го опфаќа периодот од 2014 до јуни 2024 година.
„Целта беше да се оцени дали преземените мерки од надлежните институции обезбедуваат соодветна грижа за лицата над 65 години и одржлив пензиски систем во услови на забрзани демографски промени“, посочуваат ревизорите.
Според нив, „иако се преземени одредени мерки и активности, не е обезбедена целосна и соодветна грижа за старите лица, ниту пак е обезбедена долгорочна одржливост на пензискиот систем“.
Демографските промени ја нарушуваат одржливоста на пензискиот систем
Ревизијата покажува дека преземените политики не се доволни за среднорочна и долгорочна одржливост. Не се имплементирани системски мерки за ублажување на демографското стареење и на зголемените притисоци врз јавните финансии. Иако пензискиот систем е димензиониран во три столба и обезбедува навремена исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е сериозно нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите и вработеноста.
Првиот пензиски столб, кој функционира на солидарна основа, континуирано работи со негативно финансиско салдо. Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнале 42,5 милијарди денари, што претставува околу 43% од вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Ограничени услуги за долготрајна нега
Системот за грижа за старите лица останува недоволно развиен. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата сè уште нема донесено нов сеопфатен стратешки документ. Формалните услуги за долготрајна нега се ограничени - услугата помош и нега во домот опфаќа околу 3.000 корисници, односно помалку од еден процент од лицата над 65 години, и не е воспоставена во 31 општина.
Грижата во најголема мера ја преземаат семејствата и неформалниот сектор, што создава дополнителен социјален и економски притисок.
Итна потреба од структурни реформи
Демографските трендови се загрижувачки. Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година. Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението.
Во последните години се регистрирани драстични намалувања: кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно, бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6% (од 22.585 живородени/14.771 матуранти).
Според демографските проекции, ревизорите посочуваат дека учеството на лицата над 65 години ќе надмине 34% до 2055 година, додека работоспособното население ќе се намали за околу 470.000 лица. Без навремени реформи, трансферите за првиот пензиски столб би можеле да достигнат над 7% од БДП, што претставува сериозен фискален ризик.
Ревизијата укажува на потребата од итни системски реформи: ревизија на моделот за усогласување на пензиите, прилагодување на стапките на придонеси, диверзификација на инвестициите во вториот столб, како и значително зголемување на капацитетите за грижа за старите лица.