Војна против Иран: Сенатот му даде одврзани раце на Трамп
5 март 2026
Во конфликт околу тоа кој има право да одлучува како да се постапува во војната против Иран, Сенатот застана на страната на претседателот Доналд Трамп. Таканаречената Резолуција за воени овластувања беше отфрлена во овој дом на американскиот Конгрес со мнозинство гласови од републиканците. Против резолуцијата гласаа 53 сенатори, а 47 беа за.
Едно „пребегнување“ од двете партии
Со резолуцијата требаше да му се забрани на Трамп да ги продолжи воените операции против Иран без одлука од Конгресот. Двете партии имаа по еден сенатор кој гласаше спротивно од мнозинството од неговата партија: демократскиот сенатор Џон Фетерман, кој ја поддржува војната со Иран, и републиканскиот сенатор Ранд Пол, кој генерално е скептичен кон воените интервенции.
Пол и демократот Тим Кејн го предложија текстот на резолуцијата. Кејн го критикуваше Трамп пред гласањето, велејќи дека претседателот „не му доставил на Конгресот никакви докази дека Соединетите Американски Држави се под непосредна закана од Иран“.
Тест за расположението кон Трамп
Пол го образложи својот отпор со Уставот на САД. Според Уставот, Конгресот е тој што има моќ да објави војна. Сепак, претседатели на САД од редовите на двете партии повеќепати ја игнорираа оваа одредба уште од Втората светска војна наваму. Гласањето во Сенатот се сметаше за тест за расположението кон Трамп, чија партија има тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. За слична резолуција треба да се гласа денеска и во Претставничкиот дом, но исходот сега е во голема мерка симболичен поради неуспехот на резолуцијата во Сенатот.