1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова програма на СДСМ: нула корупција и повисоки приходи

27 март 2026

Венко Филипче ја претстави програмата „Твоја држава – твоја шанса“ со нула корупција, повисоки плати, 50% поголеми пензии, поддршка за младите и станбени кредити со 1% камата.

https://p.dw.com/p/5BGAo
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, 13.02.2025
Венко Филипче ја претстави програмата „Твоја држава – твоја шанса“ со нула корупција, повисоки плати, 50% поголеми пензии, поддршка за младите и станбени кредити со 1% камата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

План за нула корупција, ветинг, борба против партиски вработувања, поддршка за младите со поволни станбени кредити, повисоки плати и 50% поголеми пензии, како и скратена работна недела се меѓу главните точки во новата предлог програма на СДСМ „Твоја држава – твоја шанса“, која ја претстави партискиот лидер Венко Филипче. Според него, документот содржи конкретни мерки и политики насочени кон сите граѓани и кон напредок на државата.

Предлог програмата ја изработија стручните комисии во партијата и моментално претставува работна верзија. Таа е отворена за широка јавна дебата со експерти и професионални здруженија од различни области. Целта е процесот да заврши на почетокот на јуни, по што програмата ќе биде официјално усвоена на Конгресот на 7 јуни.

Платите нагоре, пензиите повисоки за 50%

На брифинг со новинарите, претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги презентираше дел од клучните економски мерки. „Сведочиме на згрозувачка инфлација на алчноста. Работникот едвај врзува крај со крај, додека големите корпорации бележат рекордни профити. Имаме европски цени, а плати што се на европското дно. Пензионерите гледаат како нивните приходи секој месец губат чекор со растот на цените“, рече Филипче.

Мерките предвидуваат:

  • раст на платите во согласност со растот на профитот на компаниите,
  • стимули за фирмите што ги зголемуваат платите,
  • 50% повисоки пензии за еден мандат,
  • автоматско усогласување на пензиите со растот на трошоците и платите.

Во новата предлог програма на СДСМ е вклучена и уште една мерка, а се однесува на кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири работни дена. Филипче порача дека со овој модел човекот се става пред профитот, а целта е достоинствен живот за работниците.

Прв дом за младите: станбен кредит со 1% камата

Еден од клучните сегменти во програмата е решавањето на долгогодишниот проблем со домувањето. Мерките предвидуваат: целосно укинување на данокот на промет за млади до 35 години при купување прв стан, гарантирани станбени кредити со фиксна камата од 1% во првите 10 години, поддршка за зелени и енергетски ефикасни згради, фонд за итни интервенции за покриви и фасади и модел „ключ во рака“ за млади семејства.

„Македонските градови се празни, тие се без луѓе, има се повеќе станови, а се помалку домови. Просторот е за живеење, домот треба да е спокоен“, изјави Филипче.

Нула корупција преку Европско обвинителство

Во делот на правдата, Филипче посочи дека институциите се ранливи на корупција и дека е потребна системска реконструкција на механизмите за контрола.

Клучни точки од антикорупцискиот план се: оперативен фронт со Европското обвинителство,новa архитектура на институционална отпорност, дигитални смарт-протоколи што ја ограничуваат дискрецијата, алгоритамска проверка на капиталните текови, затворање на „фундаментите“ што генерираат корупциски ризици.

„Борбата против корупцијата не смее да зависи од нечија волја, туку од системски поставен имунолошки одговор на државата“, рече Филипче.