Се финализираат детали за евакуација на Македонци од OAE
4 март 2026
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија синоќа соопшти дека македонската амбасада во Абу Даби во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на чартер летови за евакуација на македонските државјани.
Повикани се сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а кои досега не се пријавиле, во најкраток рок да се пријават на телефонскиот број +971 56 441 7532 или на е-пошта: abudabi@mfa.gov.mk.
„Безбедноста на македонските државјани останува наш највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за сите понатамошни чекори и услови за безбедна реализација на евакуацијата“, соопшти МНР.
Според податоците на МНР до вчера 473 македонски државјани побарале помош или информации преку претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.
Има дел македонски државјани кои се двоумат дали да се вратат. Аргументите се различни - од тоа дека во земјите каде престојуваат засега се чувствуваат безбедно, до образложенија дека не би сакале да ги остават работните места за кои вложиле напор да ги добијат.
Делумно финансирани операции
Евакуацијата е во фокусот на земјите во ЕУ, кои ќе имаат и делумно финансирани операции за репатријација од кризните подрачја.
„ЕУ почна да им помага на земјите-членки да евакуираат дел од нивните граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток“, изјави за АФП еврокомесарката за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, Хаџа Лабиб.
Таа објаснува дека Италија бил правата што го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој овозможува делумно финансирање на операциите за репатријација. Истото го побарале и Словачка и Австрија. Италијанските власти планираат летови за репатријација на италијански граѓани од Египет и Јордан. Словачка побарала од Брисел помош за финансирање на два лета од Аман до Братислава, закажани за денес (4.2.) и утре. ЕУ финансира 75% од трошоците, ако најмалку 30% од патниците се од различна националност од онаа на државата што го доставила барањето. Ако процентот е под 30%, ќе се финансираат 50% од трошоците. Неколку земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, започнаа или се подготвуваат да започнат евакуација на нивните граѓани со чартер летови.
Во телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис предложил бугарски граѓани во Оман да бидат евакуирани со лет организиран од грчката држава кој треба да се реализира денеска, а била изразена подготвеност за соработка и во идни напори за евакуација на бугарски граѓани од регионот на Блискиот Исток.
Неизвесно во туристичкиот сектор
Додека едни се подготвуваат за евакуација и враќање дома, други ги откажуваат патувања за март, април и мај, во кои се предвидени трансфери на аеродромите во некои од метрополите кои станаа цел на одмаздничка реакција од Техеран.
„Се откажавме од патување за Виетнам во април, бидејќи е предвидено преседнување во Доха. Можеби дотогаш многу нешта ќе се сменат, можеби ќе најде и друга алтернатива за рутата, но сега за нас е најсигурно да останеме дома. Никој не може да предвиди како ќе се развива ситуацијата“, објаснува двојка од Скопје.
Многу европски туроператори ги откажаа или одложија на неодредно понудите за патувања на Блискиот Исток по американските и израелските напади врз Иран. Засега никој не може да предвиди како и колку ескалацијата на конфликтот би можела да влијае врз туристичкиот сектор.
Диверзификација на снабдувачите
Вниманието е најмногу фокусирано врз растот на цените на нафтата и гасот, бидејќи тоа ќе се одрази во сите сфери. Прекинот на транспортот на нафта низ Ормускиот теснец предизвика раст на цените на енергентите на светските пазарите. Нафтата од типот Брент вчера порасна за 8,2%, односно нa 84 долари, после претходниот скок дo 85,10 долари. Се стравува дека продолжените воени дејствија можат да го нарушат редовното снабдување со нафта на светско ниво.
Од македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини уверуваат дека Македонија има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји.
„Со таа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун-Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати", информираат од Министерството.
Агенцијата за задолжителни нафтени резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, со подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето.
„Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето“, посочуваат од Министерството.
Државните резерви стабилни
Во овој момент, државните резерви се оценуваат како стабилни. Државата располага со Еуродизел - 138.877.053 литри, Еуросупер БС-95 - 32.098.680 литри, Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) - 10.772.342 литри и Мазут М-1 НС - 5.287.794 килограми. Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Овие капацитети се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните органи.
„Доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини - затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади, државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. Во функција е продуктоводот Солун - Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци“, уверуваат од Министерството.
Намалено или прекинато производство
Факт е дека состојбата треба континуирано да се следи, бидејќи нештата брзо се менуваат.
„Американско-израелската војна против Иран предизвикува сериозни тешкотии во снабдувањето со нафта и гас", пишува Ројтерс во резиме на главните проблеми што се појавија од почетокот на конфликтот.
Ирак, вториот најголем производител на ОПЕК, за половина го намали производството на нафта поради ограничувањата на капацитетот за складирање и прекинот на извозните рути, со најави дека брзо би можеле да бидат принудени да го прекинат речиси целото производство на нафта, ако извозот не биде возобновен. „Катар Енерџи“ пред два дена го прекина производството на течен природен гас (ЛНГ), а Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, го прекина производството во својата рафинерија „Рас Танура“. Властите во Обединетите Арапски Емирати пријавија голем пожар во пристаништето Фуџаира, кое е клучен глобален центар за складирање на нафта. Кина ја намали преработката во рафинериите, Индија бара алтернативни извори на сурова нафта и течен гас во случај кризата да трае повеќе од 10-15 дена, а Индонезија ги менува добавувачите - планира да го зголеми увозот на сурова нафта од САД за да ги компензира намалените достави од Блискиот Исток.