Ши и Трамп: „Големи зделки“ од глобална димензија
13 мај 2026
Добрите работи бараат време, гласи една ориентална поговорка. По откажувањето во април, американскиот претседател Доналд Трамп сега ја посетува Кина. Во денешниов свет, глобални предизвици како економскиот раст и климатските промени може да се решат само преку ангажман на двете големи нации. САД се најголемата, а Кина втора по големина економија во светот; истовремено Кина е најголем испуштач на стакленички гасови, а САД веднаш зад неа. Во овој контекст средба меѓу кинескиот претседател Ши Џинпинг и Трамп едноставно не смее да пропадне, сметаат владите во Пекинг и во Вашингтон. Очекуваниот договор ќе има глобална димензија. Двајцата амбициозни лидери имаат за цел на нивното население - а во случајот со САД, и гласачите – да им покажат резултати што ги прикажуваат во добро светло. Ниту еден не сака да си го изгуби угледот, двајцата се стремат да се покажат како „силни мажи“. Трамп се потпира на комунистичка Кина.
Тој е многу свесен дека може да смета на тоа оти на насловните страни ќе се пишува за успеси кога Кина ќе излезе со ветувања, бидејќи Пекинг не сака да го засрами сопствениот претседател, кој веќе 13 години цврсто се држи на власт. Сепак, Трамп мора да има и компромиси во ракав, кои можеби се непријатни, но ќе може да ги прикаже на американската јавност во случај да биде потребно.
„На Трамп итно му се потребни позитивни вести во надворешната политика“, вели Чу Јин, политиколог во тинк-тенкот на Институт Пангоал во кинескиот главен град и поранешен професор на Универзитетот за меѓународни односи во Пекинг.
„Рејтингот на Трамп е во бездна во пресрет на среднорочните избори во ноември годинава. Неговиот план очигледно не успеа, сојузникот на Кина, Иран, да се клекне на колена преку првите брзи воени удари и потоа да се слави триумфот во Пекинг и исходот да се користи како адут во преговорите“, вели Чу. Сега мора да игра на картата на барем делумен договор во трговската војна со царините. Преговарачите од двете земји во Сеул бараа заедничка основа уште пред самата посета. Американската економска делегација сака да обезбеди нарачки од Кина. За Републиканците, тоа би бил успешен старт на кампањата за среднорочните избори. На 3-ти ноември, 435-те места во Претставничкиот дом на САД, како и 33 од 100-те места во Сенатот, ќе бидат пополнувани од ново. Републиканците во моментов имаат мало мнозинство во двата дома. Покрај тоа, избори за гувернери се одржуваат истовремено во 36 американски држави и на три територии.
Тајван како црвена линија
За Пекинг прашањето за правниот статус на Тајван е „црвената линија“ која во дипломатските односи со САД не смее да биде пречекорена. Пекинг го смета Тајван за отпадничка покраина на „Народна Република Кина“, која основачот на државата Мао Це Тунг во 1949 година ја прогласи. Сепак, на демократски управуваниот остров, уставот на „Република Кина“ од 1911 година останува на сила. Според правното толкување на Пекинг, овој ентитет нема право да постои, ниту пак ознаката „Тајван“ како независна земја. За Пекинг има само една Кина, а Тајван е дел од неа, а Народна Република е единствената легитимна влада. Пекинг оваа доктрина ја нарекува „Принцип на една Кина“ и тој служи како основа за секој дипломатски однос со Народната Република. Во Шангајското коминике од 1972 година кое заедно со уште два документа, се смета за базата за обновување на дипломатските релации меѓу САД и Народната Република, владата на САД само го „прима на знаење Принципот на една Кина“. Од декларацијата не може експлицитно да се сфати, дали во овој контекст САД се осврнуваат на Народна Република или на Република Кина. Законот за односи со Тајван пак, федерален закон на САД донесен во 1979 година, владата на САД ја овластува да „му обезбеди на Тајван оружје за одбрана“ и да „се спротивстави на какво било прибегнување кон сила или други форми на принуда што би ја загрозиле безбедноста или социјалниот или економскиот систем на народот на Тајван“. За време на вториот мандат на Трамп, Тајван веќе има нарачано од американски фирми системи за оружје во вкупна вредност од рекордни 11,1 милијарди долари. Тајванскиот парламент во петокот (8 мај) кратко пред патувањето на Трамп во Пекинг, донесе закон во врска со набавката на средства за одбраната. До 2033 година островската република планира да набави дополнителни американски системи во вредност до 25 милијарди долари. Пекинг гледа дека американскиот претседател Трамп има голем простор за маневар во рамките на постоечката законска рамка. Затоа се очекува дека Пекинг ќе ги искористи сите адути за Трамп да даде пријателски настроена изјава спрема Пекинг, а во врска со Тајван.
Војните во Иран и Украина
Пекинг може да го искористи своето значење во глобалниот пејзаж за да го одвлече вниманието од потенцијалните нарачки од повеќе милијарди долари од Тајван. „На САД им е потребна кинеската поддршка во војната во Иран“, вели Питер Кју, претседател и основач на Центарот за глобализација во Хонг Конг. Кина игра клучна улога и во ставањето крај на руската агресорска војна во Украина. По Трамп, во Пекинг се очекува и рускиот претседател Владимир Путин најдоцна во јуни годинава. Во двата конфликти, Кина не е директно засегната страна во борбите. Пекинг тврди дека сите меѓународни санкции на ОН строго ги почитува. Сепак, зад затворени врати Пекинг е активен, води интензивни разговори со Техеран и Москва. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, беше во Пекинг минатата недела. Неговиот кинески колега, Ванг Ји, беше загрижен дека конфликтот со Иран многу го попречува регионалниот и глобалниот мир. Кина истовремено го поддржува Иран во мирната употреба на нуклеарна енергија за цивилни цели, што според Пекинг е право на секоја суверена држава. Ванг се надева и дека „сите страни во конфликтот со Иран позитивно ќе реагираат на очекувањата на меѓународната заедница за обезбедување безбедна пловидба низ Ормускиот Теснец“.
Пекинг смета дека на тој начин и САД кои привремено ја блокираат пловидбата во и од Персискиот Залив, исто така се одговорни. Во последните три недели, во регионот е на сила кревок прекин на огнот меѓу Иран, САД и Израел. „Се надевам дека Кинезите ќе ја пренесат оваа порака до Иран“, вели американскиот државен секретар за надворешни работи Марко Рубио, осврнувајќи се на блокадата на Иран. Тој додава дека „без оглед на тоа дали тоа се случува зад затворени врати, се надевам само дека тоа ќе се случи брзо“. Во интерес на Кина „како економија ориентирана кон извоз“ е Иран веќе да не го блокира теснецот, оцени Рубио минатата недела на редовната прес-конференција во Белата куќа. „Иран не смее да поставува мини и не смее да ја држи глобалната економија како заложник“, рече Рубио. Останува нејасно дали тој ќе патува во Пекинг со американскиот претседател Трамп. Со оглед на критичките забелешки во врска со состојбата со човековите права во Специјалниот административен регион Хонг Конг и ујгурската провинција Синџијанг во времето кога беше сенатор од државата Флорида, тој и денес е на списокот кинески санкции со забрана за влез.
Делумен договор во трговската војна?
Пораката на Трамп до кинеското раководство е јасна, имено дека светот не треба да купува само кинески производи, туку и Кина мора да купува американски за да го компензира трговскиот суфицит.
Трамп пред една година заради трговскиот дефицит, воведе високи казнени царини за кинеските стоки. Некои беа укинати. Сепак, преговарачите од двете земји до сега не можеа да се пофалат со значаен напредок. И покрај казнените царини, Кина според статистиката од Бирото за попис на САД во рамки на Министерството за трговија, забележа и натаму значителен суфицит од речиси 202 милијарди американски долари во 2025 година. Тоа е еквивалентно на целотокупното годишно економско производство на ЕУ- членката Унгарија. „Кина е подготвена да купува американски производи“, забележува Кју, кој докторирал на германскиот универзитет Тибинген.
„Но, Кина очекува и отстапки за возврат, на пример олабавување на забраната за извоз на специјализирани американски полупроводници дизајнирани за вештачка интелигенција“, вели тој. САД имаат строги контроли за извоз на напредни чипови кои користат вештачка интелигенција. Тоа се чипови со високи перформанси развиени специјално за машинско учење преку сложени алгоритми. Кина е во процес на стекнување на потребната производствена технологија, но процесот се одвива многу бавно поради американските ограничувања. „Очекувам на крајот да има еден вид 'голема зделка' што ги вклучува националните интереси на две големи нации“, вели Кју. При посетата на рускиот претседател Путин во Пекинг, Кина ќе се консултира под кои услови би можела да се заврши војната во Украина, додава Кју, што според него е уште една тема што Трамп ја очекува од Кина. Во текот на викендот, веќе имаше почетни знаци за деескалација од Москва. На прес-конференцијата по Парадата за крајот на Втората светска војна, лидерот на Кремљ најави дека војната во Украина се ближи кон крајот, но не наведе дополнителни детали.