Тревога во германските болници поради екстремните горештини
23 јуни 2026
Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф (УKE) е добро подготвена: во нејзиниот двор има многу стари дрвја, преку улицата се наоѓа парк, а на некои згради се извишуваат диви лози или бршлен по фасадите.
Сето тоа помага против топлината. Пред сѐ, дрвјата ја ладат околината со својата сенка и со испарувањето на водата се одзема топлината од воздухот. И растенијата на фасадите имаат ефект на ладење и спречуваат топлите зраци на сонцето да стигнат до ѕидовите.
„Клупи се поставени и под дрвјата за да можат мобилните пациенти, посетителите и вработените да останат во сенка“, вели Франк Џуковски, раководител на одделот за одржливост во УKE. Пред три години, клиниката во Хамбург разви сеопфатен план за заштита од топлина.
Јасен тренд на зголемување на бројот на топли денови во Германија
Поради климатските промени предизвикани од човекот, Европа се загрева особено брзо, а во Германија има сè повеќе денови со температури над 30 Целзиусови степени. Во 1950-тите години, имало само неколку такви денови во повеќето лета, а околу осум топли денови ја правеле годината рекордно топла. До 1980-тите години, имало околу десет, додека во 2000-тите имало 19, а во последната деценија, рекордните години имале повеќе од 20 дена со над 30 степени.
Високите горештини се опасни за нашето тело. Топлинските бранови се особено стресни - за нив се зборува кога температурите достигнуваат или надминуваат 30 степени неколку дена по ред, а не паѓаат под 20 степени ноќе.
Како топлотните бранови му штетат на нашето тело
Ако сме изложени на премногу топлина, тоа може да го преоптовари природниот систем за ладење на телото - со последици како што се осип, грчеви или оток на нозете. Кардиоваскуларниот систем е особено оптоварен, а последиците можат да бидат вртоглавица, главоболка, исцрпеност, па дури и смрт поради топлотен удар.
Зголемувањето на температурата во комбинација со поголема влажност може да доведе до почести инфекции на кожата и да го отежни заздравувањето на раните - особено ако климатските промени влијаат и на ширењето на бактериите. Топлината може да го зголеми или намали ефектот на одредени лекови.
Високите температури се особено опасни за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, како и за бебиња и мали деца.
Горештините ги полнат болниците
Само за време на жешките лета во 2018 и 2019 година во Германија, околу 15.500 луѓе починале како резултат на големаа топлина. Проценките покажуваат дека до средината на векот би можело да има повеќе од 5.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлина годишно.
Веќе сега важи: колку повеќе има топли денови, толку повеќе луѓе мора да се лекуваат во болница. Покрај директните последици од топлината, има повеќе несреќи и итни медицински интервенции за време на топлите денови.
Но, се поставува прашањето: дали пациентите во болницата се навистина доволно заштитени од топлината?
Во 2024 година, Германскиот болнички институт прашал 289 клиники дали презеле повеќе или целни мерки против топлината отколку претходната година - 60 проценти одговориле негативно.
Германските клиники сè уште не се доволно подготвени
Главната причина за невоведување подобри мерки за заштита од топлина е недостатокот на пари - ова го изјавија 96 проценти од испитаниците. Исто така, големиот бирократски напор ги одвраќа многу клиники. „Честопати, поради тешката економска состојба, тие имаат и други приоритети“, се наведува во извештајот.
Според Германското здружение на болници (ДКГ), ситуацијата не се променила значително дури ни во 2026 година. Сојузните покраини, како што критикуваат, не ги покриваат реалните инвестициски трошоци на болниците со децении.
„Во пракса, ова често значи дека болниците претпочитаат да ги инвестираат оние малку пари што ги имаат во директна нега - купување опрема или итни поправки - отколку во дополнително климатизирање“, вели претседателот на ДКГ, Гералд Гас. Клиниките мораат сами да најдат начин како да се ладат со минимални трошоци.
Потребни се повеќе инвестиции во заштита од топлина
Постојат многу совети и мерки што не се скапи, како што се полесна работна облека, потенки ќебиња, адаптирана исхрана или апарати за вода за пиење.
Сепак: „За болницата, нејзините пациенти и вработени да бидат навистина ефикасно заштитени за време на топлите периоди, потребни се инвестиции“, нагласува Гас. Затоа ДКГ бара повеќегодишна инвестициска програма од 31 милијарда евра, во дел наменета за заштита од топлината.
Повеќето германски болници се изградени во време кога топлотните бранови биле ретки, па затоа главно немаат климатизација.
И во Универзитетската клиника во Хамбург, тие постојат само во посебни делови, како што се интензивната нега и операционите сали. На главната зграда, каде што се наоѓаат околу половина од креветите, е поставена надворешна заштита од сонце. Таму каде што тоа не е можно, се користат внатрешни ролетни или заштитни фолии за да се намали влезот на топлина и сончево зрачење.
Потешко болните или послабите пациенти, секогаш кога е можно, се сместуваат во простории што се загреваат побавно. Просториите за персоналот можат донекаде да се оладат со ноќна вентилација.
Важно е планот за заштита од топлина да вклучува не само мерки, туку и јасно дефинирани одговорности и анализа на искуствата, вели Џуковски.
Планови за берлинската клиника Шарите
Во клиниката Шарите во Берлин е развиено сценарио за „заштита од топлина во екстремни услови“. Беше поставено прашањето: дали болницата може да одржува медицинска нега за време на продолжена топлотна криза?
Замисленото сценарио вклучува недели со температури над 40 степени и тропски ноќи без ладење.
Бидејќи повеќето одделенија немаат климатизација, клиниката создаде „мапа на топлина“ - делејќи го просторот на зони кои се загреваат брзо и постудени зони каде што пациентите и персоналот можат да се опорават.
За време на екстремни топлотни бранови, се очекува службите за итни случаи да бидат преоптоварени, но и да имаат недостиг од персонал, бидејќи вработените може да се разболат или да мора да се грижат за своите семејства. Решенијата можат да бидат прилагодени работни распореди, преместување на одредени активности, како и одложување на операциите и прегледи.
Заклучок на кризниот штаб на клиниката Шарите: болниците мора да бидат подобро подготвени за екстремна топлина. Во спротивно, тие не би можеле да обезбедат соодветна медицинска нега во случај на топлотна криза. Затоа, потребно е политиката да создаде соодветни услови и систематски да ја поддржи адаптацијата на болниците на климатските промени.