1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соработка со АфД: Се урива ли „заштитниот ѕид“?

17 март 2026

Германските партии ЦДУ и ЦСУ официјално отфрлаат соработка со делумно десноекстремната АфД. Но, дали таквото оградување навистина ќе опстои? Дали некогаш воопшто постоело?

https://p.dw.com/p/5AXCo
Симболична слика | ЦДУ АфД
Партиите ЦДУ и ЦСУ се чини имаат сè поголеми проблеми со одржувањето на заштитниот ѕид што го подигнаа против АфДФотографија: picture-alliance/dpa/ZB

Одлуката беше донесена на партискиот Конгрес на ЦДУ во 2018 година. „Германската ЦДУ отфрла коалиции и слични форми на соработка како со Левицата, така и со Алтернатива за Германија“, наведоа своевремено од партијата. Оттогаш се води постојана дебата околу тоа кога е достигнат прагот на соработка. Актуелен случај од Европскиот парламент како никогаш претходно поттикна дебата за т.н. заштитен ѕид.

ЕПП и ЕСН заедно за построга миграциска политика

Германската новинска агенција ДПА објави дека Европската народна партија (ЕПП) и пратеничката група Европа на суверени нации (ЕСН) изготвиле нацрт закон за заострување на миграциската политика. ЦДУ е членка на ЕНП исто како и нејзината баварска сестринска партија, ЦСУ. Алтернатива за Германија (АфД), која од страна на Службата за заштита на уставниот поредок во пет од 16-те сојузни покраини на Германија е класифицирана како „потврдено десноекстремна“, е членка на Европа на суверени нации (ЕСН). Особено пикантно: шеф на пратеничката група на ЕНП е политичарот од ЦСУ, Манфред Вебер, кој соработката со АфД ја оправдуваше на јавниот германски радиодифузен сервис АРД со овие зборови: „Не ја сакаме ваквата соработка и нема да ѝ дозволиме на АфД пристап до законодавството“, рече тој, но додаде дека било потребно да се најде решение за проблемот, притоа мислејќи на построг пристап кон европската миграциска политика.

Германија | Манфред Вебер, член на Европскиот парламент и претседател на пратеничката група на ЕНП
Манфред Вебер, претседателот на ЕНП во Европскиот парламент и политичар од ЦСУ, е под притисок да ги објасни контактите на неговата пратеничка група со АфДФотографија: Dwi Anoraganingrum/Panama Pictures/picture alliance

Демонстрации против ЦДУ/ЦСУ И АфД

Аргументот на шефот на ЕПП не звучи логично бидејќи АфД очигледно била вклучена во преговараниот предлог закон. Во германскиот Бундестаг нема таков пример. Сепак, на крајот на јануари 2025 година, Унијата и АфД заеднички побараа од тогашната сојузна влада да го промени курсот во политиката за азил. Таквиот потег предизвика масовни демонстрации во кои учествуваа неколку стотици илјади луѓе.

На локално ниво одамна не постои заштитен ѕид. Фондацијата „Роза Луксембург“, која е блиска до Левицата, во студија објавена во 2024 година документира над 100 такви соработки. Па така, ЦДУ, на пример, во октомври 2019 година во берлинскиот округ Рајникендорф предложи „забрана за носење шамија за ученички до 6-то одделение“. По месеци дебата, ЦДУ и АфД во август 2020 година гласаа за таквото барање.

Дебатата за оградувањето од АфД во година со покраински избори

Случајот е особено значаен бидејќи Рајникендорф има речиси 270 илјади жители, односно димензии на голем град. Такви се сите дванаесет окрузи на германската престолнина – во Берлин живеат околу 3,8 милиони лица. Ако на локално ниво дојде до соработка со АфД, тоа е сосем поинаква димензија отколку соработка во руралните средини.

Германија Берлин 2025 | Масовни демонстрации против АфД и за демократски вредности
По заедничкото гласање на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ и АфД во германскиот Бундестаг, на почетокот на 2025 година имаше демонстрации низ целата земјаФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Во 2026 година дебатата за оградувањето од АфД се интензивира и затоа што во Баден-Виртемберг, како и во четири други сојузни покрини, се гласа за новиот состав на тамошните парламенти. На 22 март на ред е Рајнланд Пфалц, во септември Саксонија-Анхалт, Мекленбург-Предна Померанија и Берлин. АфД насекаде котира добро. Во Саксонија-Анхалт, според анкетите, околу 40 проценти избирачи би гласале за партијата.

Пратеници на ЦДУ за зближување со АфД

Во тој контекст пратеничката од ЦДУ, Заскија Лудвиг, наведува дека при соодветен исход од гласањето, малцинска влада предводена од нејзината партија би требало да соработува и да се координира со АфД за одредени прашања. Лудвиг во интервју за неделникот „Шпигел“ отфрла коалиција со АфД, но нагласува: „Лично мислам оти одлуката на гласачите треба да се сфати многу сериозно“.

Лудвиг го отфрла и оградувањето што го потенцираше канцеларотФридрих Мерц во многу наврати. „Ако 50, или повеќе од 50 проценти, гласаат за десниот центар, тогаш мора да има такви политики“, вели пратеничката која потекнува од Бранденбург. Во нејзината покраина, АфД е најсилната опозициска партија. „Демократијата значи баланс, а не исклучување“, наведува Лудвиг како објаснување за тоа што се залага за поинаков пристап спрема АфД.

Германија Берлин 2025 | Заскија Лудвиг на 13-та седница на Бундестагот
„Демократијата значи баланс, а не исклучување“, вели пратеничката на ЦДУ, Саскија Лудвиг, залагајќи се за укинување на заштитниот ѕид против АфДФотографија: dts-Agentur/picture alliance

СПД предупредува од натамошна радикализација на АфД

Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која коалицира со ЦДУ и ЦСУ во сојузната влада, предупредува од какво било зближување.

Покраинскиот премиер во Рајнланд Пфалц, Александер Швајцер, за весникот „Велт ам Зонтаг“ оцени дека „конзервативците мора да сфатат што би значела соработка со АфД“. Швајцер посочува на други земји во Европа каде што конзервативците се обиделе со соработка со десничарските популисти, без да им постават граници. „Не може да се однесуваме така што делумно докажано десноекстремна партија ќе ја повикаме на одговорност и потоа да очекуваме да не го прави тоа што го правела цело време, односно да се ​​радикализира уште повеќе.“

Поранешен шеф од Службата за уставниот поредок е против оградувањето

Оградувањето од АфД е спорно и надвор од политичките партии и парламентите. Јерг Милер, поранешниот шеф на Бранденбуршката служба за заштита на уставниот поредок, тоа го смета за промашено. „Премногу е ригидно, премногу паушално и нефлексибилно за модерното време и за расположенијата во општеството“, наведува тој за весникот „Тагесшпигел“. Сепак, Милер отфрла коалицирање со АфД и вели дека треба да се остане во дијалог со гласачите и политичарите од таа партија.

Самиот Милер за време на неговиот мандат ја оквалификува АфД како „докажано десноекстремна“. Сепак, тој не мисли дека треба да се држи до оградувањето. „Тоа истовремено ги ограничува и исклучува и гласачите на АфД, што е погрешно“, вели експертот за заштита на уставниот поредок кој истовремено бара цврст и јасен став против екстремистички структури и позиции во партијата.

Сојузниот претседател Штајнмајер е за „заштитниот ѕид“

Меѓу проминентните заговорници на заштитниот ѕид е сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, кој за неделникот „Ди Цајт“ вели дека е сигурен оти „демократијата нема да излезе како победник од соработка на демократи и на оние кои ја презираат демократијата“.

Германија Берлин 2025 | Штајнмајер на 9 ноември предупредува на опасностите за демократијатаа
Сојузниот претседател Штајнмајер е за „заштитниот ѕид“Фотографија: Maryam Majd/AP Photo/dpa/picture alliance

Во истиот весник, поранешниот претседател на Конференцијата на германските бискупи, Георг Бецинг, предупредува од соработката со АфД. Оваа партија се залага за етнички национализам, вели тој и додава дека „тоа е некомпатибилно со христијанското поимање на човештвото“.

Една четвртина за соработка или коалиции со АфД

Ако се прашуваат граѓаните за нивниот став во однос на справувањето со АфД, сликата е измешана исто како и во политиката.

Во пресрет на покраинските избори во Баден-Виртемберг институтот за анкети ЈуГов по нарачка на агенцијата ДПА на почетокот на март спроведе анкета, која покажа дека околу една четвртина се за повремена соработка или коалиции со АфД, а 42% генерално отфрлаат таква можност.

Марсел Фирстенау
Марсел Фирстенау Писател и новинар од Берлин кој известува за политички и општествени теми