1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што очекува Македонија од стратешкиот дијалог со САД

7 април 2026

По четири години пауза, Македонија го обновува стратешкиот дијалог со САД. Фокусот е на инвестиции, дигитализација, енергетика, Чебрен и рудни проекти.

https://p.dw.com/p/5BmRK
Знаме на Северна Македонија и САД, 19.05.2023
Што очекува Македонија од стратешкиот дијалог со САД?Фотографија: Government of North Macedonia

По пауза од четири години, Македонија го обновува стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД), со очекувања за засилена соработка, нови инвестиции и конкретни проекти.

„Ние сме првата земја од Европа што има ваков стратешки дијалог со САД со актуелната администрација“, изјави премиерот Христијан Мицкоски,одговарајќи на новинарски прашања на настан во Скопје.

На средбите во Вашингтон учествува висока владина делегација, предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Делегацијата ја сочинуваат и министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Од американска страна, домаќин на делегацијата е заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Лендау.

Клучни теми: дигитализација, инфраструктура и одбрана

Според премиерот Мицкоски, средбите се на исклучително високо ниво и ќе опфатат повеќе области од заемен интерес. „Ќе се разговара за дигитализацијата, вештачката интелигенција, апликациите и нивната имплементација, билатералната соработка, енергетиката, инфраструктурата, одбранбената индустрија, како и други теми каде што очекуваме конкретен напредок“, изјави Мицкоски.

Премиерот откри дека веќе имал состаноци со четири компании со искуство во дигитализацијата и вештачката интелигенција, кои покажале интерес за инвестиции во Македонија.

„Кај дел од нив, подготовките за инвестиции веќе се во тек. Станува збор за сериозни инвеститори и сериозен капитал“, нагласи Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски, 18.03.2025
Според премиерот Мицкоски, средбите се на исклучително високо ниво и ќе опфатат повеќе области од заемен интересФотографија: Government of North Macedonia

Инвестиции во рударството: проектот „Антимон“

Во рамки на дијалогот ќе се промовира и значајна инвестиција во рудниот сектор – експлоатација на рудата антимон во близина на селото Луке, Крива Паланка.

Станува збор за редок минерал, кој, како што нагласи Мицкоски, може значително да придонесе за македонската економија. Проверките се во завршна фаза, а се очекува проектот наскоро да започне. Рудата ќе се извезува во САД, додека преработувачкиот капацитет – топилницата, ќе се гради во Оклахома, со што се заокружува целиот инвестициски циклус.

На потенцијалните американски инвеститори ќе им бидат понудени и енергетските проекти Чебрен и Галиште.

„Тоа е моја лична цел и желба“, рече Мицкоски, додавајќи дека македонската делегација ќе ги претстави проектите на средбите во САД.

Потврда на партнерството и сојузништвото

Според Министерството за надворешни работи, втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД го потврдува континуитетот на сојузништвото и заедничката посветеност на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.

Дијалогот, како што се наведува, е значајна платформа за унапредување на соработката во областа на одбраната и безбедноста, кибербезбедноста, технологијата, економијата, трговијата, енергетиката, како и борбата против транснационалните закани. Министерот Тимчо Муцунски неодамна изјави дека граѓаните ќе почувствуваат конкретни ефекти од стратешкиот дијалог, како во политичко-безбедносниот аспект, така и во други области.