1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Стразбур пресече: помилувањата на Иванов не важат

Даниела Трпчевска-Зафировска
23 јуни 2026

Европскиот суд за човекови права донесе одлука за предметот „Талески и другите“: одбиени се жалбите за помилувањата на Ѓорѓе Иванов, но утврдена повреда и оштета за Миле Јанакиески.

https://p.dw.com/p/5FvfE
Судот во Стразбур
Стразбур пречесе: помилувањата на Иванов не важатФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Fischer

Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе одлука во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“, кој произлезе од помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Судот оцени дека државата имала право да ги поништи помилувањата на Иванов, бидејќи тие биле донесени без законска основа во период на политичка криза.  Европскиот суд за човекови права исто така утврди дека нема повреда на правото на правично судење во делот на поништување на помилувањата и продолжување на кривичните постапки.

Предметот се однесува на кривичните постапки против апликантите (Владимир Талески, Миле Јанакиески и Коста Митровски) по помилувањата дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во април 2016 година, кои подоцна беа поништени со законски измени.

Поништувањето на претседателските помилувања е оправдано

Судот смета дека поништувањето на претседателските помилувања било оправдано, но правата за фер судење биле прекршени за двајца од тројцата апликанти. Утврдено е дека потребата да се повикаат носителите на јавни функции на одговорност и да се спречи тие да бидат ставени над законот ја надминала потребата од заштита на правната сигурност.

„Судот ја зеде предвид исклучителната природа на ситуацијата создадена со одлуката на тогашниот претседател да им даде помилување на јавни службеници, вклучително и високи личности од неговата политичка партија, без валидна законска основа и со кршење на владеењето на правото. Тежината на ситуацијата и на последователната политичка криза го оправдаа усвојувањето на исклучителни мерки во форма на закон насочен кон мала група лица кои инаку би имале корист од незаконски помилувања, со цел враќање на владеењето на правото“, се наведува во соопштение на судот.

Стразбур утврдил дека законодавната интервенција била оправдана врз основа на убедливи основи од општ интерес и соодветно на тоа не може да се смета дека ги прекршила принципите на правна сигурност или владеење на правото.

Досудена оштета за дел од апликантите

Сепак, во дел од постапките, Стразбур утврди повреда на член 6 од Конвенцијата, односно правото на контрадикторно судење. Повредата се однесува на случаите на Миле Јанакиески и Коста Митровски, каде Апелациониот суд не им доставил поднесоци од Вишото јавно обвинителство.

Судот нагласува дека секоја страна мора да има увид во сите документи за да може ефективно да се брани, а овој пропуст не бил исправен ниту во понатамошната постапка.

Поради утврдената повреда, судот досуди 3.600 евра оштета по апликант (Јанакиески и Митровски) за нематеријална штета и 64 евра вкупни трошоци. Сите останати барања за оштета се одбиени.

Се започна во 2016 година кога поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов на 12 април донесе одлука за амнестија со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“.

Спорни аболиции

Одлуката, која според поранешниот шеф на државата имаше намера „да придонесе во решавањето на кризата, за релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи“, предизвика сериозни турбуленции во кревкото македонско општество и доведе до масовни протести. Одлуката на Иванов следеше откако претходно Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, кој му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. 

Иванов аболицираше 56 лица за кои се водеше истрага. По неполни два месеци, тој ја поништи одлуката за аболиција, а по силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.

Уставниот суд во 2020 година го затвори прашањето за поништената аболиција на Иванов и го отвори патот за процесирање на судските постапки кои против повеќемина функционери ги започна СJO. Со 5 гласа „за“ и 3 „против“, судиите одлучија дека повлекувањето на аболицијата е законско и уставно, што подразбираше дека не постои пречка да им се суди на функционерите.