Да се преговара - и истовремено да се продолжи војната?
10 април 2026
„Разговарав со Биби и тој ќе се однесува малку повоздржано во Либан“ - вака американскиот претседател Доналд Трамп ја пренесе вчера главната порака од неговиот телефонски разговор со израелскиот премиер во емисија на Ен-Би-Си Њуз. „Едноставно мислам дека треба да покажеме малку повеќе воздржаност“, рече Трамп за неговиот разговор со Нетанјаху во средата. Трамп го притисна израелскиот премиер да не ги загрозува дипломатските напори на САД кон Иран.
Нетанјаху отфрла прекин на огнот во Либан
Повикот на Трамп очигледно имаше ефект: синоќа, Нетанјаху - изненадувачки и за првпат во неговата долга политичка кариера - најави дека, по „повторените повици од либанската влада да започне мировни преговори со нас“, ќе влезе во директни преговори со Либан. Израел сака да постигне две цели, рече Нетанјаху: „Прво, разоружување на Хезболах. Второ, историски, одржлив мировен договор меѓу Израел и Либан“. Израел е посилен од кога било, а Иран по нападите е послаб од кога било, додаде тој. „Веќе склучив четири мировни договори со арапските држави и имам намера да склучам уште. Вистински мир - мир заснован на сила.“
Во исто време, Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи решително да се бори против либанската милиција Хезболах и нема да запре сè додека не се обезбеди безбедност на населението на северот од Израел. Тој буквално рече: „Нема примирје во Либан“. Меѓутоа, од кругови на либанската влада пристигаат пораки дека можни преговори треба да се одржат само ако прво се договори прекин на огнот.
„Јаз помеѓу изјавите и вистинската способност за дејствување“
На израелското воено радио, израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, рече дека Израел ја поздравил најавата на либанскиот премиер Наваф Салам за разоружување на Хезболах. „Изјавите од Бејрут се многу важни. Проблем е што постои голем јаз помеѓу тие изјави и вистинската способност на либанската влада да дејствува на терен.“ Либанската армија е слаба и неефикасна, рече Данон. „Владата денес нема вистинска способност за дејствување.“
Опозицијата му се заблагодарува на Трамп
Американскиот претседател Трамп го принуди Нетанјаху да дејствува, коментираше Јаир Голан, поранешен генерал и лидер на опозициската партија Демократи. На платформата X, Голан напиша: „Ви благодарам, претседателе Трамп!“. Реалноста уште еднаш го докажува она што отсекогаш го кажувал: политичките договори се патот за донесување „вистинска безбедност“ во Израел, рече Голан.
Автор на текстот: Клеменс Ференкоте, АРД, Тел Авив