Трамп не отстапува од царините по поразот во Врховниот суд
21 февруари 2026
Врховниот суд на САД ја укина правната основа за околу 75 проценти од американските царински приходи. Станува збор за давачките што претседателот Доналд Трамп ги воведе минатиот април за увозот од речиси сите земји во светот, повикувајќи се на Законот за вонредни состојби од 1977 година.
Судиите оценија дека ова постапување е незаконско, бидејќи законот не му дава право на претседателот самостојно да воведува царини. Со тоа стануваат неважечки и царините од 15 проценти за поголемиот дел од производите од Европската унија. Царината за челик, алуминиум и автомобили, пак, останува во сила.
„Потврда на уставните принципи на поделба на власта“
Професорот по право Џејмс Семпл од Универзитетот Хофстра за Еј-Би-Си изјави дека Уставот надлежноста за воведување царини му ја дава на Конгресот. Според него, претседателот се обидел да им наметне на американските потрошувачи едно од најголемите индиректни даночни зголемувања во историјата на земјата — без согласност од Конгресот на САД.
„Оваа пресуда е потврда на основните принципи на поделба на власта“, нагласи Семпл.
По одлуката, Трамп се огласи од Белата куќа, изразувајќи „длабоко разочарување“. Тој додаде дека се срами од некои од судиите. Како што се очекуваше, претседателот најави дека ќе ги префрли укинатите царини на нова правна основа.
Но не застана тука, тврдоглаво најавувајќи дека ќе потпише извршна наредба со која се воведува основна царина од 10 проценти на целиот увоз во САД — дополнително на веќе постојните царини.
Непознато е што ќе се случи со незаконски наплатените средства
Не е јасно што ќе се случи со средствата што владата ги наплатила незаконски. Според принципите, увозниците би требало да ги добијат парите назад, но Врховниот суд не даде никакво појаснување по ова прашање.
Поранешната висока функционерка во Министерството за финансии во администрацијата на Бајден, Наташа Сарин, за Си-Ен-Ен изјави дека потрошувачите не треба да се надеваат прерано. „Досега, потрошувачите платиле околу 150 милијарди долари преку царини што сега се прогласени за незаконски. Пресудата не спомнува никакви надоместоци“, рече таа. Дури и доколку дојде до враќање на средствата, тие би отишле кај компаниите — кои потоа треба да одлучат дали ќе ги префрлат назад на потрошувачите.
Минатата година, политиката на Трамп го чинеше секое американско домаќинство дополнително околу 1.000 долари.
Политички последици и реакциите во САД
Царините се клучен елемент од економската политика на Трамп, и тој многупати даде до знаење дека нема намера да го смени курсот, дури и при судски пораз. Демократите го гледаат овој став како политички подарок.
Рам Емануел, поранешен шеф на кабинет во Белата куќа под претседателот Барак Обама, за Си-Ен-Ен изјави дека Трамп веќе има значителен негативен рејтинг во областите економија и инфлација. „Сега тој сака да се бори за нешто што е непопуларно кај американските граѓани“, рече Емануел. Според него, граѓаните ја гледаат царинската политика како директен удар врз нивниот буџет и како фактор што ја поттикнува инфлацијата.
„Ова дополнително ќе го намали рејтингот на Трамп и тоа на клучната изборна тема“. Емануел мисли на меѓуизборите во ноември, до кои остануваат уште нешто повеќе од осум месеци.
Автор: Керстин Кинтоп, АРД