Трамп, Мадуро и прашањето за власта во Венецуела
5 јануари 2026
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, на 2 јануари годинава најави подготвеност за „сериозни разговори со САД“. Само ден подоцна, тој беше уапсен од страна на американските сили и сега пред суд во Њујорк ќе мора да одговара, меѓу другото, и за трговија со дрога. Светот се прашува како по нападот од САД ќе се развива ситуацијата во Венецуела, земјата со најголеми резерви на нафта на планетава. Дали моќниот министер за внатрешни работи Диосдадо Кабело ќе застане на чело на старата влада и ќе продолжи да владее? Или ќе има промена на режимот и предвремени избори? Дали се заканува граѓанска војна меѓу поддржувачите на Мадуро и политичката опозиција? Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференцијата во саботата најави дека сега „САД ќе управуваат со земјата, сè додека не обезбедиме сигурна и адекватна транзиција“, рече тој. За експертот за Латинска Америка, Хесус Рензуло од институтот ГИГА, е јасно оти „САД се координирале со елитите во Каракас и ќе спроведуваат градење на државата“. Во интервју за ДВ Рензуло вели дека соработка со припадници на владата не е исклучена.
„Радоста е голема"
Меѓу луѓето од Венецуела избегани од татковината, преовладува радост и надеж. Според експертот Оливер Штинкел, „меѓу повеќето Венецуелци што ги познавам, владее големо олеснување". Тој додава дека „тие го слават падот на Мадуро и му се благодарни на Трамп“. Штинкел е виш соработник во фондацијата Карнеги за меѓународен мир во Вашингтон и професор по меѓународни односи на универзитетот „Фундасао Гетулио Варгас“ во Сао Паоло, Бразил. За него, државниот удар во Каракас има карактер на идеолошки конфликт. Гласачите и политичарите од десната страна на идеолошкиот спектар го слават Трамп, додека претставниците на левиот политички спектар го критикуваат кршењето на меѓународното право.
Сè уште не може да се предвиди како ќе се развива ситуацијата во земјата, вели тој и додава дека „мора да видиме дали Трамп ќе каже дека мисијата е завршена со тоа што Мадуро си замина. И мора да видиме како ќе реагира населението. Нејасно е дали ќе има протести од големи размери.“
„Доктрината Донро“ на Трамп
Иако многу нешта и натаму не се разјаснети, има јасни индиции за тоа какви начелни планови има администрацијата на Трамп за регионот. Според Стратегијата за национална безбедност 2025, САД имаат за цел да „го повратат приматот на западната хемисфера и да ја надополнат доктрината Монро“. Т.н. доктрина Монро датира од времето на американскиот претседател Џејмс Монро (1758–1831) и се заснова на начелото за надворешната политика „Америка на Американците“. Во тоа време, доктрината подразбирала одвраќање на европските колонијални сили. Во 80-тите години од минатиот век САД ја реинтерпретираа доктрината и полагаа право врз Латинска Америка како „нивна“ хемисфера.
Се чини дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да се надоврзе на таа ера и се стреми кон поврат на хегемонијата на САД во регионот. Весникот „Фајненшл тајмс“ затоа го смисли изразот „доктрината Донро“, која подразбира не „Америка на Американците“, туку „Америка на Американците од САД“.
„Оправдание за авторитарни режими“
„Венецуела очигледно е првата земја што стана жртва на овој современ империјализам“, се наведува во весникот „Њујорк тајмс“ за кого ова претставува опасно и нелегално пристапување кон улогата на САД во светот. „Со тоа што Трамп постапува без никаков меѓународен легитимитет, важечка правна основа или внатрешно-политичка поддршка, тој ризикува на авторитарни режими во Кина, Русија и други земји што се стремат да доминираат над своите соседи, да им даде оправдување“, се вели во весникот. Воениот напад во Венецуела евоцира спомени на периодот меѓу 1960 и 1990 година, кога САД во својата наводна борба против комунизмот, поддржуваа воени удари и диктатори во Латинска Америка. Соборувањето на Аљенде во Чиле во 1973 година, воените диктатури во Аргентина и Бразил и одредите на смртта во Ел Салвадор, до денес придонесуваат за перцепцијата на САД како непријател во регионот.
Марија Мачадо: „Подготвени сме“
Воената акција на викендот од страна на САД има одредени паралели со соборувањето на поранешниот диктатор во Панама, Мануел Нориега (1938-2017). Тој кон крајот на 1989 година беше соборен од власт и уапсен во американска инвазија. Во 1992 година од американски суд беше осуден за трговија со дрога и изнуда и остана затвореник до неговата смрт. За политичката опозиција во Венецуела, таквите надворешнополитички размислувања за сега се второстепени. За прв пат во повеќе од 25 години власт на Боливарската револуција, има изгледи за промена на власта.
„Венецуела живее клучни часови. Ние сме подготвени повторно да ја градиме нашата земја“, напиша на платформата Х поранешниот претседателски кандидат Едмундо Гонзалез. Гонзалез победи на претседателските избори на 24 јули 2024 година, но Мадуро беше прогласен за официјален победник од страна на венецуелскиот изборен совет. Добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, која го поддржа Гонзалез откако ѝ беше забранета кандидатурата, побара поддршка од нејзините сонародници. „Како легитимен претседател на Венецуела, Едмундо Гонзалез треба да стапи на функцијата и веднаш да биде признаен како врховен командант на вооружените сили“, напиша таа на X. „Подготвени сме да го одработиме нашиот мандат и да отпочнеме демократска транзиција“, додаде Мачадо. Дали тоа навистина ќе се случи, останува да се сочека, бидејќи ниту Мачадо, ниту Гонзалез не се наоѓаат во Венецуела. Трамп на прес-конференцијата нагласи дека Венецуела има и потпретседател, Делси Родригез. За експертот Хесус Рензуло, ова укажува на тоа дека американската администрација сака да преговара со претставници на владата и да избегне политички немири. Весникот „Њујорк тајмс“ во коментарот наведува дека „и покрај апсењето на Мадуро, генералите кои го поддржуваа неговиот режим нема одеднаш да исчезнат. А, малку е веројатно и дека власта ќе ја предадат на Марија Корина Мачадо“, заклучува весникот.