Трамп му се закани на Иран, Техеран возврати
2 јануари 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги поддржи учесниците на протестот против авторитарната влада во Иран. „Ако Иран убива мирни демонстранти, Соединетите Американски Држави ќе им дојдат на помош“, напиша републиканецот на својата онлајн платформа Трут соушал. Каква намера точно има, претседателот не прецизираше.
Веднаш следеше реакција од Иран. „Ние правиме разлика помеѓу ставот на трговците кои протестираат и постапките на деструктивните актери, а Трамп треба да знае дека мешањето на САД во ова внатрешно прашање би го дестабилизирал целиот регион“, напиша Али Лариџани, генерален секретар на Советот за безбедност на Иран, на платформата X. Али Шамчани, висок советник на државното раководство, исто така, предупреди на X: „Секоја рака што ќе се приближи под изговор за безбедност ќе биде отсечена“.
Тековните протести во Иран беа предизвикани од остриот пад на девизниот курс минатата недела. Спонтано, главно трговците во главниот град Техеран излегоа на улиците. Во меѓувреме, протестите зафаќаат и други делови од земјата и различни слоеви од населението. На западот од земјата во четвртокот дојде до сериозни немири. Повеќе луѓе загинаа во судири со безбедносните сили.
САД се сметаат за заколнат непријател на иранскиот режим уште од Исламската револуција во 1979 година. Нема дипломатија меѓу двете земји. Во јуни 2025 година, американската војска се придружи на војната на Израел против Иран и таму бомбардираше клучни нуклеарни постројки.