1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп: Иранската војна е „речиси завршена“

ЖА / агенции
15 април 2026

Иранската војна наскоро би можела да заврши, изјави Доналд Трамп, најавувајќи нови мировни преговори, додека Иран се заканува со блокада во Црвеното Море.

https://p.dw.com/p/5CDgh
Американскиот претседател  Доналд Трамп 
Американскиот претседател  Доналд Трамп најави можно брзо завршување на Иранската војнаФотографија: Salwan Georges/UPI Photo/IMAGO

Американскиот претседател  Доналд Трамп  најави можно брзо завршување на Иранската војна, оценувајќи дека конфликтот е „речиси готов“. Во интервју за телевизијата Фокс Бизнис, чии извадоци беа објавени во вторникот по локално време, Трамп изјави дека војната се наоѓа при самиот крај.

Претходно, американскиот претседател навести дека уште оваа недела би можело да продолжат разговорите за постигнување мировно решение. Во меѓувреме, Иран се закани дека, покрај Ормускиот Теснец, би можел да го блокира и Црвеното Море за меѓународната пловидба.

Трамп во телевизиското интервју изјави дека иранското раководство „навистина сака да постигне договор“ во разговорите со администрацијата во Вашингтон. За весникот „Њујорк пост“, тој додаде дека „во наредните два дена“ би можело „нешто да се случи“ во контекст на  преговорите со Иран.

Преговори за нуклеарната програма и закани за блокада

Во саботата, делегации на САД и Иран одржаа разговори во Исламабад, под покровителство на Пакистан, со цел изнаоѓање мировно решение.  Главната точка на несогласување останува иранската нуклеарна програма.  Според извештаи на американските медиуми, Вашингтон бара 20-годишна пауза на иранското збогатување ураниум, додека Техеран предлага прекин на нуклеарните активности во период од пет години.

Иранската армија, која од почетокот на американско-израелските напади кон крајот на февруари веќе значително го блокираше Ормускиот Теснец – клучна маршрута за светската нафтена трговија – во средата се закани дека ќе ја затвори и пловидбата низ Црвеното Море и Персискиот Залив.

Доколку САД ја продолжат блокадата на иранските пристаништа во Ормускиот Теснец,  започната во понеделникот, иранските вооружени сили „нема да дозволат никаков извоз или увоз преку Персискиот Залив, Оманскиот Залив и Црвеното Море“, изјави командантот на армијата, Али Абдолахи, за иранската државна телевизија.

Меѓународни посредувања и улогата на големите сили

Пакистанскиот премиер Шебаз Шариф, чија земја посредува меѓу  Иран  и  САД,  во средата замина на дипломатска турнеја во Саудиска Арабија, Катар и Турција – држави кои исто така се вклучени во обидите за медијација. Тој беше придружуван од министерот за надворешни работи Ишак Дар, еден од посредниците на разговорите во Исламабад, соопшти портпарол на владата.

Во исто време, претставници на Обединетите Арапски Емирати и Иран разговарале за деескалација на конфликтот. Според државната новинска агенција ВАМ, во телефонски разговор, потпретседателот на ОАЕ, шеик Мансур бин Сајед ал Нахјан, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, размениле мислења за „начини за намалување на тензиите во регионот“. Емиратите по избувнувањето на војната го повлекоа својот амбасадор од Техеран и ја затворија амбасадата.

Кинеско оружје за Иран?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на средбата со кинескиот претседател Ши Џинпинг, понуди Русија да може да ги „надомести“ енергетските испораки што изостануваат поради блокадата на Ормускиот Теснец.

Трамп, пак, изјави дека  го повикал кинескиот лидер да не испорачува оружје на Иран.  Според него, Ши Џинпинг во писмена порака уверил дека „во суштина тоа не го прави“.

Иранската војна  започна на 28 февруари со американско-израелски напади, при кои беше убиен врховниот лидер Али Хаменеи. Иран возврати со напади врз Израел, неколку земји од Заливот и американски цели во регионот. На 7 април, САД и Иран постигнаа договор за двонеделно примирје.