1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Дали Одборот за мир на Трамп им конкурира на ОН?

22 јануари 2026

Трамповиот Одбор за мир, формиран со мандат на ОН за Блискиот Исток, се проширува глобално и отвора прашања за судир со Обединетите нации и меѓународното право.

https://p.dw.com/p/57BNq
Американскиот претседател Доналд Трамп во ОН
Доналд Трамп ги опиша ОН како организација на „празни зборови“ на нејзиното 80-то Генерално собраниеФотографија: John Angelillo/UPI Photo/IMAGO

Со мандат од Обединетите нации, американскиот претседател Доналд Трамп требаше да ја предводи иницијативата за воспоставување мир на  Блискиот Исток.  Но, најновите документи укажуваат дека неговиот т.н. Одбор за мир („Board of Peace“ – BoP) би можел да се позиционира како паралелна структура која излегува надвор од рамките на мандатот на ОН.

Одборот првично беше замислен како инструмент за надзор на  мировниот процес и обновата на Појасот Газа.  Овој мандат беше  одобрен од ОН во ноември  минатата година со Резолуцијата 2803, иако дел од експертите по меѓународно право уште тогаш предупредуваа дека станува збор за спорен преседан.

Газа исчезна од основниот документ

Сепак, основачката Повелба на Одборот за мир, објавена од израелскиот весник „Тајмс оф Израел“, воопшто не го споменува  Појасот Газа.  Наместо тоа, Одборот си поставува задача глобално да „промовира стабилност, да воспоставува легитимно и одговорно владеење и да обезбедува траен мир“ во подрачја погодени или загрозени од конфликти.

Доналд Трамп сам на голема сцена, пред него зборовите „Мир 2025“, Египет Шарм ел Шеик 2025 |
На мировниот самит за Газа во Шарм ел Шеик (Египет) во октомври 2025 година, Доналд Трамп се претстави како миротворец за Блискиот Исток и доби мандат од ОН еден месец подоцнаФотографија: Yoan Valat/REUTERS

Повелбата му дава исклучително широки овластувања на претседавачот. Како основач и доживотен претседател е именуван лично  Доналд Трамп.

Членството – по покана и со висока цена

Според документот, само претседавачот има право да упатува покани за членство. Членството трае три години, но може да биде продолжено по негова одлука. Државите што во рок од една година ќе уплатат повеќе од една милијарда американски долари за финансирање на Одборот, добиваат неограничено членство.

Медиумите наведуваат дека околу 60 држави веќе добиле покани. Поканата ја потврдија повеќе НАТО-членки, меѓу кои Германија, Турција, Унгарија и Канада. Рускиот претседател Владимир Путин, според Кремљ, исто така ја добил поканата и ја разгледува можноста да ја прифати.

Во регионот на Блискиот Исток, покани добиле Египет и Јордан, а истото го потврди и Пакистан. Јавна благодарност упатија и претседателите на Аргентина и Парагвај.

Поединци без право на глас

Дополнително внимание привлече фактот што Трамп именуваше истакнати поединци во составот на Одборот, меѓу кои неговиот зет Џаред Кушнер,  поранешниот британски премиер Тони Блер,  претседателот на Светската банка Аџај Банга и американскиот милијардер Марк Роуан.

Тони Блер и Доналд Трамп на самитот за Газа во Египет, насмеани
Трамп со поранешниот британски премиер Тони Блер - тој треба да стане член на основачкиот одбор на Одборот за мирФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Сепак, станува збор за позиции во подсовети и работни тела. Како полноправни и гласачки членови, Повелбата предвидува исклучиво држави, застапувани од своите шефови на држави или влади.

Директен предизвик за Обединетите нации?

Во преамбулата на Повелбата се наведува дека за траен мир е неопходно „да се напуштат пристапите и институциите што премногу често не успеваат“.  Обединетите нации  не се именувани директно, но Доналд Трамп во повеќе наврати јавно ги критикуваше како неефикасна организација.

За професорот по меѓународно право Елијав Либлих од Универзитетот во Тел Авив, дилемата не постои. „Повелбата е јасно замислена како предизвик за ОН и како израз на недоверба кон таа организација“, изјави тој за германскиот весник ТАЦ.

Како функционира Одборот за мир

Одборот е силно централизирана структура. Претседавачот не само што ги поканува членовите, туку има и ексклузивно право да ги отстранува пред истекот на мандатот. Вето од страна на останатите членки е можно, но само со двотретинско мнозинство.

Широк поглед на салата на Генералното собрание на ОН
80-то Генерално собрание на ООН во септември 2025 година: Може ли Одборот за мир на Трамп да се натпреварува со светското тело со седиште во Њујорк?Фотографија: Brendan Smialowski/AFP

Иако државите-членки предлагаат точки на дневен ред и одлучуваат по принципот „една држава – еден глас“, сите одлуки – вклучително буџетот, формирањето подсовети и клучните политички насоки – мора да добијат одобрување од претседавачот.

Доживотен мандат за Доналд Трамп

Повелбата експлицитно го именува Доналд Трамп за доживотен претседавач на Одборот. Неговото разрешување е можно само со доброволна оставка или со едногласна одлука на сите членки. Секој претседавач сам го именува својот наследник.

Оваа функција е одвоена од неговиот мандат како претседател на САД, кој според американскиот Устав завршува за три години. Дотогаш, тој истовремено ја претставува и  САД како земја-членка.

Правни дилеми и идни предизвици

Иако Повелбата наведува дека Одборот за мир ќе дејствува „во согласност со меѓународното право“, основата на меѓународното право останува Повелбата на ОН. Спорната резолуција му дава мандат на Одборот исклучиво за израелско-палестинскиот конфликт.

Преземањето пошироки глобални надлежности без нов мандат би значело директна конкуренција со Обединетите нации. „Ако се приклучат многу држави, ова навистина може да прерасне во сериозен предизвик за ОН“, оценува Либлих.

 

Јан Д. Валтер новинар на Дојче Веле
Јан Валтер Уредник и новинар за национална и меѓународна политика и член на тимот за проверка на факти на ДВ.