1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈужноафриканска Република

Уште повеќе шефови на држави го откажаа учеството на Г20

СН | АРД | агенции
21 ноември 2025

Очекувањата од самитот на Г20 престојниов викенд се намалуваат. По САД, Русија и Кина, и лидерите на Аргентина и Мексико го откажаа своето учество на состанокот во Јужноафриканската Република.

https://p.dw.com/p/53ydR
Човек поминува покрај плакат со логото на самотот на Г20 во Јужноафриканската Република
Од вкупно 19 шефови на држави или на влади, членки на Г20, во Јоханесбург ќе дојдат само 13.Фотографија: Kyodo News/IMAGO

Откажувањата на учеството на претстојниот самит на Г20 во Јоханесбург продолжуваат. Ни Аргентина ни Мексико нема да бидат претставени на ниво на шефови на држава. Неколку аргентински весници истовремено објавија дека претседателот Хавиер Милеи нема да патува на состанокот, но ќе го претставува министерот за надворешни работи Пабло Кирно.

И мексиканската претседателка нема да присуствува на самитот на Г20

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, исто така, нема да присуствува на самитот на Г20. Левичарската политичарка планира обврски во внатрешноста на земјата за викендот, објави Претседателството.

Претседателите на Мексико и на Агрентина, Клаудија Шејнбаум и Хавиер Милеи во крупен план на композитна фотографија
Го откажаа учеството: Претседателите на Мексико и на Агрентина, Клаудија Шејнбаум и Хавиер МилеиФотографија: Reuters/AP/dpa

Минатата година таа присуствуваше на состанокот на Г20 во Рио де Жанеиро.

Трамп, Путин и Ши недостасуваат - нема промена во ставот на САД

Кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин претходно објавија дека нема да присуствуваат на состанокот, но испраќаат свои претставници. Си ќе биде претставен од вториот човек во земјата, премиерот Ли Чијанг. Путин го намали руското присуство уште пониско и ќе биде претставен од заменик-шефот на претседателската администрација, Максим Орешкин. Во претходните години, барем министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше присутен.

Од друга страна, Соединетите Американски Држави, под претседателот Доналд Трамп, имаат намера целосно да го бојкотираат состанокот на водечките индустријализирани земји и земји во забрзан развој - и нема да испратат никакви претставници. Трамп го објави тоа пред неколку недели. Првично планираше да го испрати потпретседателот Џ.Д. Венс, пред да воведе целосен бојкот.

Причината се обвинувањата на Трамп против јужноафриканската влада да се прогонуваат и убиваат белите земјоделци и нивната земја да се конфискува. Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса сè уште се надеваше на промена на мислењето. Вчера вечерта, тој изјави дека неговата влада и натаму е во преговори со САД за евентуално учество.

Претседателот на САД, Доналд Трамп гестикулира со рацете додека се обраќа на новинари вечерно време
Останува лут на Јужноафриканската Република: Претседателот на САД, Доналд ТрампФотографија: Molly Riley/Avalon/Photoshot/picture alliance

Меѓутоа, тие надежи веројатно беа залудни. „Соединетите Американски Држави нема да учествуваат во официјалните дискусии на самитот на Г20 во Јужна Африка“, потврди портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит. Од вкупно 19 шефови на држави и влади, членки на Г20, ќе дојдат само 13.

Ниски очекувања од германската влада

Според извори од германската влада, самитот нема да донесе многу резултати. Постојат „значајни суштински разлики“ во рамките на Г20, изјавија владини претставници за новинската агенција Ројтерс. Сосема е отворено дали на крајот во Јужна Африка ќе има завршна декларација со заеднички цели. Но, важно е Германија да ги зачува структурите за меѓународни договори. Канцеларот Фридрих Мерц се очекува во Јоханесбург во сабота и во недела.

Сигурно е дека САД повторно ќе учествуваат наредната година. Тогаш Трамп е домаќин. Тој ќе ја искористи својата претседавачка позиција за домашен натпревар во вистинска смисла на зборот. Како место на одржување за самитот тој избра едно од своите луксузни голф одморалишта, Дорал во близината на Мајами, Флорида.