Вештачката интелигенција во редакциите на Балканот
21 март 2026
Во редакциите низ Балканот, вештачката интелигенција (ВИ) веќе не е тема на иднината. Таа постепено станува дел од секојдневната работа на новинарите, од транскрипција на интервјуа до анализа на податоци и креирање мултимедијални содржини. Но додека некои медиумски работници ја гледаат како алатка што го подобрува новинарството, други предупредуваат дека може да го поткопа квалитетот и довербата во медиумите.
Глобалните трендови покажуваат дека оваа трансформација веќе е во тек. Според анализата на Reuters Institute, 87 проценти од испитаниците изјавиле дека нивните редакции биле делумно или целосно трансформирани од генеративната вештачка интелигенција во текот на 2024 година.
Но, примената на новите технологии во медиумите на Западен Балкан се одвива со различно темпо. Истражувањата покажуваат дека редакциите во регионот сè уште се наоѓаат во фаза на постепено воведување на овие алатки. Новинарите најчесто ги користат за автоматизација на рутински задачи, обработка на големи количини информации и забрзување на продукциските процеси.
„Секоја технолошка револуција неминовно ги менува речиси сите аспекти на општеството, а новинарството е меѓу првите што ги чувствува тие промени“, вели Дејан Ракита, новинар од истражувачкиот портал Герила од Бањалука.
Според него, во медиумскиот простор на Западен Балкан воведувањето на алатките на вештачката интелигенција отвора и нови дилеми, особено во средини каде независното новинарство веќе со години се соочува со политички и економски притисоци.
„Професионалните и независни новинари ја препознаваат оваа технологија како помошно средство, алатка што може да го подобри истражувањето и да ги забрза одредени процеси“, вели тој.
ВИ како алатка, не како уредник
Во јавниот сервис на Црна Гора, Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), вештачката интелигенција веќе се користи во секојдневната работа. Но, како што објаснува Владaн Јекниќ, советник за односи со јавност, нејзината улога е строго ограничена.
„Вештачката интелигенција ја користиме првенствено како помошна алатка во продукциските процеси“, вели тој.
Според Јекниќ, ВИ помага во автоматска транскрипција на интервјуа и емисии, пребарување и архивирање на големи количини аудио и видео материјал, како и во техничката обработка на содржините. Но една граница не се преминува.
„ВИ нема уредничка улога. Одговорноста за содржината останува исклучиво кај новинарите и уредниците.“
РТЦГ е и првиот јавен сервис во регионот што усвои Етички кодекс за употреба на вештачката интелигенција. Според Јекниќ, таквиот чекор има за цел да постави стандарди за одговорна употреба на новите технологии во новинарството.
„Улогата на јавниот сервис е да поставува стандарди за професионална одговорност во новите технолошки околности“, вели тој, додавајќи дека во медиумската индустрија сè почесто доминира конкуренцијата за кликови и брзина на објавување.
Две различни реалности во медиумите
Начинот на кој медиумите ја користат вештачката интелигенција во регионот значително се разликува. Дел од редакциите ја гледаат како средство за подобрување на новинарската работа, додека други ја користат како замена за неа.
Новинарот Ракита смета дека токму тука се крие клучната разлика.
„Одговорните медиуми ја користат ВИ за да го зајакнат новинарството“, вели тој.
Но, според него, голем дел од медиумската сцена во регионот ја користи технологијата поинаку.
„Многу портали со нетранспарентно сопствеништво ја гледаат ВИ како замена за новинарската работа. Наместо алатка, таа станува машина за генеричко умножување на содржини.“
Во регионот каде независното новинарство веќе долго време е изложено на политички и економски притисоци, ваквата практика може дополнително да ја влоши состојбата во медиумскиот екосистем.
Предност за поголемите редакции
Професорот по медиуми и комуникации Бобан Томиќ од Белград вели дека употребата на ВИ во медиумите најмногу зависи од капацитетите на самите редакции.
„Развиените редакции во поголемите медиуми користат напредни генеративни ВИ алатки кои им помагаат во фазата на создавање и уредување на новинарските текстови“, објаснува тој.
Според Томиќ, овие алатки им овозможуваат на новинарите побрзо да подготват вести, извештаи или репортажи, но и значително да ја подобрат истражувачката работа.
„Брзината со која ВИ може да пристапи до информациска граѓа е многу поголема отколку што човек може сам да го направи тоа“, вели тој.
Покрај текстуалната продукција, вештачката интелигенција сè повеќе се користи и во креирање на аудио и визуелни содржини , од звук и видео до графички елементи.
Сепак, професорот предупредува дека технологијата носи и ризици.
„ВИ може да биде добар слуга, но и лош господар.“
Најголемата опасност, според него, доаѓа од недоволното знаење и разбирање на луѓето што ја користат технологијата.
Малите редакции и новите технологии
Во Северна Македонија примената на новите технологии сè уште е во рана фаза. Анализата „Вештачката интелигенција во медиумите на Северна Македонија“ покажува дека ВИ најчесто се користи како помошна алатка во редакциската работа, а не како стратегиски ресурс. Во пракса, новинарите ја користат за истражување на теми, анализа на трендови или подготовка на мултимедијални формати, додека недостигот на формализирани редакциски политики често ја префрла одговорноста за етичката употреба на технологијата врз самите новинари.
Весна Ивановска-Илиевска, уредник на македонскиот портал УМНО.мк, вели дека ВИ веќе станува неизбежен дел од новинарската професија.
„Прашањето повеќе не е дали се користи ВИ, туку како“, вели таа.
Особено во малите редакции кои често се соочуваат со недостаток на кадар, новите алатки можат значително да помогнат во процесот на продукција. Но, според неа, транспарентноста е клучна.
„Не објавуваме текстови што се целосно генерирани од ВИ. Кога користиме ВИ, секогаш јасно наведуваме дека графика, илустрација или преводот се направени со вештачка интелигенција и со која платформа.“
Само со таков пристап, вели таа, може да се задржи довербата на публиката.
Брзина и ефикасност, но и нови ризици
Според анализите за медиумите во регионот, најголемата придобивка од употребата на вештачката интелигенција е зголемената ефикасност во работата. Новинарите велат дека технологијата им помага побрзо да обработат информации, да анализираат податоци и да ги автоматизираат рутинските задачи. Но истовремено се појавуваат и сериозни етички дилеми.
Една од најголемите грижи е можноста за ширење неточни или манипулативни содржини. Дипфејк видеата, автоматски генерираните текстови и манипулираните фотографии можат да создадат нови форми на медиумска манипулација.
„Најголем ризик е ширењето неточни или манипулативни содржини“, предупредува Јекниќ.
Професорот Томиќ додава дека медиумите мора јасно да ги дефинираат одговорностите кога користат вакви технологии.
„Ако ВИ се користи во процесот на создавање содржина, мора да биде јасно означено што е генерирано од ВИ.“
Новинарите како „уредници на интелигенцијата“
Една од најголемите промени што ги носи вештачката интелигенција е трансформацијата на самата новинарска професија. Истражувањата покажуваат дека новинарите сè повеќе стануваат своевидни „уредници на интелигенцијата“, комбинирајќи ја човечката креативност со брзината на алгоритмите.
Тоа значи дека новинарите ќе мора да развијат нови вештини, од анализа на податоци и проверка на факти до разбирање на алгоритмите и критичко користење на ВИ алатките. Без овие вештини, предупредуваат експертите, редакциите може да останат зад технолошките промени.
Ќе ги замени ли ВИ новинарите?
Прашањето дали вештачката интелигенција ќе ги замени новинарите често се поставува во медиумските кругови. Засега, одговорот на повеќето експерти е дека тоа нема да се случи. Во истражување со 20 новинари и медиумски работници од Западен Балкан (Албанија, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора) се покажува дека: 80% сметаат дека ВИ не може да ги замени новинарите, а 20% веруваат дека може да ги замени дел од медиумските професии
ВИ може да помогне во пишување кратки вести, финансиски извештаи или анализа на податоци. Но сè уште не може да го замени контекстот, критичкото размислување и истражувачката работа што ја прават новинарите.
Затоа, како што заклучуваат многу медиумски професионалци во регионот, вештачката интелигенција нема да го замени новинарството, но сигурно ќе го промени начинот на кој се практикува.
„ВИ може да помогне“, велат новинарите од регионот, „но вистинското новинарство останува човечка работа.“
Овој материјал е подготвен во рамките на проектот за зајакнување и професионализација на новинарите во Северна Македонија, кој е поддржан од владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија @land.nrw @landtag_nrw