Австралија: Забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
10 декември 2025
Нов закон со строги казни за платформите
Од денеска, 10 декември 2025 година, на сите Австралијци под 16 години им се блокира пристапот до повеќето платформи на социјалните медиуми, бидејќи земјата воведува прва ваква забрана во светот. И покрај нивното противење, платформи како Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок, Х, Јутјуб и Редит ќе имаат ограничувања според возраста, на список што постојано ќе се ажурира. Платфромите за онлајн игри и апликациите за пораки како Ватсап засега нема да бидат ограничени.
Австралиската влада се потпира на самите компании кои се сопственици на социјални мрежи да го спроведуваат новиот закон, наведувајќи дека тие мора да преземат „разумни чекори“ за да спречат прекршувања, со казни до 49,5 милиони австралиски долари (32 милиони американски долари, 27,5 милиони евра) за повторени прекршоци. Децата или родителите нема да бидат казнети доколку ја прекршат забраната.
Биометриска верификација за пристап
Начините на блокирање на пристапот до платформите ќе вклучуваат барања до корисниците да мора да достават лични документи, препознавање на лице или глас или други форми на дигитална идентификација за да ја докажат својата возраст кога тоа ќе биде побарано.
Канцеларијата на австралискиот комесар за електронска безбедност тврди дека забраната ќе ги заштити младите „од притисоците и ризиците на кои корисниците можат да бидат изложени додека се најавени на социјални мрежи.“
Премиерот Ентони Албаниз ги нарече социјалните мрежи „чумa“ и изјави: „Сакам луѓето да поминуваат повеќе време на фудбалскиот терен или на кошаркарското игралиште отколку на нивните телефони.“
Анкетите постојано покажуваат огромна поддршка за забраната од страна на возрасните, но приказната е поинаква кога станува збор за децата кои директно се погодени.
Тинејџери ќе ја оспорат забраната на суд
Тинејџерите Мејси Њуленд и Ноа Џонс го оспоруваат законот пред највисокиот суд во Австралија, тврдејќи дека е неуставен, со поддршка на групата за дигитални права „Проект за дигитална слобода“.
Мејси за ДВ изјави дека повеќето нејзини врсници се против забраната, наведувајќи го недостатокот на консултации со младите и губењето на правата и пристапот до информации како клучни проблеми.
„Забраната ги спречува младите луѓе целосно да се вклучат во демократијата и јавната дебата пред 16-годишна возраст, што е погрешно. Не можете да ги овластите младите луѓе да се вклучат во јавната дебата и демократијата со тоа што ќе им ја одземете можноста целосно да учествуваат во неа“, вели таа.
„Цврсто верувам дека има проблеми со социјалните медиуми, игрите и времето пред екраните воопшто. Но, нема враќање назад или негирање дека живееме во општество каде што технолошкиот напредок се забрзува и каде што онлајн комуникацијата е дел од нашиот секојдневен живот.“
Њуленд верува дека повеќето тинејџери ќе се обидат да го заобиколат законот, што е потврдено од резултатите од анкетата на националниот радиодифузер Еј-Би-Си. Во анкета на повеќе од 17.000 австралиски тинејџери, 75 проценти рекле дека би се обиделе да ја заобиколат забраната, девет проценти сметаат дека е добра идеја, а само шест проценти рекле дека забраната би функционирала добро.
Иако постои широко распространет консензус дека неконтролираниот пристап до социјалните медиуми може да биде опасен и за децата и за возрасните, повеќето организации за човекови права и права на децата веруваат дека новиот закон не ги решава овие проблеми.
Многу деца се чувствуваат маргинализирани и игнорирани
УНИЦЕФ Австралија вели дека „предложените измени нема да ги решат проблемите со кои се соочуваат младите кога се онлајн“, додека Австралиската комисија за човекови права вели дека „широката“ забрана веројатно ќе има „негативни последици за човековите права на децата и младите“.
Тоа е она што го откри Ким Осман, од Центарот за истражување на дигитални медиуми на Технолошкиот универзитет во Квинсленд. Таа разговараше со 86 млади луѓе на возраст од 12 до 15 години за забраната и откри дека децата се чувствуваат маргинализирани и фрустрирани.
„Младите ни кажаа дека чувствуваат оти возрасните ги ставаат своите дигитални искуства во една кошничка и дека многу различните начини на кои ги користат социјалните медиуми не се одразуваат во националната дебата што ја следат“, изјави Осман за ДВ. „Тие исто така сметаат дека користењето телефон често се изедначува со користењето на социјалните медиуми, иако социјалните медиуми се само еден дел од нивниот дигитален живот“.
За време на нивното истражување, Осман и нејзините колеги открија дека тинејџерите се свесни за опасностите од социјалните медиуми и сакаат подобри механизми за заштита, вклучително и подобро филтрирање на содржини.
Исто така, додава таа, постои силно чувство дека промените во законот ќе доведат до „губење на заедницата“ за младите луѓе, особено за оние кои „нашле важни извори на поддршка на социјалните медиуми. Ова особено важи за ЛГБТК заедницата и невродивергентните млади луѓе со кои разговаравме“.
Децата со попреченост се чувствуваат изолирано од забраната
Ова ја погодува Џенифер Краутер. Нејзината дванаесетгодишна ќерка Лили има церебрална парализа, аутизам и други попречености што го отежнуваат социјализирањето. Таа смета дека е полесно да комуницира преку пораки на социјалните медиуми и други апликации.
Џенифер го следи пристапот на Лили до социјалните медиуми. Откако објавила приказна, Лили пронашла онлајн заедница за пишување. Иако Џенифер ги признава ризиците од социјалните медиуми, таа и нејзината ќерка се незадоволни од губењето на контактот со отстранувањето на социјалните медиуми.
„За децата со попреченост или други маргинализирани групи, социјалните медиуми можат да бидат единствениот начин да се пронајдат луѓе како нив“, вели Џенифер за ДВ. „Тоа е толку мала група луѓе - како да ги пронајдете? Особено ако се изолирани поради анксиозност или поради чести лекарски прегледи, хоспитализации или други ситуации.“
Пишувањето ѝ помогнало на Лили да пронајде заедница преку Фејсбук, профил што го води нејзината мајка. Иако сега учествува во настани во живо со слични врсници, проблемот е што нејзините можности да ги одржува тие нови пријателства и да ја споделува својата работа се намалени.
„И недостасува таа постојана врска што ја обезбедуваат социјалните медиуми“, објаснува Џенифер. „Лили запозна и други млади луѓе со кои сака да остане во контакт, но тие живеат низ целата земја или во странство, и тоа сега ѝ е ускратено.“
Тинејџерите и родителите, исто така, изразуваат загриженост дека децата ќе го загубат пристапот до групи со специфични интереси и хобија, како и до заедниците што се формираат околу нив. Ова особено ќе ги погоди руралните, ретко населени делови од Австралија, каде што е тешко да се организира контакт лице в лице.
Министерката за комуникации на Австралија, Аника Велс, призна дека забраната ќе биде „несмасна“ и „неорганизирана“ во почетните фази. Со оглед на нејзината пионерска природа, тоа можеби е очекувано. Но, за многу австралиски деца и тинејџери, незадоволството од забраната оди многу подалеку од тоа.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик