1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заигра метлата во Скопје: почна чистењето на градот

7 ноември 2025

Градоначалниците Орце Ѓорѓиевски и Изет Меџити започнаа 72-часовна акција за чистење на Скопје, по месеци запоставена хигиена и преполни контејнери. Акцијата предизвика реакции од СДСМ.

https://p.dw.com/p/53FYD
Камиони и цистерни на улиците на Скопје
Камиони и цистерни на улиците на Скопје во рамки на 72-часовната акција за чистењеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, веднаш по симболичното предавање на функцијата од досегашната градоначалничка Данела Арсовска, започна со реализација на своето изборно ветување — чистење на главниот град, кој со месеци беше затрупан во ѓубре.

Неговиот пример го следеше и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој започна со празнење на преполните контејнери во општината, кои претставуваа потенцијална опасност за здравјето на граѓаните.

72 часа за „светнато“ Скопје

Акцијата започна во четвртокот навечер (8.11), со голема медиумска покриеност. На социјалните мрежи се појавија видеа и лајв преноси од десетици камиони, цистерни и механизација кои ги окупираа скопските улици.

„Во наредните 72 часа ќе дадеме сè од себе Скопје да заблеска, како што им ветив на моите сограѓани. Ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе се користат цистерни за перење улици. Ќе се чисти и плоштадот, кејот, а ќе се ревитализираат и јавните претпријатија“, изјави Ѓорѓиевски.

На терен, пред „Борис Трајковски“, му се придружија сите скопски градоначалници, како и премиерот Христијан Мицкоски.

Ден потоа тој оцени дека состојбата со јавната чистота во Скопје е апсурдна и дека е неверојатно во 21 век да се зборува за теми кои би требало одамна да бидат решени. „Се доведовме во ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи, тоа делува и комично. Но, има работи кои мора да се направат“, рече Мицкоски.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски вети дека за 72 часа ќе го исчисти градот Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Отстранување на вработени и најави за истраги

Градоначалникот Ѓорѓиевски информираше дека од јавните претпријатија се отстранети 371 лица поради неисполнување на работните обврски или злоупотреба на позицијата. Тој најави дека истрагите ќе продолжат.

Контејнери преполни со ѓубре во Скопје
Вака изгледаше Скопје пред да започне акцијата за чистењеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Имаме документирани индиции за злоупотреби. Возила за чистење биле ангажирани преку физички лица и плаќани како интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра. Ги повикувам надлежните институции да ја испитаат оваа работа“,
додаде Ѓорѓиевски.

На скопските улици вчера излегоа екипи и на Општина центар, коишто со денови наназад го чистат центарот на градот. 

Реакции од опозицијата

Од СДСМ реагираа дека акцијата е „пиар-трик“ на ВМРО-ДПМНЕ и дека намерно било дозволено Скопје да се дави во ѓубре.

„Скопјани видоа зошто со месеци не се преземаше ништо — за Ѓорѓиевски да прави спектакли со дронови и камери. Ова е срамен однос кон граѓаните. Скопје заслужува чист, модерен и организиран град, а не пиар-акции“, велат од СДСМ.