Затворска економија: Зад решетки, сите заработуваат пари
8 декември 2025
Од криминал можеби нема ќар, ама од затвори има. Зад заклучените врати и бодликавите жици, цвета паралелна економија. Но, кој всушност заработува?
Владите ширум светот трошат стотици милијарди годишно за да држат повеќе од 11,5 милиони луѓе зад решетки- главно мажи. Точната глобална цена е нејасна, но само во САД, најголемиот затворски систем во светот, затворскиот буџет изнесува 80,7 милијарди долари (69,1 милијарди евра) годишно, во споредба со Бразил, кој троши околу 4 милијарди. Индија, со четвртата најголема затворска популација во светот, троши речиси 1 милијарда долари.
Приватни корпорации сега профитираат од затворањето во многу земји, од градење ќелии до продажба на телефонски разговори. Внатре, организираните криминални синдикати водат империи со шверц и рекет. Во меѓувреме, затворениците се борат за опстанок во подземна економија каде што супите од нудли се валута, а работната сила се плаќа само неколку центи на час.
Покрај ниските стапки на рехабилитација, владите не успеваат да се справат и со друг растечки проблем- пренатрупаност во затворите. Според Меѓународната Организација за Реформа на Казнениот Систем, 155 земји се борат со надминување на капацитетот во затворите, од кои 11 се со повеќе од двојно над капацитетот. Објекти во Конго, Камбоџа и Филипините работат со пополнетост од 300 до 600%.
Профит од казна, приватизација на болката
Приватниот сектор почна да навлегува во управување со затвори уште од 1980-тите, кога САД, Обединетото Кралство, Мексико и Бразил сѐ повеќе ги делегираа операциите и услугите на профитни фирми. Поголемиот дел од европските, азиските и африканските земји сѐ уште се спротивставуваат на приватизацијата, потенцирајќи ја важноста на јавната одговорност.
Американската влада троши над 3,9 милијарди долари годишно на приватни затвори, чии оператори заработуваат уште милијарди од други услуги, вклучувајќи затворска храна, здравствена грижа и телекомуникации. Овие основни потреби на затворите, познати како комисион, се наплатуваат и до 600% поскапо, додека телефонски разговори можат да ги чинат семејствата на затворениците и до 16 долари за само 15 минути.
Иако затворите во Индија се целосно државни, бразилската шема плати-по-затвореник е критикувана како неправилна, бидејќи ги мотивира приватните оператори како Уманизаре да го зголемат бројот на затвореници наместо да ги рехабилитираат, што води до пренатрупаност и насилство.
Ова беше видливо во повеќето затворски бунтови низ Латинска Америка, вклучувајќи го и бунтот во 2017 година, каде што речиси 60 лица беа убиени во преполн затвор во Манаус, главниот град на сојузната држава Амазонас во Бразил. Трошоците за тој објект беа двојно поголеми од националниот просек по затвореник.
Приватните компании, исто така, градат и управуваат со цели затворски комплекси, снабдуваат со надзорна технологија, водат програми за кампови за затворски труд и ги транспортираат затворениците помеѓу објектите и судовите. За да ги намалат трошоците, често ги намалуваат вработените, што ги ограничува услугите за затворениците. Резултатите се мешани.
Еден од поголемите успеси на приватниот сектор е затворот управуван од британскиот затворски оператор Серко во Окланд, Нов Зеланд, кој тврди според локални медиуми во јануари дека само 13,6% од затворениците повторно извршиле кривично дело во рок од две години по ослободувањето. Ова е пониско од 34% кај државните затвори и дури и подобро од стапката од 20% во Норвешка, која се смета за глобален стандард за ефикасноста на затворите.
„[Приватните фирми] имаат тенденција да управуваат со затворите поефикасно од државата“, изјави Бенџамин Лесинг, вонреден професор по политички науки на Универзитетот во Чикаго, за ДВ. „Но тие не се лек за сѐ и бараат ригорозен надзор.“
Иако приватните затвори имаат лоша репутација поради профитирање од казнување, државните затвори се соочуваат со лошо управување, безбедносни закани и неефикасност.
Во еден пример, судија од Њујорк се закани дека ќе ја намали казната на човек осуден за даночно затајување на куќен притвор доколку биде испратен во федералниот затвор во Бруклин. Судијата ги опиша условите како „варварски“, откако се случиле неколку убиства, прободувања и тешки претепувања.
Криминални мрежи цветаат зад ѕидовите
Покрај бирократијата, зад решетките цвета една мрачна економија. Организирани криминални банди се длабоко вградени во затворскиот систем. Овие групи водат трговија со дрога, рекет и насилство и внатре и надвор од затворските ѕидови.
Шверцот со дрога, телефони и оружје во затворите е главен извор на приходи. Бразилската банда ПКК (Прва Команда на Главниот Град) во затвор продава дрога со 10–20 пати повисока цена од уличната, а паметни телефони по цена до 1.500 долари, заработувајќи милиони секоја година.
Криминалните банди понекогаш управуваат со затворите подобро од државата. Лесинг изјави дека кога бразилската влада се обидела да ги задуши бандите, тоа довело до поголема стапка на затворање и изградба на повеќе затвори. Иронично, и тие нови затвори паднале под контрола на бандите.
„Во Бразил, бандите не започнале како мафијашки семејства или нарко-картели“, објасни Лесинг, автор на книгата „Левијатани: Како бандите управуваат зад решетки“. „Тие настанаа како одговор на бруталните услови во затворите. Нивната вистинска иновација беше воведување основен социјален ред- забрана на силување, кражби и рекет, додека насилството го рационализираа.“
Не сите банди се толку „чесни“. Во Ел Салвадор, МС-13 раководи со рекетирачки операции од внатре во затворите, барајќи месечни плаќања од продавници, улични продавачи и таксисти, со закани за насилство или смрт доколку не се исполнат барањата.
Во САД, многу банди се организирани според расни линии. Белата супремасистичка Аријанско Братство заработува од трговија со дрога и измами поврзани со снабдување на затворите со продукти. Овие шеми често вклучуваат вештачко зголемување на цените, контрола врз купувањето на затворениците или перење пари преку нивните сметки.
Во Индија, подземјето во затворите исто така е обликувано од моќни криминални мрежи. Во затворот Тихар во Њу Делхи, рекетирањето, нарачаните убиства и трговијата со дрога се широко распространети. Во западен Гуџарат, Централниот затвор Сабармати станал центар за транснационална криминална активност, вклучувајќи шверц на наркотици и перење пари.
Затвореници профитираат од сопственото затворање
Во пренатрупаните ќелии, затворениците имаат изградено неформален пазар, воден од неопходност. Секојдневни артикли, инстант-нудли, сапун, цигари, стануваат валута во систем каде што опстанокот често зависи од трговија.
Во многу затворски системи важи сурово правило за позајмување: земи едно, врати две или понекогаш три. Ова, познато како „дупол балон“ (двојна рата), е форма на кредит со високи камати за основни потреби и шверцувани предмети, што може брзо да ги заглави затворениците во циклуси на долгови и насилна одмазда.
Затворениците без финансиска поддршка од семејството или надворешни извори често се свртуваат кон продавање дрога на други затвореници, само за да можат да си ги покријат основните потреби. Тие дејствуваат како курири, чуваат стража или набљудуваат во замена за заштита, храна или дел од профитот. Роднините, пак, често се принудени да кријат телефони или дрога во телесни шуплини при посети, или да ги отплатуваат долговите на затворениците.
Во Бразил, типичниот затвореник е млад, сиромашен, небел маж од фавела (сиромашна населба), поврзан со некоја од бандите, кој е сместен во затвор што е под контрола на таа иста банда, вели Лесинг. Додека е внатре, можеби нема да избере да се приклучи кон бандата, но ќе ги следи нивните правила, а по ослободувањето ќе има контакти кои ќе му помогнат да започне бизнис со дрога или друга криминална активност.
„Ова е клучниот начин на кој затворениците ја враќаат моќта на бандите назад на улиците,“ изјави Лесинг за ДВ.
Затворскиот труд исто така помага да се намалат оперативните трошоци. Во САД, затворениците се платени само 1 до 4 долари дневно за работа во кујна, чистење или перење алишта. Во индиските затвори, затворениците можат да заработат и само 10 центи дневно, додека во Бразил законот наложува да добиваат најмалку 75% од минималната плата, што е околу 10 долари на ден.
Семејствата на затвореници во САД, пак, трошат 2,9 милијарди долари годишно на намирници, телефонски повици и други трошоци поврзани со казната на нивните блиски, според Иницијатива за Затворски Политики. Често се повикуваат и да платат судски такси, оштета или парични казни.