1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИсланд

Зошто Исланд одеднаш сака брзо да ѝ се приклучи на ЕУ

Томас Лачан
26 февруари 2026

Исланд е членка на НАТО и интегрирана во европските структури. Но, земјата долго време не сакаше да чуе за членство во ЕУ. Промените во геополитичката ситуација ги принудуваат Исланѓаните да го преиспитаат својот став.

https://p.dw.com/p/59SF8
Исланд Рејкјавик 2014 | Илјадници демонстранти бараат референдум за преговорите за пристапување во ЕУ
Развеано знаме на ЕУ во Рејкјавик - поддршката за приклучување на Исланд во ЕУ расте во 2026 годинаФотографија: Halldor Kolbeins/AFP/Getty Images

Наводно било замислено само како шега, но никому во Исланд не му беше до смеење. Во јануари Били Лонг, новоназначениот американски амбасадор во Рејкјавик, во присуство на неколку членови на Конгресот се пошегува дека Исланд наскоро би можел да стане 51-вата сојузна држава на САД, а тој лично нејзин гувернер. Тоа се случи во време кога сојузниците на САД во НАТО стравуваа дека претседателот Трамп би можел да го анектира Гренланд и да го припои на САД како сојузна држава број 51.

Следуваше лавина реакции во Исланд. Министерството за надворешни работи на земјата побара појаснување, на социјалните медиуми вриеше од коментари на луѓе со одбивен став, а илјадници од вкупно околу 400 илјади граѓани на Исланд потпишаа петиција со која се бара да му се одбие акредитацијата на Лонг. Републиканецот беше принуден да ретерира и посочи дека коментарот не бил сериозен и дека „ако некој се почувствувал навреден, се извинувам“.

Бегство под европска заштита?

Тоа што Исланѓаните денес реагираат со голем аларм на ваквите изјави се должи и на неодамнешната дебата меѓу американскиот претседател Трамп и партнерите од НАТО во однос на Гренланд. Иако Исланд е дел од Европа, тој е значително поблиску до арктичкиот остров отколку до европското копно - само 300 километри (186 милји) воздушна линија го делат Исланд од Гренланд.

Стравот дека земјата би можела да стане само пион во играта на суперсилите е голем, всушност толку голем што на вулканскиот остров сега повторно се разгледува прашањето за членство во ЕУ. Исландската проевропска влада од левиот центар првично планираше да одржи референдум за членство во ЕУ во 2027 година. Но, неодамнешниот развој доведе до тоа референдумот да биде планиран веќе за август 2026 година. Шансите дека мнозинството ќе гласа „за“ членство во ЕУ се добри.

 Неодамнешните анкети укажуваат на тоа дека 45 проценти од Исланѓаните сега го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ, додека само 35 проценти се против. Во анкета спроведена од јавниот радиодифузен сервис РУВ на почетокот на 2025 година, три четвртини од испитаниците рекоа дека ги гледаат САД како закана.

Главен спор: риболов

Исланѓаните традиционално се горди на својата независност и автономија – за што веројатно придонесува и нивната географска изолација. Островската нација својата независност од Данска ја стекна во 1944 година, а 17 јуни оттогаш помпезно се слави како национален празник.

Со децении полноправно членство во ЕУ за Исланѓаните не беше тема за која размислуваат. Земјата е членка на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и е дел од Европската економска зона (ЕЕА), а со тоа ги ужива сите бенефиции на европскиот единствен пазар и е дел од Шенген зоната. До полноправно членство досега не дојде првенствено поради политиката на ЕУ за рибарство. Рибарската индустрија е најважната економка гранка на Исланд, која како членка на ЕУ би била обврзана да се потчини на заедничката политика за рибарство на ЕУ. Рејкјавик би бил принуден да ги отвори своите води богати со риба и за рибарски флоти од други земји на ЕУ и би ја изгубил националната контрола и евентуално би морал да се соочи со прекумерен лов.

Рибарски брод на изгрејсонце
Исланд е загрижен за иднината на своите рибари - и се плаши од рибарските флоти на ЕУ во близина на сопствениот брегФотографија: Tono Balaguer/Design Pics/IMAGO

Отуѓување од Вашингтон

Иако е меѓу основачите на НАТО, островската нација нема своја армија, и покрај тоа што нејзината геостратешка позиција во Северниот Атлантик станува сè поважна. Со децении, таа се потпираше на САД за заштита, но иронично е што токму во однос на САД сега има растечка скепса меѓу народот.

И причината за тоа не е само Гренланд, туку и воведувањето на 15 проценти царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за Исланд, земја зависна од извозот на риба, што предизвика натамошно отуѓување. Конечно, САД се втор најважен трговски партнер на Исланд по ЕУ. Па така, и покрај сите дилеми во однос на домашната рибарска индустрија, се чини дека членство во ЕУ станува сè попривлечно за многу Исланѓани.

Во кризни времиња про-ЕУ

Ова не е првпат во историјата на Исланд, Рејкјавик да се приближува до ЕУ. Во 2008 година островската нација беше погодена од глобалната финансиска криза. Трите најголеми банки во земјата пропаднаа, невработеноста се зголеми од речиси нула на околу десет проценти, исландската валута загуби многу на вредност, а земјата мораше да земе заем од над две милијарди американски долари од Меѓународниот монетарен фонд. Државата беше на работ на банкрот и аплицираше за членство во ЕУ - надевајќи се дека на тој начин ќе може да застане под европскиот чадор за спас.

Но, во следните години економијата на Исланд се опорави. Во 2013 година евроскептичната коалиција од десниот центар победи на изборите и претпристапните разговори беа замрзнати. Одушевеноста од ЕУ се намали и кај населението, па земјата во 2015 година и официјалноја повлече апликацијата за членство.

Исланд Рејкјавик 2025 | Панорамски поглед на главниот град Рејкјавик
Поглед над Рејкјавик - Во 2008 година, Исланд беше на работ на банкротФотографија: Zhang Fan/Xinhua/picture alliance

Во Брисел со отворени раце

Сега, во контекст на геополитичката ситуација која се менува, се чини дека Исланѓаните повторно го менуваат ставот. Во Брисел тоа наидува на добра волја.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, рече дека Исланд „во секое време е добредојден“ да ги започне преговорите кои беа прекинати во 2015 година и дека Брисел и Рејкјавик „остануваат во близок контакт за да ги адресираат геополитичките услови кои се менуваат во овие турбулентни времиња“.

Исланд преку ЕФТА и ЕЕА и онака е веќе прилично интегриран во европските структури, а земјата во Брисел важи за релативо некомплициран партнер за преговори. Во натегањата со САД околу моќ и сфери на влијание, членство на Исланд во ЕУ би бил јасен сигнал на сила во правец на Вашинтон.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик