Авион падна врз населба во Техеран
10 август 2014
Авионот паднал веднаш по полетувањето од аеродромот Марабад во Техеран, односно се урнал во само пет километри оддалечената населба Асади, јавуваат државните ирански медиуми. Заменикот министер за сообраќај на Иран, Ахмед Маџиди, соопшти дека во авионот имало 40 патници, меѓу кои и седум деца, и осум членови на екипажот.
Маџиди изјави и дека има повредени кои се однесени во болница. Бројот на загинатите и повредените, како што се вели, се‘ уште не е прецизен. Наспроти тоа, иранската државна агенција Ирна пренесе изјава на портпаролот на противпожарните единици, според кого, „сите патници се мртви“.
Шефот на воздухопловните власти, како што пренесе агенцијата Фарс, соопштил дека авионот паднал во дрвја и дека нема жртви меѓу населението во населбата каде што се урна леталото. Според еден сведок на несреќата, бројот на жртвите можел да биде многу поголем, затоа што леталото се урнало на само 500 метри од еден пазар.
Авионот, кој како што се претпоставува паднал најверојатно поради проблеми со моторот, бил од типот Антонов АН-140 и бил на пат кон Табас, на истокот на Иран. Аеродромот Марабад, во близина на центарот на Техеран, е најважниот аеродром во земјата. Повеќето меѓународни летови се одвиваат од аеродромот „Имам Хомеини“, западно до главниот град.