1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Господ, Груби и изгубената меморија

11 декември 2019

Како беше донесен Законот за употреба на јазиците, ако не низ дебата? Зарем падна од небо директно на масата пред Талат Џафери?

https://p.dw.com/p/3UaBs
Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Ако во парламентот немаше мнозинство што ја поддржува еднаквоста на граѓаните во однос на јазичните права, Законот за употреба на јазиците немаше да биде донесен. Имајќи го тоа предвид, многу арогантно и политички неодговорно прозвучи вчерашната изјава на пратеникот на ДУИ, Артан Груби, дека „цел ден се двоумел дали да учествува во емисијата (Топ-тема, ТВ „Телма“), бидејќи сметал дека е апсурдно да разговара за употреба на, од Господа дадено право за употреба на мајчин јазик, особено со тројца Македонци (присутни на дебатата)“. Па како беше донесен тој закон, ако не низ дебата?  Зарем падна од небо директно на масата пред Талат Џафери?

Вака изгледа  кога човек ќе заборави низ што помина земјата во изминатата деценија,  кога ниту имаше ТВ-дебати, ниту постоеше отворен дијалог меѓу политичките субјекти. Дали со ова Груби жали по времето кога некои работи се договараа „под маса“, заткулисно и со заобиколување на јавноста, како што беше со амнестијата на четирите „хашки случаи“? Да потсетам како изгледаше тоа: Ќе се испазариш предизборно со Груевски за автентично толкување на Законот за амнестија, Јанкулоска ќе рече толкувањето да биде напишано „округло, за никој да не го разбере“, ќе и` се јават на Бонева за да ги смири „патриотите“, некои од вмровците ќе се мислат дали да дојдат на седница за да не им се наруши патриотската аура, меѓусебе ќе ги наречат Албанците „Индијанци“, но - амнестијата поминала.

Во тоа време Груби со никого не морал јавно да се објаснува. И не само тоа. Сите процеси во таа деценија беа еднострани и еднонасочни: без никаква претходна јавна дебата властите ќе донесеа одлука и само ќе ја соопштеа. Ако некој понудеше контра аргументи ,експресно добиваше етикета предавник, платеник и ред други „комплименти“  наменети за да го жигосаат секој обид за разговор, односно да затворат какво било дискусија на темата. Не верувам дека Груби заборавил како заврши таа владина конзерва стерилно затворена од страв, дека ако дозволат дијалог - граѓаните ќе им се мешаат во (авторитарните) штипки. Поради таквото поведение подоцна мораа како ученичиња да седнат на „пржински разговори“, да учат за значењето на дијалогот и да учествуваат во него. Ни тогаш не беа многу повеќе на масата - двајца Албанци и двајца Македонци, со по двајца нивни соработници. 

Пред да завршиме како затворено општество, дали Груби барем еднаш се запрашал - зошто Господ би ни дал моќ за говор, ако не смееме јавно и отворено да го кажеме своето мислење?

Сега кога се повикува на Бога, претпоставувам дека заборавил неколку клучни работи:  Законот за употреба на јазиците  е донесен низ парламентарна дебата со многу повеќе од тројца Македонци, но и Роми, Турци, Власи, Срби и Бошњаци, кои исто како и Албанците имаат „од Господ дадено право на мајчин јазик“.

Второ, кога настапува на ТВ, тоа што ќе го каже не завршува само меѓу еден Албанец и тројца Македонци, како што тој се обиде тоа да го сведе и квантифицира низ призмата на етничкото, а не граѓанското. Неговите оценки влегуваат во домовите на сите што вечерта избрале да ја гледаат таа дебата и сите тие се пасивни учесници во неа. Може да се согласат со кажаното, може не, може да се изнервираат и да го сменат каналот. За тоа што го слушаат граѓаните, одговорот ќе го дадат на изборите. Не се сомневам дека Груби токму ова го имал предвид, бидејќи вакви „јуначења“ се типични за изборни периоди. Но, точниот есап колку ќе добие со тоа, а што ќе изгуби, ќе се покаже на крајот.

По  препораките што ги даде Венецијанската Комисија,  вицепремиерот Бујар Османи оцени дека „секое отворење на законот ќе не` врати пред 2001 година“. Заедно треба да размислат каде ќе ги врати одбивноста отворено да расправаат за тие препораки или за други отворени прашања - многу поназад од 2001.