1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Иновација

Деспотовски: Им ставивме стоп на партиските книшки и врските

Костадин Делимитов
4 јули 2020

Со посветена работа приватниот сектор може да се надева на 250 милиони евра дополнителна инвестициска поддршка, вели првиот човек на Фондот за иновации во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/3em8a
Nord-Mazedonien Jovan Despotovski
Фотографија: DW/K. Delimitov

Државата преку Фондот за иновации покажа дека знае и може да биде искрен партнер на економијата, вели Јован Деспотовски. Првиот човек на Фондот за иновации и технолошки развој има амбициозни планови, но и конкретни идеи за продолжение на тригодишната приказна, чиј биланс изнесува 70 милиони евра и околу 1500 инвестициски планови и проекти. Новиот развоен концепт на државата, според него, треба да биде базиран на здравството, образованието и младите.

ДВ: Господине Деспотовски, грантовите за технолошки развој за намалување на последиците од кризата наметната од Ковид-19 што ги доделувате преку Фондот предизвикаа огромен интерес. Ова покажува дека на македонските компании и претприемачи им е потребна помош. Но, дали можеби е и позитивен сигнал дека во државата имаме храбри бизнисмени кои кризата ја гледаат како можност?

Деспотовски: Кризата покажа дека во Северна Македонија има луѓе кои се подготвени искрено да помогнат на заедницата кога е најтешко. Има луѓе кои се храбри да влезат во нови инвестиции не само да се прилагодат, туку и да растат. Има луѓе кои размислуваат како да ја искористат кризата како можност. Интересот за повикот, кој е дел од третиот сет владини економски мерки, беше навистина огромен. Повеќе од 2.100 микро, мали и средни компании ни пристапија и преземаа апликациски пакети. Секако, се` уште е веројатно рано за многу од нив да вложат во инвестиции и раст. Многу од нив ќе останат веројатно уште некое време посветени на опстанок. Но, она што мора да се издвои тука е следното - имаме над 200 домашни компании што покажале храброст да ја поминат бариерата и да предложат свои инвестициски планови за следните 12 месеци. И кај нив, но и кај сите останати што ни пристапија дефинитивно поттикнаваме размислување за денот потоа.

Интересот е голем, но парите се сепак малку. Планирате ли зголемување на Фондот за поддршка на иновативниот бизнис?

Во изминатите неполни 3 години до Фондот пристигнаа инвестициски планови на над 1.500 микро, мали и средни компании што е над 500% повеќе од периодот до 2017 година. Обемот на финансиска поддршка за овие компании е зголемен за близу 2.800% во однос на периодот пред 2017 година. Вкупните инвестиции во приватниот сектор од 2017 до денес, преку програмите на Фондот, се зголемени за над 3.800% на ниво од околу 70 милиони евра. Преку ФИТР државата покажа дека знае и може да биде искрен партнер на економијата. Ако ме прашувате за плановите за зголемување, одговорот е дефинитивно - да. Ако сме можеле од 1,7 милиони евра инвестиции во јули 2017 да стигнеме до 70 милиони евра во јуни 2020., тогаш каде е лимитот на овој раст? На 200, 300, 500 или можеби една милијарда евра? Не сум неодговорен политичар што се расфрла со туѓи милијарди пред избори. Но, можам да ветам дека ќе сторам се’ што знам и можам да продолжи трендот на пораст на поддршката. Со посветена работа, како и досега, верувам дека нивото од 250 милиони евра поттикнати инвестиции во приватниот сектор во следните 3-4 години е апсолутно достижна цел.

Кризата со пандемијата е сериозна и целосно неизвесна. Дали досегашната помош и поддршка од страна на државата е соодветно поставена, или е можеби потребна и похрабра акција?

Поддршката од државата се покажа како навремена и добро поставена во дадени услови и капацитети. Над 250.000 работни места се зачувани благодарение на овие мерки, што е исклучителен резултат. Секако, тука зборуваме за мерки за поддршка за опстојување во услови на криза. Многу простор за „храброст“ во такви околности и нема. Но, потребна е свест дека кризата се движи кон денот потоа. Во одговорот на едно од претходните прашања реков дека со една од мерките од третиот сет се обидовме да го поместиме тежиштето на плановите на компаниите од опстанок кон развој. Но, не е фер да ги повикуваме фирмите да бидат храбри, а јавниот сектор да игра на „сигурно“. Тука го гледам просторот за значајно поместување на фокусот на следните мерки кон нов начин на финансирање. Повратот на средства преку учество во приходи или добивка е модел што постои и успешно се применува во светот. Владата на Германија даде 8 милијарди евра поддршка на Луфтханза во замена за 20% учество во сопственоста на компанијата. За Северна Македонија сметам дека е сосема применлив моделот на финансирање каде повратот на средства е врзан со учество во идна добивка. Ако успееме, да успееме заедно, а ако има потешкотии, тогаш загубата е солидарна (а, не по секоја цена државата да си ги земе своите пари назад). ФИТР веќе го донесе овој глобален модел на финансирање и во Северна Македонија и ќе се залагам за негова поширока примена во наредниот период.

Nord-Mazedonien Jovan Despotovski
Секој денар вложен во младите е влог во иднината, уверен е првиот човек на Фондот за иновации и технолошки развојФотографија: DW/K. Delimitov

Наметнува ли актуелната состојба потреба од нова стратегија за развој на државата? Каде треба да биде насочен главниот фокус?

Изминатите 4 месеци покажаа дека образованието и здравството се клучни во капацитетот на едно општество да се справи со ваква сериозна криза. Кога велам образование, мислам на еден поширок поим, што вклучува и јавна свест и одговорност. Се покажа дека тие директно влијаат и врз политиката и врз економијата, кои дотогаш беа сметани за неприкосновени двигатели на општеството. Паметна држава треба да пресмета колку точно ја чинело ваква криза и кои се причините. Колкав дел од загубите се заради надворешни фактори (пр. затворени пазари, граници), а колкав се должи на нашето секојдневно однесување, без исклучок. Истата таа паметна држава ќе треба да реши и како натаму ќе ги вложува своите ресурси. Да ја заврши стратегијата за паметна специјализација, која ќе покаже каде треба да вложува пари што реално ќе се вратат, каде мора, бидејќи е национален интерес, а каде може да остави пазарот да го регулира опстанокот. Да сфатиме еднаш, ама и да си кажеме што бива, што не бива. Дека не сме толку богати да си дозволиме континуирано одржување на гласачка база во јавен сектор или надвор, сеедно. Дека не сме толку богати да си дозволиме да штедиме на јавно здравје и на квалитетот на образование. На крајот, не сме навистина толку богати да школуваме млади луѓе и буквално да ги даваме на тацна на западните земји како готов кадар. Кога ќе стигнеме до оваа фаза, тогаш можеме да зборуваме дека сме на прагот на еден нов развоен концепт на државата, со јасен концепт базиран на образование, здравство и млади односно свежи идеи. 

Имаме ли капацитети тоа да го направиме?

Оваа земја се` уште има доволно капацитет да дефинира нов развоен концепт и да го спроведе. Ова го кажувам потполно свесен дека имаме значајна загуба во критичкиот потенцијал на општеството во изминатите 10-15 години, заради одливот на млади луѓе. Ова го кажувам иако сум потполно свесен дека капацитетот во голема мерка зависи и од политичката волја, но од друга страна охрабрен од она што го гледам низ резултатите на Фондот. Над 50% од портфолиото на ФИТР се стартап компании претежно основани од млади луѓе. Успеавме со вистински пристап и мерки да поттикнеме голем број млади, па дури и во услови на криза да отворат свои компании и да инвестираат во сопствени бизниси овде, дома. Дополнително, настаните од последниве 2-3 години покажаа дека сепак има и волја и капацитет да се разбере неопходноста од тешки одлуки, како што беше на пример договорот со Грција. Искрено се надевам дека ни требаат многу помалку од 25 години за да го стартуваме новиот развоен концепт во кој младите ќе бидат во фокусот. Едноставно секој денар вложен во младите е влог во иднината на земјава!

Бевте и се` уште сте цел на критики и напади за непотизам, поддршка на проекти по политичка линија? Можеме ли во вакви усови да очекуваме успешен бизнис модел, ако тој доминантно е подложен на политички влијанија?

Критика има и ќе ја има. Добронамерната е секогаш добредојдена и многу внимателно ја слушаме. Но, има и критика која е единствено мотивирана од исходот на оценувањето. Ако е позитивно, ФИТР е супер, ако не, тогаш не чиниме. Во оваа држава се` уште има луѓе што мислат дека доколку се познаваат со некого, со директорот или министерот парите им се едноставно загарантирани. Ама, нема така. Им ставивме стоп на сините коверти, партиските книшки и роднинско-комшиските врски во доделување на јавни средства. Во партнерство со „Транспаретност интернешнал" изработивме и Протокол за проценка на ризик кај компании со носители на јавни функции. ФИТР е единствена државна институција што бара декларирање на носител на јавна функција при само аплицирање. Оваа практика најблиску во регионот ја има во Хрватска. Оценувањето е целосно надвор од рацете на јавната служба и политичарите. Токму затоа, кај компаниите што се финансираат од Фондот се регистрира 71% раст на добивката во просек во 2019 година во споредба со предходните години. Имаат раст од 11% во приходите, а компаниите уплатиле 3,5 милиони евра повеќе во јавните фондови за 2019 отколку ФИТР што исплатил кон економијата во истата година. Тоа значи дека три и пол милиони евра во буџетот останале повеќе како резултат на работењето на овие компании, тоа се повеќе пари за училишта, патишта и други реални потреби на граѓаните. Сметам дека овој модел, ако се примени и во другите институции, значително ќе придонесе во јакнење на довербата на приватниот сектор кон јавниот.

Nord-Mazedonien Jovan Despotovski
Деспотовски: Се` уште има луѓе што мислат дека доколку се познаваат со некого, со директорот или министерот, парите им се едноставно загарантираниФотографија: DW/K. Delimitov

Како институција имате амбиција, но и правите конкретни чекори Скопје и С. Македонија да ги позиционирате како регионален центар за иновации и технолошки развој. Што ќе значи ова за нас како држава и мала економија?

Берлинскиот процес отвори широки економски потенцијали за регионот. Мислам дека сме меѓу првите што го согледуваме тоа. Си рековме вака: С. Македонија е мала земја. Тешко дека би привлекле посериозен интерес од приватните инвестициски фондови. Ајде да направиме нешто што може да ни даде предност. И, така се роди идејата ФИТР да прерасне во регионален иновациски фонд, со 12 пати поголем пазар од постојниот. Наши партнери станаа Светскиот економски форум, како и Регионалниот совет за соработка. Направија студија која покажа дека С. Македонија разви успешен модел на финансирање на иновации и технолошки развој. Имаме поддршка од повеќе билатерални агенции за развој. Проектот е презентиран и лично на еврокомесарот за соседска политика Вархеји. Следната недела ќе реализираме трет циклус на директни разговори со земјите од регионот за концептот на организација и управување на регионалниот Фонд. Паралелно, со Светска Банка и поддршка од Амбасадата на Велика Британија работиме на реструктурирање на ФИТР, што ќе овозможи реализација и на овие регионални операции. Очекуваме регионалниот фонд да учествува во реализација на пакетот за економска поддршка на регионот што тежи 3,3 милијарди евра, што беше најавен на Самитот на ЕУ во Загреб.

Бизнисот е генерално против избори, посебно кога тие се доста чести, како што е случајот кај нас. Еве, повторно сме пред вонредни парламентарни избори. Што очекувате од 15 јули, стравувате ли од можни дополнителни посериозни потреси?

Сакам да верувам дека постои доволно свест во политиката за можни последици од какви било потреси по изборите. Лично, сметам дека општеството има изградено капацитет за справување со тензии, иако тоа можеби не е секогаш така видливо. С. Македонија денес е членка на НАТО и почнува преговори со ЕУ. Клучни прашања за опстанокот се решени, а претстои период кога треба да ја искористиме добивката од сето ова. Затоа сметам дека секој обид за потреси нема да заврши со очекуваниот ефект. Секако, добро е да се заврши со изборите и да се формира Влада со јасен политички мандат, што ќе работи со полн капацитет за сите. Нормалните држави ќе продолжат да живеат и по кризата, а наше е колку брзо ќе им се придружиме во тоа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи