Дојче веле исклучено во Венецуела
15 април 2019
„Нема сигнал“ - ваква информација од вчера добиваат гледачите во Венецуела кои сакаат да го гледаат каналот на шпански јазик на Дојче веле. ТВ-сигналот на ДВ во таа земја е исклучен. Засега не е познато зошто венецуелскиот Комитет за комуникации Конател го има направено тоа.
Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, од венецуелските власти побара повторно вклучување на сигналот на ДВ. Тој истовремено укажа дека известувањето на ДВ во врска со Венецуела, а особено многу гледаните дневни емисии на актуелни теми со кои ДВ информира за состојбата во земјата, може да се гледаат и преку социјалните медиуми и Јутјуб-каналот на ДВ. „Се разбира, и натаму ќе правиме сѐ за да ги информираме нашите гледачи и корисници во Венецуела“, нагласуваат директорот Лимбург и главната уредничка на ДВ, Инес Пол.
Министерството за надворешни работи во Берлин побара од Венецуела повторно да го вклучи сигналот на шпанскиот ТВ-канал на Дојче веле. „Очекуваме брзо ревидирање на оваа одлука“, изјави портпаролка на министерството. „Слободата на печатот и слободата на мислењето се важни и Сојузната влада се залага консеквентно за нив.“
Синдикатот на венецуелскиот печат по исклучувањето на каналот на ДВ соопшти: „По укажување на Националниот комитет за комуникации Конател, од мрежата е исклучен сигналот на @dw_espanol. Тоа е важен меѓународен медиум кој во делови од својата програма информираше за сите аспекти на кризата во Венецуела.“
Повеќе:
„Битка“ за Венецуела во Советот за безбедност на ОН
Се бара одземање на имунитетот на Гуаидо
Дојче веле со својата 24-часовна телевизиска програма на шпански јазик неделно допира до 17 милиони гледачи. Реакциите на социјалните мрежи во Венецуела покажуваат дека луѓето особено се интересираат не само за случувањата во нивната земја, туку и за реакциите на венецуелската криза во Германија и Европа.