1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ештон: „Нема гаранции за успех“

ЖА/дв/миа/ртре9 март 2014

Кетрин Ештон, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика првпат е во посета на Иран, што е историски момент според експертите. Но, дали и резултатот ќе биде историски, не е извесно.

https://p.dw.com/p/1BMPe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Преговорите за иранската нуклеарна програма меѓу Техеран и големите светски сили се „тешки“ и нема „гаранции за успех“ за постигнување конечен договор, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, која вчера пристигна во прва посета на Иран.

„Времениот договор е многу важен, но е толку важен колку и конечниот договор за кој се преговара“, истакна Ештон на заедничката прес-конференција со иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.

„Започнавме тешки преговори, со многу предизвици, и нема гаранција за успех. Многу е важно иранскиот народ да ги поддржи напорите на шефот на дипломатијата и неговиот тим за да се дојде до постигнување договор“, додаде Ештон.

Групата „5+1“ (петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН: САД, Русија, Велика Британија, Франција и Кина плус Германија, н.з.) во ноември минатата година склучи времен договор со Иран и моментно води тешки преговори за конечен договор со цел да се реши нуклеарниот проблем на Техеран.