1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Србија - од вице до премиер?

Немања Рујевиќ / Александар Методијев14 март 2014

На предвремените парламентарни избори во Србија одново ќе се распределат пратеничките места. Вицепремиерот Александар Вучиќ сака да стане премиер, што е многу веројатно. На опозицијата и’ е потребно чудо.

https://p.dw.com/p/1BPNt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот радикален националист, а сега убеден Европеец, 44-годишниот Александар Вучиќ, во кампањата за предвремените парламентарни избори, закажани за 16.03.2014 година, наместо за Голема Србија зборува за реформи. Зборува и за борбата против корупцијата - неговата омилена тема. На негово барање, на крајот на 2012 година беше притворен Мирослав Мишковиќ, бизнисмен со богатство од неколку милијади евра, кој наводно бил вклучен во нелегални активности за време на приватизацијата на државната сопственост. Оттогаш расте популарноста на Вучиќ. Според анкетите, неговата Српска напредна партија би можела да освои 45 проценти од гласовите на овие избори.

Досега неговата Српска напредна партија ја дели власта заедно со социјалистите на Ивица Дачиќ. По 16-ти март Вучиќ би можел да стане шеф на српската влада.

serbischer Politiker Aleksandar Vucic
Вучиќ освен од народот, ја има и поддршката од медиумите, кои се надеваат на државни пари од рекламиФотографија: picture-alliance/dpa

„Ова е шанса која Српската напредна партија не смее да ја пропушти. Таа сакаше да се спроведат избори пред очекуваното проширување на рецесијата, неопходното кратење на работни места во јавниот сектор и протестите на синдикатите“, вели професорот Зоран Стојиљковиќ од белградскиот Факултет за политички науки.

Големи ветувања

Земјата страда поради невработеноста од 27 проценти. Јавниот сектор важи за надуен - од 7,1 милион граѓани, работа во јавната администрација имаат 800.000 лица. Многумина од нив своите работни места ги имаат добиено благодарение на партиите.

„Најголемите партии спорадично предупредуваат на тоа дека заздравувањето на економијата може да биде болно. Но, во исто време тие ветуваат безброј работни места, подобар живот и инвестиции“, забележува за Дојче веле Ѓорѓе Влајиќ, уредник во државното „Радио Белград“.

Boris Tadic ehem. Präsident Bosnien Herzegowina
Ќе биде ли Борис Тадиќ новиот министер за надворешни работи на Србија?Фотографија: picture alliance/dpa

Српската напредна партија триумфално го најави градењето на „Белград на вода“, односно на високотехнолошка населба на реката Сава во центарот на главниот град, Белград. Речиси три милијарди евра треба да даде инвеститорот од Обединетите Арапски Емирати. Се зборува дека со проектот ќе бидат отворени нови 200.000 работни места. Престижниот проект важи за најважниот триумф на Александар Вучиќ за локалните избори во Белград, кои ќе се одржат паралелно со парламентарните избори.

Косово беше вчера

Дарежливи ветувања - тоа е константа во изборната кампања на различни партии. Спротивно на тоа, зборот „Косово“ се користи многу ретко. Поранешната српска јужна покраина во 2008-ма година еднострано прогласи независност и во меѓувреме е признаена од повеќе од сто држави. Иако Белград не го прифаќа суверенитетот на Косово, владите на двете земји неодамна потпишаа повеќе договори. Со тоа беше исполнето едно од најважните барања на Брисел до Белград, по што во јануари годинава Србија стана кандидат за членство во ЕУ. Новинарот Влајиќ вели дека сега е невозможно скршнување од патот кон Европа.

„Против членството во ЕУ се само силно патриотски означените партии. Останатите цврсто се држат на својот избран курс кон Европа“, вели Влајиќ.

Според проценките, националистите на изборите би можеле да освојат од 10 до 15 проценти од гласовите. А, тоа не е доволно за играње одлучувачка улога во составувањето на владата.

Расцепкана опозиција

Борис Тадиќ, претходниот претседател на Србија, по изборниот пораз во 2012 година мораше да се повлече и од позицијата претседател на Демократската партија. Тој ја основаше Новата демократска партија. За разлика од традиционалната партија, новите демократи на Тадиќ срамежливо најавија можна соработка со Вучиќ. Се проценува дека оваа партија ќе го прескокне прагот од пет проценти за влез во парламентот, а Тадиќ веќе се споменува како иден министер за надворешни работи.

Wahlkampagne Serbien
В недела, истовремено со предвремените парламентарни избори во Србија, ќе се одржат и локални избори во БелградФотографија: DW/I. Petrović

Политикологот Бранко Радун за Дојче веле оценува дека „целата демократска опозиција се чини како да не е подготвена и како да е раскарана“. „Темпераментот и политичкото етикетирање доминираат на сцената“, вели Радун. Тој смета дека под знак прашалник се става дали вака расцепканата опозиција може да врзе доволно гласачи за себе.

Неединството во опозицијата е вода која тече кон воденицата на Александар Вучиќ. Тој има влијание и врз медиумите. Жолтиот печат секојдневно е во лов на политичари од опозицијата и објавува валкани приказни за противниците на Вучиќ. Истовремено, речиси насекаде можат да се прочитаат само суперлативи за Вучиќ. Газдите на медиумите сметаат дека не е лоша идеја да се лобира за силниот човек, и веројатно следен премиер, бидејќи се зависни од државни пари за реклами.