Иран отворен за бизниси вредни милијарди
21 јули 2014
Без разлика дали се работи за Ајпед, Ајфон или Мекбук, производите на американскиот концерн Епл се продаваат, без оглед на санкциите, од средината на 2013. година во Иран. И тоа со благослов на американската влада. „Да сакаше некоја германска фирма да продава електронски уреди во Иран, тоа немаше да и биде дозволено бидејќи би добиле ознака „Dual-Use“, вели Хелене Ранг, раководител во Здружението за Блиски и Среден Исток. „Dual-Use“- двојна примена, е термин за апарати кои можат да се користат како во цивилни така и во воени цели, што е случај со мобилните телефони и компјутери.
Поради атомската програма, меѓународната заедница на Иран со години му ги заоструваше санкциите. Во прв ред забранет е увозот на нафта од Иран, а замрзнато е и банкарското и финансиското работење, како и извозот на машини и технологија кои имаат двојна примена.
Кинезите и Русите профитираат
Пред воведувањето на санкциите, германската економија имаше одлична соработка со Иран, пред сѐ компаниите од средна големина во областа на машинството, петрохемијата, рударството и трговијата на мало. Германија во 2006. беше втор по важност трговски партнер. Осум години подоцна, состојбата е сосема поинаква. Земјата која најмногу профитираше од санкциите кон Иран е Кина. Кинезите, Русите и Турците ги пополнија празнините кои оставија земјите од Западот.
Но, состојбата за компаниите од Западот сега би можела да се смени. Новиот ирански претседател Хасан Рохани се залага за подобра соработка. Од ноември 2013 година, петте постојани земји-членки на Советот за безбедност и Германија водат директни преговори со Иран во Виена. Меѓународната заедница сака Иран да го намали развојот на атомската енергија. За возврат, Западот делумно ги намали санкциите и нуди нивно укинување во поголем обем. САД на банкарските сметки на Иран постепено уплаќаат дел од замрзнатите милијарди долари, добиени со продажба на нафта.
Резерви на нафта и гас
Иран е една од најбогатите земји со нафта, а има и големи резерви на гас, чии капацитети треба да се доистражат. Често се користи застарена технологија поради санкциите. Даниел Бернбек од германската стопанска комора смета дека на среден рок со Иран може да се воспостави трговски волумен од 3 до 6 милијарди евра годишно. Многу фирми веќе работат на забрзан влез на иранскиот пазар по намалувањето на санкциите.
Во САД веќе траат подготовките за основање на американско-иранска трговска комора. Медиумите неодамна објавија дека е потпишан преддоговор вреден милијарди евра меѓу американскиот концерн „Ворлд Еко“ и иранската влада. „САД ги злоупотебуваат санкциите за да се одомаќинат на иранскиот пазар пред конкурентските фирми од Европа“, тврди иранскиот амбасадор во Германија, Али Реза Шеик Атар.
Хелене Ранг смета дека германските фирми треба да побрзаат. „Шансите се сѐ уште добри. 80 проценти од машините и постројките во Иран потекнуваат од Германија. Оној момент кога санкциите ќе се олабават, почнува огромен бизнис со резервни делови и материјали. Со оглед на високите цени на нафтата, Иран наскоро би можел да дојде до огромни количини пари кои би му овозможиле големи вложувања“, вели Хелене Ранг.